top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Павиљон бр. 6 и други раскази


Автор: Антон Павлович Чехов

Година на издавање: 1892

Жанр: повест

Наслов на оригиналот: Пала́та № 6

Осврт:

Антон Павлович Чехов се вбројува меѓу најзначајните претставници на доцниот реализам во Русија, а воедно во светската литература и со својот уникатен творечки стил се истакнува од претходнопознатите одредби кои го карактеризираат именуваниот правец.


Со својата карактеристична форма на прозното творештво, амбиенталниот карактер и силниот психолоши елемент во меѓудејството на ликовите, Чехов оддава ненаметлива, но непобитно силна критика на времето и просторот во кој живее. Една од дефинирачките особености на делото на Антон Павлович е особената подробност на амбиенталниот опис во кој се вградува основата на чеховата кртитика.


Соодветно, оваа карактеристика е изразито воочлива во новелата „Павиљон број 6“каде авторот, дејството го гради врз основа на непосредна критика на рускиот здравствен систем во деветнаесеттиот век.


Тргнувајќи од истиот, Чехов ја повлекува основната нишка која е пронижана низ општочовечкото во обезличеното општество, што е тенденција забележана во општиот карактер на неговото творештво.


Аналогно на тоа, во расказот „Смртта на Чиновникот“, Чехов, фабулата ја гради врз едноставен, сечовечки настан неодминлив за секој слој на општествената стратификација.


Апсурдната нефункционалност на основната компонента на животот на секое социјално и индивидуално битие се покажува како иклучително соодветна подлога врз која ќе биде израдено меѓудејството на ликовите.


Главниот носител на дејството, лекарот Ефимич портретира човек кој тежнее кон суштината, илустрирано со нагласениот афинитет кон религијата и философијата, но воедно се пронаоѓа во основата на општествениот апарат и станува негов функционален дел.


Ваквата дихотомија бргу го доведува до насушноста да посегне по смислата на своето дејствување и бидувајќи соочен со неговата бесмисленост соодветна на апсурдноста на обезчовечениот механизам на колективно чоеково функционирање бргу потфрла во својата основна задача- да биде лекар кој лекува.


Ваквото разглобување на навидум смисленото, Чехов го воведува како дециден указ на нефункционалноста на она чија функционалност е основа на социјалното живеење.


Ефимич ужива одредено материјално удобрствие и со тоа е апстрахиран од основните бранувања на животот и преживувањето. Ваквото уредување дозволува да прифати еден чисто теоретски пристап кон смислата на индивидуалното постоење, посочувајќи на неговата независност од околината, односно потребата истото да се оддели од надворешните влијанија и среќата да ја пронајде во самиот себе.


Противположно на идеалистичката тенденција на лекарот се поставува ликот на лудиот Громов, пациент во павиљонот број 6 кој заради својата особена чувствителност не го издржува бремето на човековиот механизам кој се одделува од својот творец и функционира како засебен организам кој го надживува истиот.


Громов не ужива простор во кој може да се бави со теоретизирање на благосостојбата, тенденција присутна кај високите општественици, контрадикторно на нивната улога да раководат со она во кое имаат најмалку објективен увид.


Во долгите разговори помеѓу лекарот и пациентот, Ефимич почнува да ја дофаќа онаа вистина по која циот живот посегнува и кога ќе доспее до неа бидуа сурово потиснат од надредената околина која умее да ја прифати нефункционалноста, но не и суштинската проникливост на лекарот.


Откако ќе биде затворен, Ефимич за прв пат ќе го увиди јазот помеѓу реалноста и теоријата на животот, меѓупростор во кој настанува фундаменталното порозно разидување на општественте предводници и сочинителите на општеството.


Ваквиот апсурд претрпува сериозна критика и бидува изустен во именуваната новела на Чехов.


Уште една, непомалку дефинирачка особина на чеховата критика е исмевањето на подлизувањето, неискреноста и нечовечноста во меѓуодносот на социјалните битија присутни во рускиото општество на деветнаесеттиот век.

Оваа речиси патолошка, крајна инстанца на колективното лудило Антон Павлович ја портретира во фабулата на расказот „Дебелиот и слабиот“ каде иронично го приажува контрастот меѓу социјалното и човечкото, а воедно обезличеноста на општественото функционирање.


Симболичната градација на односот помеѓу двајцата пријатели аналогно на постапното осознавање на нивната социјална положба претставува вивидна илустрација на целната критика на авторот.


Антон Павлович Чехов со својот уникатен творечки стил и способност да ги дофати основите на индивидуалното и општественото суштествување успева да постави нов темел во светската книжевност и да стане еден од предвесниците на модерната литература.


Изразитата прозорливост на Павлович кореспондира со неговата исклучителна запознаеност со човекот во својата целост како психосоматско битие, и воедно начинот на кој тој индивидуален, интраверерзумски концепт е интегриран во колективното општествено постоење.


Токму затоа, Павлович се смета за еден од најмаестралните критичари и паметници на своето време и општествено опкружување.


Извадок:


„-Да претпоставиме дека спокојството и задоволството не се надвор од човекот, туку во самиот него, – рече. – Да претпоставиме дека треба да се презира страдањето и дека на ништо не треба да се чудиме. Но, врз основа на што го проповедате вие тоа? Да не сте мудрец? Философ?


-Не, јас не сум философ, но тоа секој треба а го проповеда, зашто е умно.


-Не, јас сакам да знам зошто вие, кога е прашање осознавањето, презирањето на страдањата и слично, се сметате за компетентен? Зарем сте страдале некогаш? Зарем имате поим за тоа што е страдање? Дозволете, ве тепале ли како дете?


-Не, моите родители чувствуваа одбивност кон физичките казни.


-А мене татко ми без милост ме тепаше. Беше суров, имаше мајасил, долг нос и жолт врат. Но, да зборуваме за вас. Во целиот ваш живот никој ни со прст не ве пипнал, никој не ве плашел, не ве удрил; здрави сте како бик. Сте растеле под закрила на таткото и сте учеле на негова сметка, а потоа веднаш сте се грабнале за синекура. Повеќе од дваесет години сте живееле во бесплатен стан, стоплен, осветлен, со прислуга, имајќи притоа право да работите како и колку ви се присака, па макар и ништо да не правите. По природа сте мрзлив и слабичок човек, па затоа сте се труделе така да си го нагодите животот, за ништо да не ве безспокои и да не ве креза од место. Работата сте си ја предале на помошникот и на другата тајфа, додека вие сте си седеле на топло, во тишина, сте збирале пари, сте почитнувале книги, сте се насладувале во размислувања за различни возвишени глупости и (Иван Дмитрич погледна во црвениот нос на лекарот) сте си потпивнувале. Со еден збор, не сте виделе ништо од животот, вие апсолутно не го познавате, а со стварноста сте познати само теоретски. А ги презирате страдањата и на ништо не се чудите од многу проста причина: суетата над суетите, надворешното и внатрешното презирање на животот, страдањата и смртта, осознавањето, вистинското богатство, – се` е тоа философија, што најповеќе му лежи на рускиот дембел.


Ќе видите, да кажеме, како селанецот си ја тепа жената. Зошто да се мешаш во таа работа? Нека ја тепа, сеедно – обајцата ќе умрат, порано или подоцна; а освен тоа, тепачот не го навредува со ударите онега што е долу, туку самиот себеси. Да пиеш е глупо, недостојно, но, и да пиеш и да не пиеш – пак ќе умреш. Ќе дојде селанка, ја болат забите… Е па што? Болката е претстава за болката, а освен тоа без болести не се живее на светов, умирачката е за сите, та затоа жено оди си, не ми пречи да мислам и вотка да пијам. Млад човек бара совет, што да прави, како да живее: пред да одговори, секој друг ќе размисли, а тука веќе одговорот е готов: стреми се кон осознавање на животот или кон вистинското богатство. А што е тоа фантастично „вистинско богатство“? Одговор, се разбира, нема. Не` држат тука зад решетки, не` скапуваат, не` мачат, и тоа е прекрасно и умно, зашто меѓу павилјонов и топлиот пријатен кабинет нема никаква разлика. Удобна философија: и нема зошто да се работи, и совеста е чиста, и мудрец се чувствуваш…. Не, господине, тоа не е филозофија, ни мислење, ни широчина на погледот, туку мрзливост, самоизмама, летаргија… Да! – пак се разлути Иван Дмитрич. –Го презирате страдањето, а да ви го пригмечи прстот вратата ќе зарикате на цел глас!“


Белешка за авторот:

Антон Павлович Чехов (1860-1904) е руски драмски писател, новинар, раскажувач и автор на хуморески. Роден е во едно мало пристанишно место на брегот на Азовското Море, од каде што заминал на студии по медицина во Москва. Во 1880 година го објавува својот прв расказ, а оттогаш до крајот на својот живот објавил многу раскази, шеги, куси раскази и хуморески. Се смета за еден од најпознатите модерни руски писатели од крајот на деветнаесеттиот век. Својата кариера на драмски писател посериозно ја започнува со драмата Иванов (1887), а ја профилира со драмите: Галеб (1896), Вујко Вања (1897), Три сестри (1901) и Вишновата градина (1903). Автор е на новелите Степа (1888), Двобој и Дамата со кученце. Со неговите драми и раскази започнува повеста на новата руска проза и драма. Негоата т.н импресионистипја и надреалистичка драма има својства на модерна трагедија. По долгогодишно боледување од туберкулоза умира во Баденвалер, Германија, во 1904 година. По Првата светска војна, кога неговите дела се преведуваат на англиски и други јазици, Чехов доживува светска слава.

Komentar


bottom of page