Естетиката како философска дисциплина во својот комплекс на термини со кои оперира стручно го воведува терминот „естетско доживување“. Тоа би значело она доживување што гледачот/читателот/слушателот или било кој друг што ја вприма уметноста го има кога восприема уметност. Воздишките се несомнено поврзани со ваквото естетско доживување. Зошто? Бидејќи тие се една од оние работи кои нашето тело (а можеби и душата) ги испушта кога восприема уметност и кога естетски доживува некое уметничко дело.
Воздишките можат да бидат од убавината на уметноста, од нејзината возвишеност, од комичното во уметноста, но и од трагичното, од уметничкото грдо, лошо, питорескно, милно, мило... Сите во некој момент сме се фатиле себе како испуштаме воздишки при восприемање на уметност и тоа без разлика дали станува збор за некоја театарска претстава, филм од било кој жанр, поезија, расказ, роман, сликовница, фотографија, слика, цртеж, графика, музика – и инструментална и исполнета со вокал, нечија беседа или научен текст.
Издвојувам три воздишки за три уметности, неделен избор од поезија, фотографија и музика, дела кои предизвикуваат воздишки токму поради тоа естетско доживување!
1 – Поезијата на Д.А. Лори (Извадоци од збирката „Ќе фатит бран“)
Од оваа збирка „ќе те фатит страв“, но и ќе бидеш обземен од возвишеност на езерото, но и од силината на комплицираноста на едноставните зборови во песните. „Ќе фатит бран“, „Меѓу две невремиња“ и „Желба“ предизвикуваат воздишки!
Ќе фатит бран
Стојам над езерово.
Доаѓа голем син ѕид,
син ѕид од бранови.
На нешто потсеќа.
За малку ќе речев
ме потсеќа на смртта
која неодложно, неуморно
му се доближува на животот.
Доаѓа голем, син ѕид од:
Не може да ми е
помалку гајле за смртта
сега, овде.
Меѓу две невремиња
Лежи твоето голо тело
испружено и тивко, покрај вода,
лежи твојот ум во него,
меѓу вас и светот, ѕид од тајни,
ветрот ги вее како алишта на жица,
летаат како бели кошули на небото,
прават знамиња од мислите в глава,
се креваат високо, умот ги следи,
стражари и патролира, го варди
она парче слободно небо
фатено меѓу две невремиња.
Желба
Да си дрво покрај вода,
да си камен во вода,
да си место без време,
мое каде без кога.
2 – Фотографии на Игор Аврамовски
„Да си дрво покрај вода“ вели Лори – изгледа секогаш покрај брановите има и шума. Воздишки од шумските кадри на Игор Аврамовски – изгледа секогаш кога ја гледаш возвишеноста на езерото, ја гледаш и на шумата. И тогаш воздивнуваш!
3 – Музика на Lufthansa
A низ шумата – цвеќиња, а во центар една, најважна, мала група возвишено ЦВЕЈЧЕ. Кога ќе го набереш, воздивнуваш!
Comments