Сандра Ѓоргиева ‒ консултант за режија и монтажа на поетските филмови „Вардар“ според песна на Анте Поповски, „Паркот те помни“ според песна на Владимир Мартиновски, „Летна соната за мојот град“ според песна на Андреј Ал-Асади и „Комуна Капиштец 2001“ според песна на Јулијана Величковска, за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ што ќе бидат проектирани на 1 септември со почеток од 21 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во рамки на 2. „Скопски поетски фестивал“.
1. Што мислите за жанрот поетски филмови/видеа?
‒ Слободата што ја даваат поетските филмови е поголема од играните и документарните, и баш поради тоа беше предизвик за мене. Со Марија се обидовме да створиме концепт во кој визуелната линија има своја засебна наративна структура која на некој медитативен начин ја поткрепува наративноста во поезијата, притоа внимавајќи тоа да не е демонстративно или директно. Тие две линии кога ќе се склопат заедно треба да ја пренесат емоцијата што ја имал авторот додека ги пишувал стиховите. Се надевам дека успеавме во тоа.
2. На какви предизвици наидовте додека работевте на филмовите?
‒ Секако дека буџетот игра голема улога во квалитетот на која било креативна форма. Како што треба да се охрабруваат младите да пишуваат и да читаат повеќе поезија, така треба да се побара и од институциите да вложуваат повеќе финансии во поетските фестивали. Имаме прекрасна македонска поезија што заслужува да добие поголема јавна поддршка.
3. Што ви беше најубаво во процесот на работа на филмовите?
‒ Многу ми е драго што сум дел од овогодинешното издание на фестивалот и што успеав креативно да придонесам со моето искуство.
Сандра Ѓоргиева е режисер и монтажер, која моментално работи во Скопје, Македонија. Дипломираше на Факултетот за драмски уметности, на Катедрата за Филмска и ТВ монтажа. Нејзиниот студентски документарен филм „Зелени sидови, црна храна“, беше избран во Официјалната програма на „Сараевскиот филмски фестивал“, како и на голем број други фестивали ширум светот. Нејзиниот дипломски краток игран филм, мјузиклот „Црно и бело“, е успешно прикажан на меѓународни фестивали. Покрај други проекти, таа активно работи и на актуелни ТВ серии. Во моментов таа е во постпродукција со нејзиниот нов краток филм „ Еден тон сладолед“, поддржан од Агенцијата за филм на С. Македонија, со кој што 2021 освои награда за најдобро претставување во склоп на Pack&Pitch програмата и стана дел од талент кампусот на Сараевскиот фестивал.
Comments