Во рамки на рубриката „Лик на месец“, овој септември ни гостува младата поетеса и добитничка на наградата „Млада Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, Филипа Сара Попова.
Попова ја добива наградата за стихозбирката „Скршен терариум“ која Струшките вечери на поезијата и ја издадоа по добивањето на наградата. Во предговорот на книгата, поетесата Виолета Танчева-Златева вели: „Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата. Во неа има „жед за песна“, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет. Некогаш таа отворено нѐ повикува: 'Ајде да сонуваме / како се уништува уништувањето / и како изумрените видови /се враќаат во својот дом.' („Беда“). А другпат, кога реалноста премногу стежнува врз нејаките плеќи, и самото 'земање длабок здив кон небото', па дури и само кревањето среден прст, е доволно 'како бунт против молкот и стравот'.“
Во продолжение прочитајте неколку песни од „Скршен терариум“:
ЕКОКОЖА
Телото ми е сува црвена глина,
а душата преписка меѓу умрените богови. Сама,
како заспана риба пливам наопачки
во пресушена река. Барам
плисок на море, а увото
се претвора во скршена школка,
сета жед во ѓубриште
и секој жубор во асфалт.
Телото ми е сува црвена глина
која некогаш бдеела бујна вода. Сега
си бдеам над мртвата јас
ги бладам сите чинки, ги гледам сите обреди
се тријам до избледнување
се ѕверам во себе до исчезнување.
Повторно ја свлеков кожата,
ќе има ли нова овој пат?
ЗАКАНА
Со последното зајдисонце
тревата се откорна од своето живеалиште.
Планината сега е гола.
Со последното раѓање,
мачињата се вратија во утробите.
Нема веќе шепички во калта.
Со последната воздишка,
ѕвездите се распрснаа во темнина.
Небото се дави во празнотија.
Со последниот сон,
ќе се роди жедта за песна.
УРОБОРОС
Градот е бучен.
Потпира прастари крикови
врз исчашени рамења.
Градот е нем.
Постила премолчени зборови
врз натежнати усни.
Градот се колеба -
да биде или да згасне и
да продолжи да расте или да се склопчи
и изеде, да голтне опашот накитен
со улични светилки, да ги вшмука
идните и минати молскавици -
да стане своја обратност
бидејќи градот потајно мисли
дека е време да исчезне и
да не се раѓа повеќе.
КАПИТАЛИСТИЧКИ ДЕЛИРИУМ
Фигура на врвот на ридот
Ми довикува нешто, но е далеку
Знам дека е важно
Познавам по гестовите
Чучнува, се фаќа за глава,
па нагло станува и си ги удира градите
Гледам право и јсно во неа.
а таа посочува со прстот
токму зад мене,
и како да вреска:
„Сврти се, таму си, таму си ти,
А еве ме мене!“
КРВАВА КАНДИДА
Клок клок клокоти
Во умот мисли згуснати
Превриена вода
Барам празни отвори
Нека се исцеди
Вик вик извици
Дај да земам здив
И да го преплавам
Светот, сакам сѐ одново
Нека се удави
Цим цим цимоли
Виолончелото на штурчето
Старци вртат хулахоп
За последен пат
(Нека не доаѓа мракот)
Греб греб гребнатини
Пак влажни ѕидови
Квасецот крвари
Ќе дојде ли радост?
Comments