top of page
Writer's pictureНаде Циева

Огледи и разгледи: Ретроспективна изложба на Златко Трајковски - Хинки

Како и многу од изложбите од страна на Националната галерија, така и оваа е ретроспективна  и има за цел потсетување, славење и овековечување на наш уметник. Почетоците на творештвото на Хинки, кои се клучни за секој уметник и формирање на неговиот стил, се во 80те години. Тој временски период сосе културолошкиот како и општествениот контекст кој го носи со себе е значаен и се потенцира во одразот кој го има на делата на Хинки. Во неговиот опус има различни медиуми за изразување и комуницирање со публиката. Иако бил дипломиран графичар, сепак се бавел и со сликарство, видеа, но и музиката како пасија и клучен, директен комуникациски медиум. Па затоа тој бил и дел од бендот Vermilion Deviate, но и уметничкиот колектив „Група Зеро“ подоцна именувана во „Колектив Зеро“. Во секое дело на Хинки може да се забележи типичен младешки дух и бунтовност која се манифестира во огромна експресија на секое поле исполнета со чувства, мисли и пред сè силен став. Без разлика на возраста на која твори, очигледната е неговата замисла која останува непроменета и непоколеблива, а таа е изразување и општење преку сите медиуми кои му се наоѓаат при рака. Неговите дела се рефлексија и образец за човекот како суштество и тоа издвоено како индивидуа, но и во рамки на заедницата и во општеството. При тоа, мое клучно видување од оваа изложба е дека покрај отуството на образложение или именување на делата, сепак тие со себе носат индиции и јасни одлики на карактерот на творецот. 


Делата на изложбата се претежно разнобојни, шарени и експресивни, со чест приказ на лица и делови од телото. Покрај сето шаренило, има многу дела кои се колажи составени од секакви слики, текстови и разноразни медиуми. Меѓу највпечатливите во првата изложна сала се: 

              

                                      

Тоа што кај овие претстави на лица, очите се затворени многу јасно сугерираат на внатрешната емотивна состојба на овие субјекти. Токму поради и дифузијата на пастели и употребата на овој медиум, беспрекорно се прикажани емотивни состојби и чувства, кои создаваат од старт одреден амбиент во сликарството на Хинки кој се темели на човечката психа и емотивност. Уште поинтересен показател на тоа е што позадината во која ги претставува овие „лебдечки” глави која е најчесто неконкретна, хаотична небесна. Нормално не е тоа стриктно правило или детаљ на сликите, со оглед на тоа што еден од поинтересните колажи е претстава на маж и жена во симулирана и комбинирана позадина. 

Мојот впечаток и толкувања на ова конкретно дело е претстава на „архетипи“ на мажот и жената во општествен и социјален контекст. Од една страна одделно се изработени нивните тела, кои се стилизирани и женското дури голо, додека нивните глави се отпосле додадени и залепени. Мажот носи околу вратот крст, а неговото лице е тотално нереалистично, па дури и вознемирува. Тој наместо коса има боцки, црвени очи, пирс на носот и издолжена, отворена уста која наликува на кловновска. Жената исто така има слична уста која алудира на вагина, на челото има ајкула, а од главата и никнуваат пипалки. Околу нив има згради, слика од друга жена, природа и сл. Целата композиција делува, наизглед, на исмевање на каноните и идеалите на бидување маж и бидување жена. Овој анти однос и пристап на нормите е баш тоа што на сите им било отсекогаш заводливо и привлечно. Покрај тоа постои и елемент на фантазија и имагинација, преку кои одново добиваме можност да се искажеме и претставиме себеси, на оној начин на кој посакуваме и се доживуваме.

Покрај овие условно наречени портрети, во соседната сала има серијал на дела, кои според мене имаат компонента која ги обединува. Сличноста на овие дела е во тоа што сите имаат повторно неконкретни позадини, а во центарот натрупани облици составени од секакви фигури и форми. Тие маси во средината на композициите концентрично се разгрануваат и изретчуваат во позадината која во контраст е многу поедноставна и сталожена. Првата асоцијација ми е тесно поврзана со митолошките верувања, како и научните на Жорж Лементр за Големиот судир. Поконкретно за ставот дека светот настанал од нибиднина(хаос) од која почнала да „раѓа“ и создава сè околу, влучувајќи нè и нас. Во овие хаотични купови има лица, раце, тела, фрагменти кои наликуваат на градби, правилни и неправилни форми. Па затоа и ги толкувам како космички и онтолошки, сочинувајќи го светот и неговиот настанок кои не се согледува со сетилата, туку со нашето чувствување и доживување на метафизичко, психичко и емотивно ниво. 


Освен ликовните дела, изложбата ја сочинуваат и три видеа. Првите две се уметнички перформанс, а третото е од музичка изведба на  Vermilion Deviate на песната „Криза“. Првото видео кое се прикажува е именувано „Блискост“ во кое е одиграна сцена на портретирање, каде што Хинки е уметникот. Изменично покрај нарацијата на сликањето на портрет се појавуваат мотажи кои се гласни, нејасни и будат непријатни чувства. Додека во главните наративни сцени се постигнува доближување меѓу уметникот и субјектот, не само физичко туку и емотивно. Уметникот постојано се измачува оддалеку да ја доживее жената која ја портретира, сѐ до моментот кога ќе престане да ја доживува само како модел туку како живо битие кое заслужува да биде подлабоко откриено и осознаено без да биде реплицирано за сопствени цели. Темата околу уметникот и неговата муза/субјект е често разработена и дискутирана, поради значајноста која ја има во создавањето на уметноста, особено таа која е искрена и веродостојна за човечкиот живот, каде пред сè се става акцент на идивидуата а не стереотипните, безлични прикази. Следното видео кое се нарекува „Драма на прогонот“ е претстава на животниот циклус, чијшто крај е смртта, симболично прикажана преку черепот опкружен со ѓердан од заби. Целото видео се состои од различни моменти, еден во кој се гледа љубовта меѓу маж и жена, потоа драматично згаснување на животот со легнати луѓе во трева која гори со пламени околу нив. 

Покрај самостојното творештво на Трајковски, една од салите е посветена на дела од „Колектив Зеро“. Во него има мурал, гипсени глави, видео од поранешна изложба и дела кои спаѓаат во колективното, групно творештво на Хинки и останатите членови Ацо Станковски, Горанчо Ѓорѓиевски, Стеван Шашков, Ибрахим Беди, Синиша Цветковски, Зоран Јаневски, Миодраг Десовски и Сашо Јовчевски.

Тоа што е неспорно во творештвото на Хинки е неговото присуството, кое  е силно, цврсто и индивидуално настроено. Во секое негово дело е вметнат сегмент од неговиот карактер, неговите ставови, мислења, чувства преку кои ни дозволува и овозможува пристап до неговата подлабока свест и психа. Кај него, неговата отвореност и транспарентност е тоа што највпечатливо и примамливо се одразува во делата. Оваа изложба не е само ретроспекција на неговото творење и материјални остатоци, туку и премин кон откривање на Хинки како човек. Човек кој многу мисли, рационализира и повеќе од се чувствува со цел ненаситно и страсно да го доживува светот околу него и оној кој што го создал со неговата бурна имагинација и интелект. Па затоа доколку немавте прилика да ја посетите оваа прекрасната изложба, се надевам дека ова служи како водич низ светот на извонредниот уметник Златко Трајковски-Хинки.   


Comments


bottom of page