Со стихови од Сергеј Тимофеев од Латвија го најавуваме неговото учество на Интернационалното поетско читање во рамки на вториот Скопски поетски фестивал кое ќе се одржи на 31 август во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19 часот.
***
Уметноста на француската кинематографија
Подразбира автомобил, разговор на сонце,
Како бисквит скршена судбина,
Средба на маж со туѓа жена,
А потем, со друга жена што пуши на гладно.
Треба да има и многу моменти
Од кои апчето за глава
Може да се раствори директно во воздух.
И на крајот, кога секој ќе добие каква-таква шанса,
Го праќаат младичот по вино, а тој
Троши сè на конфети.
1. Какво е Вашето мислење за поетските фестивали? Зошто тие се важен дел од културата?
Поезијата постои и во книгите и во живите изведби кога поетите ја читаат. Читањето во живо му дава нови димензии на текстот. Текстот добива глас. Ги слушаме интонациите што ги внесува авторот. Затоа, важно е не само да се чита, туку и да се слуша поезија. Фестивалите се одлична можност за тоа. Покрај тоа, овде се собрани гласови и текстови од различни земји. Се подготвуваат нови преводи ‒ и тоа секогаш ја збогатува литературата на самата земја-домаќин. Исто така, гостинските поети се запознаваат со локалните писатели, се остваруваат нови контакти што водат до нови книги и други убави настани.
2. Што е најубавата работа на поетските фестивали?
За поетите-учесници, тоа е можноста да видиме нови места, да се запознаеме со нови луѓе и да слушнеме како нашите стихови звучат на друг јазик.
3. Какви се Вашите очекувања од Скопскиот поетски фестивал? Се радувате ли на средбата со македонските поети и публиката?
Се случи така што моето учество беше планирано за минатогодишниот фестивал, но заради пандемијата мораше да се одложи. Навистина многу ѝ се радувам на средбата со Македонија и со македонската публика. Есента во 2020 г. мој избор песни „Шумата почнува тука“ беше издаден од „ПНВ Публикации“. Па сакам на моите читатели да им ги претставам препевите што ги направи Јулијана Величковска. И, секако, многу е интересно да се запознаат поетите од Македонија, да се почувствува поетскиот пулс на оваа земја.
СЕРГЕЈ ТИМОФЕЕВ (Латвија, 1970) е поет, новинар, преведувач и диџеј од Латвија, кој пишува на руски јазик. Автор е на седум стихозбирки. Неговите песни се преведени на англиски, на италијански, на шведски, на германски, на украински и на други јазици, а активно учествува на поетски фестивали низ целиот свет. Тој е еден од првите во постсоветскиот културен простор што го измисли жанрот видеопоезија, а неговото прво видеопоетско дело „Оркестарска проба“ е создадено во 1994 година во соработка со режисерот Виктор Вилкс. Тој е еден од основачите на „Орбита“, креативна група руски поети и уметници. Сергеј Тимофеев живее во Рига и продолжува да ја комбинира модерната поезија со други уметнички форми и медиуми.
Comments