top of page
Writer's pictureКултура β

Радмила Петровиќ: Се радувам дека повторно доаѓам во Скопје

Со песната „Одеците на шумата“ ја најавуваме Радмила Петровиќ, учесничка на Интернационалното поетско читање во рамки на вториот Скопски поетски фестивал кое ќе се одржи на 31 август во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19 часот.

Одеците на шумата


вистина е дека еднаш

спасив срна од ловџиска пушка

и дека тато потем случајно

го покоси нејзиното срнче


зар татковците не им го прават тоа редовно

на своите ќерки?


1. Какво е твоето мислење за поетските фестивали и зошто се важен дел од културата?


Мислам дека поетските фестивали се многу значајни. Од една страна, овозможуваат домашната публика да ги запознае и домашните и странските поети, а исто така помагаат и уметниците да се запознаат меѓусебе, да се поврзат и да откријат нови извори на инспирација.


2. Што е она што според тебе е најубавото што го нудат поетските фестивали?


Мене најубав ми е контактот со публиката и можноста да слушнам поезија од колега чијашто поезија дотогаш не сум ја прочитала.


3. Какви се твоите очекувања од Скопскиот поетски фестивал, се радуваш ли на средбата со македонските поети и македонската публика?


Се радувам дека повторно доаѓам во Скопје, имам убави впечатоци од мојот резиденцијален престој минатата година што беше дел од проектот „Ридинг Балканс“. Вашата публика е срдечна, а поезијата што ја пишуваат македонските колеги е навистина квалитетна.


РАДМИЛА ПЕТРОВИЌ (1996, Ужице) пораснала во Ступчевиќи, Ариље. Дипломирала на Економскиот факултет во Белград, каде што ги завршила и магистерските студии. Како лауреат на 42. „Лимски вечери на поезијата“ ја објави стихозбирката „Мирисот на земјата“ (Дом на култура „Пиво Караматијевиќ“, Прибој, 2014), а како победник на 22. Поетски конкурс „Десанка Максимовиќ“ збирката „Целулозен рокенрол“ (СКЗ и Ваљевска гимназија, Ваљево, 2015). Застапена е во антологии, во домашни и во меѓународни списанија. Учествувала на бројни фестивали и поетски читања низ Европа. Нејзината трета стихозбирка „Мајка ми знае што се случува по градовите“ (ППМ Енклава, 2020) се продаде во над 8 000 примероци, влезе во потесен избор за неколку домашни награди за поезија и во финалето за регионалната награда „Стјепан Гулин“. Оваа збирка беше објавена во Македонија во 2021 г. од „ЛАГ Агро Лидер“, а се подготвува и полско издание. Нејзината поезија е преведена на: англиски, германски, француски, грчки, италијански, словенечки, шпански, хебрејски и други јазици. Таа е стипендист на Владата на Република Србија, а престојувала и на книжевни резиденции во Скопје („Ридинг Балканс“), во Берлин („Традуки“), во Виена (“Q21”) и др.

Yorumlar


bottom of page