top of page
Writer's pictureДамјан Златановски

Прокрастинацијата во доба на индивидуализмот и технологијата

Како што седам пред лаптопот и гледам во белиот екран, сфаќам дека ова е веројатно дваесетиот пат да го отворам денес, со надеж дека конечно ќе напишам нешто. Веќе со недели размислувам за колумнава и што сакам во неа да кажам, но со секој нов обид, се подалеку сум од целта. Долго време помина откако последен пат пишував. Кој знае од кога немам напишано што било. Почнувам да се сомневам дека потсвесно го избегнувам, трудејќи се да се дистанцирам од хаосот и неизвесноста на сето она што ме опкружува.


Десетина драфтови оставив неделава да ферментираат во меморијата од мојот лаптоп со надеж дека ќе добијам храброст да барем од еден од нив направам готов продукт. Сите теми кои ме чекаа ко Годо, се лизнаа во заборавот, а јас некако се најдов посветен на изнаоѓање на причината зад одолговлекувањето на моето одолговлекување. За апсурдот да биде уште поголем, до последен момент го одолговлекував и пишувањето за одолговлекувањето.


По секој свој обид да посочам со прст кон оваа девијација на однесувањето, се наоѓам себе со рака вперена кон модерните дигитални трендови и последиците на пандемијата. Наставата на далечина, состанувањето на „Зум“ и „Гугл мит“, видеоповиците како супститут за прегратка и дистанцирањето од секојдневните одговорности ја репрограмираа нашата природа. Програмата која требаше привремено да врти за наша заштита, заглави во бесконечено повторување кое постави нови дефиниции за нормалното. Пандемијата заврши, но менталитетот на носење долен дел пижами со кошула и вратоврска и вклучување на состаноци една минутка пред закажаниот термин, останаа со нас.


Ирационалното и потсвесното одолговлекување на работите и несериозноста на нашите постапки, не се единствените нуспојави кои ги чувствувам кај себе и опкружувањето. Всушност нова пандемија која зазема се поголем број жртви е индивидуализмот. Станавме толку фокусирани на сопствените потреби и желби што ја занемаривме општествената благосостојба. Колективната свест ја заменивме со ламтежење до недоглед. Впрочем немаме колектив, туку безброј индивидуални светови кои орбитираат околу сопствени оски во проширен его-систем.


Да не се разбереме погрешно, филозофијата зад индивидуализмот и општествената положба на индивидуата која има моќ да одлучува за своите права и слободи, автономија и самодоверба, живеењето по траекторијата на сопствените доблести, неограничени од колективните бариери, го претставуваат сето она кое јас како индивидуа го застапувам, но проблемот настанува кога сопствената себичност, нарцисоидност, немоќност и алчност ги наметнуваме на средината под флоскулот на индивидуализмот.


Ваквото однесување не само што е канцерогено за колективот, туку е и детриментално за его-синтоникот. Паднати во земјата на сопствените чудесии ја заборавивме големата слика на реалноста. Изгубивме чувство за вистинските општествени вредности, емпатијата, сочувството и заедништвото. Но, не можам да кажам дека ова е (целосно) наша вина. Бевме робови на пандемијата, форсирани да живееме изолирани во страв, осаменост и очај. Од луѓе со лице, тело, емоции и глас, станавме слики, емотикони и илјадници километри видеа со несуштинска природа. Полека, станавме најразвиените андроиди на пазарот - врв на модерното инженерство.



 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.

Comments


bottom of page