Што се чита?: „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан спасовски
- Андреј Медиќ Лазаревски
- Jul 15
- 4 min read
Updated: Jul 16
Ова е времето на смоквите!
кон „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан Спасовски
Пред нас се наоѓа збирката првенче на поетот Стефан Спасовски со моќен и оксиморонско-метафоричен наслов „Ќумур смоквин млеч“. Иако е ова прва книга на Спасовски, сепак тој не дебитира на сцената со неа, туку веќе е релативно познат поради неговите учества на повеќе поетски и книжевни читања, како: „Поетска епизода“, „Клинци“, „Отскочна даска“, „Скопски поетски фестивал“, како и поради неговата работа во младинското здружение „Култура Бета“ и во кафе-книжарницата „Илика“.

„Ќумур смоквин млеч“ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.
Време
„Ќумур смоквин млеч“ се отвора со еден библиски цитат, што гласи: „Не беше времето на смоквите“, цитат што, како читатели, нѐ воведува во стихозбирката отворајќи го прашањето „Какво е времето денес?“, критикувајќи ги црковната догма и општествената норма. Ако го гледаме насловот на стихозбирката заедно со овој цитат кој е во директна комуникација со него, не може, а да не се запрашаме каква игра си игра авторот со јазикот. Јазикот, кој во оваа збирка граничи со традиционалноста, но е осовремен, како некакво враќање на јазикот кој е одземен и негова повторна употреба за критика на она што често традицијата го наметнува. Тие прашања стануваат уште порелевантни кога ќе ги погледнеме и песните од првиот циклус, „Сенките се отплеткуваат“. Песните во овој циклус доминантно го третираат концептот на времето, сфатено во смисла на епохата во која живееме, особено песните „Ново време“, „Пак пак мрак“, „Времето не минува“ и „Повторно“ како песни што отвораат прашања за слободата и идентитетот. Токму и затоа во насловот го гледаме млечот црн, ќумур црн – како метафорично обележје или потенцијално значење на ова ново време, нова епоха, нов свет кои во стихозбирката варираат меѓу доброто и лошото, убавото и грдото, животот и смртта.
Слобода
Во дупката – галаксија
Во каменот – корија
Во земјата – слобода
Вториот циклус насловен „Во земјата слобода“ ги отвора прашањата врзани со слободата, со односот на индивидуата и општеството, прашањето на религијата, себеостварувањето и изразувањето, како и едно суптилно тематизирање на традицијата и нејзиното место во ова ново време. Особено впечатлив е односот кон традиционалното кое тука е претставено низ призмата на едни послободни, поотворени очи, но кое никогаш не се негира, туку, напротив, активно се употребува и реактуализира. Традиционалното, во оваа книга, е присутно на неколку нивоа. Прво, на ниво на јазик – јазикот во „Ќумур смоквин млеч“ во себе ја чува бистрината и јасноста на македонскиот јазик. Понатаму, на ниво на интердискурзивност и интертекстуалност – читателот ќе ги препознае честите дијалози кои авторот ги води со другите автори од македонската книжевна реалност, како што е Урошевиќ, кому неколкупати му се осврнува во различни песни. Потоа, ќе го препознае и осврнувањето кон фолклорот, но и индиректниот дијалог кој го има со своите современици, млади поети и поетеси. Како и на ниво на аксиологија – каде што се реактуализира традицијата преку еден целосно нов вредносен систем, кој на традицијата не гледа низ очите на патријархатот, ниту на мизогинијата, ниту на трансфобијата, туку, напротив, има осврнување кон традицијата користејќи ги, на пример, библиските и фолклорните референции во еден целосно нов и ослободен контекст. Традицијата во оваа стихозбирка се користи како акт на субверзивност, како потсетување дека таа припаѓа секому, како момент на добивање на сила и снага кои, можеби, недостигаат, како и за добивање на глас кој е потребен за да ја кажеме приказната и на оваа страна. Така доаѓаме до слободата, и тоа пеејќи: глаголи гласно, глаголи гордо / гром грубило убило просто.
Сонови и самовили
Слободата на Спасовски да прави разни комбинации на традицијата и современото, на фолклорното и модерното, не е имуна да не влезе и под влијанието на соновното, самовилското, па и на фантастичното. Ваквиот пристап, каде што традицијата е целосно антипатријахално и антимаскулино претставена и користењето на веќе познати приказни вообличени во нов контекст, ја прават потрагата по едно подобро ново возможна.
Третиот циклус, насловен како „Само в сон сонуваш самовили“ нѐ води и отаде разумското. Овој циклус е еден целосен пат низ несвесното преку осврнување на чинот на сонувањето со многу забележително присуство на нереални или фантастични ликови што шетаат низ четирите песни во овој циклус. Целосно различен од претходните два – едниот посветен на времето, другиот на слободата – во овој последен циклус, поетското јас е целосно ослободено и е вонвременски позиционирано, некаде таму отаде.
Со овој циклус, Спасовски прави едно заокружување на збирката, поврзувајќи го сонот со новото време од почетокот, бидејќи, ако треба да извлечеме оттука нешто што би ни дало одговор на прашањето „Какво е времето денес?“, тогаш тоа време би било фантастично и, веројатно, многу подобро време од она реалното. Лирскиот субјект одбира да нѐ изнесе од реалното и да нѐ внесе некаде каде што од смоквите тече млеч, а млечот е ќумур црн како црните магии на задоволствата.
Comments