Еве ме, трета година по ред пишувам колумна со ист наслов, само со сменета бројка. Не знаев дали ми е паметно да го правам тоа пак, не знаев дали ќе можам за годинава да кажам нешто мудро, корисно или ново, не знаев дали воопшто има поента. Уште не знам. Арно ама, знам дека ако ништо друго, мене лично ми е полесно кога ќе ги напишам работите кои ми се нејасни, зашто така до некаде може да си изградам слика за истите, па ако ништо друго, барем имам визуелен приказ и тоа е добар почеток за разбирање.
Кога лани пишував за поуките извлечени од 2021, тоа го правев споредувајќи ги поентите кои ги правам во првата колумна од 2020. Сега нема да правам така, не затоа што е досадно за читање, туку затоа што е тажно трета година по ред животот да ни ги удира во лице работите кои не чинат и причините кои нѐ доведуваат тука каде што нѐ доведуваат, а ние да си седиме и само да си се жалиме.
По објективно одвратната година што беше 2021 на глобален план, 2022 за мене започна одвратно на личен план. Моментот кога се вратив во Варшава, за првпат во живот фатив корона и морав со тоа да се справам сосема сама. И добро, нели, големото чудо, не сум ни прва ни последна. Веднаш штом излегов од карантин, моја другарка почина на 19 години токму поради некакви пост-ковид симптоми. Ниту сакам да зборувам за лични ситуации, ниту колумните се соодветна форма за тоа, но некои лични искуства носат и општествена тежина. Па така, почетокот на годината ми докажа дека иако секогаш сум гледала и гледам на работите со доза лефтерност и „е де, не е толку страшно“, дека сепак, некои работи навистина се толку страшни и толку сериозни и дека полесно ќе биде доколку ги прифатам како такви.
Ама, добро, кому му се чита за корона во декември 2022? Никому! Затоа, сега кога се среќаваме со нашите блиски и водиме интелектуални муабети, темата е сменета и се разбира, тоа е војната која се случува на територијата на Украина. Ако јануари беше тежок, тогаш немам атрибут за февруари, месецот во кој почна војната. И, што ќе кажеме за тој конфликт кој сѐ уште трае? Што, односно дали воопшто научивме нешто од него? Со оглед на фактот дека живеам во Полска, земја која се граничи со војната и која прими најмногу украински бегалци, одблиску имам шанса да ги гледам последиците на империјалистичкиот напад од страна на Русија. Додека го гледам она што се случува, не можам, а да не се чудам на реакцијата на голем дел од македонското општество кога станува збор за оваа ситуација и едноставно не можам да сфатам како народ кој самиот бил (и е) потчинет со векови не само што не се солидализира со друг потчинет народ, туку и многу јавно застанува на страна на очигледниот агресор.
Другата страна на овој конфликт која не може, а да не се спомене, со тоа што станува поочигледен проблем при крајот на оваа година е, се разбира, економската и енергетската криза. Оф, знам дека ви е смачено да читате, слушате или зборувате за тоа. И мене ми е, ама како можам да го игнорирам? Не е фер да го игнорирам, зашто ако ми влијае мене во толкава мера во колку што ми влијае, тогаш што со сите оние кои се поранливи од мене и моето семејство? Како можат тие да ги игнорираат плафонските цени на сите основни продукти, како можат тие да го занемарат фактот дека е речиси невозможно да се стоплат за време на зимските месеци? Што, треба да се задоволни дека wow, конечно минималната плата е смешни 18 000, па ајде, барем не е толку лошо колку што можеше да биде? Ви се молам! Самото живеење секојдневно станува сѐ поголем и поголем предизвик, а комотно живеење е веќе имагинарен поим. Но, мислам дека можеби и извлекуваме некакви поуки од ова. Забележувам пад на популарноста на мотивационите говори, 10-те или колку и да се правила за успешен живот, инспиративните приказни за издигнување на себеси од дното до врвот. Дури и Илон Маск сѐ повеќе станува пример за потсмев, а не воодушевување, иако можеби е веќе доцна. Можеби се освестуваме сѐ повеќе и повеќе дека сѐ додека постојат луѓе со богатства како неговото, дека ние ќе мораме да се секираме како во декември нема да изумреме од студ.
Колку смешно, колумната од 2021 ја завршувам со „знам дека не можеме да дозволиме да влеземе [во новата година] без борба. Скапо ќе нè чини.“ Е, баш така. Секоја одмината година без отпор значи уште поскапо плаќање. Во секаква смисла.
И лани, а и во 2020, се обидувам да најдам некои убави поуки од изманатите години. Годинава тоа ми е некако особено тешко. Ама еве, за момент ќе ги оставам на страна конфликтите и кризите од изминативе 12 месеци, и ќе се фокусирам на она што го работиме со Бета, а тоа е, се разбира, културата, и ќе кажам со голема сигурност дека конечно научивме дека клучот за цутот на една култура е соработката. Одамно немало толку убави настани, манифестации, нови луѓе, бендови, филмови, книги, промоции, кафулиња, барови, забави. Зошто? Па, зашто сега сите се држиме заедно.
Можеби така и ќе ја завршам колумнава. Наивно, па ќе кажам дека тоа треба да ни биде главната поука од 2022 - да научиме да живееме едни со други. Без разлика каде, кои или во какви околности.
2022, ај на здравје! Се читаме во 2023!
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments