top of page

Што се чита?: „Скршен терариум“ од Филипа сара попова :: Креативна субверзија на гнилото општество низ женскиот глас и генерацискиот бол 

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Jul 10
  • 4 min read

Updated: Jul 11

кон „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова


Пишува: Александра Спасеска


Во современиот македонски поетски пејзаж, „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова, одликувана со обновената награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата и реиздадена во издание на „ПНВ Публикации“ (2025), се издвојува како исклучителен пример за лирска храброст и интелектуална зрелост, особено во начинот на кој ги обработува темите на генерацискиот немир, женската телесност и креативниот отпор. Од самиот почеток, збирката го вовлекува читателот во атмосфера на затвореност и ранливост, каде младоста се чувствува како да живее под дигитално стаклено ѕвоно, изложена на постојаните закани на надворешниот свет и неговите невидливи, но моќни ограничувања. Овој мотив на терариумот, како метафора за социјалната и психолошката затвореност е особено релевантен во контекст на доцниот капитализам, каде што младите генерации се соочуваат со наследени кризи, еколошки катастрофи и ерозија на вредностите. Попова не се задржува на површината на личното искуство туку преку своите стихови го артикулира колективниот немир, претворајќи ја поезијата во простор за заедничко преиспитување на болката и отпорот.

Во оваа збирка, младешкиот weltschmerz не е само пасивно чувство на разочараност туку динамична сила што го поттикнува лирскиот субјект на интроспекција и дејствување. Стиховите „Молчам – ме научија да бидам молк / се ѕверам – ме научија да бидам ѕвер“ („Видеоигра“) е парадигматичен за начинот на кој Попова го прикажува конфликтот меѓу социјалната дисциплина и внатрешниот немир. Овде, молкот не е само знак на покорност туку и стратегија за преживување, додека ѕверството станува симбол на потиснатата енергија што може да се претвори во отпор. Лирскиот субјект не избликнува во отворен бунт, туку се повлекува во себе, градејќи внатрешен свет кој тлее како вулкан и е подготвен да направи голема промена. Оваа суптилна, но интензивна форма на бунт е блиска на поетиката на Силвија Плат, чии стихови често се движат по рабовите на тишината и експлозијата, претворајќи ја личната болка во универзално искуство.


Попова ја третира женската телесност не само како биолошка даденост туку како поле на постојано преиспитување, болка и отпор. Во нејзините стихови, телото е материја што се менува, место на лични борби и точка од која се гради сопствениот идентитет. Стиховите „Телото ми е сува црвена глина, а / душата преписка меѓу изумрени богови. Сама, / како заспана риба пливам грбно / во пресушена река.“ („Екокожа“) ја доловуваат длабочината на женското искуство, каде телото е истовремено и жртва и субјект на отпор. Овој пристап е сроден со поезијата на Ан Секстон и Маргарет Атвуд, кои исто така го истражуваат телото како динамичен простор на болка, но и на регенерација и самоутврдување. Кај Попова, телото не е пасивен објект туку активен субјект што се спротивставува на наметнатите улоги и бара слобода преку процес на „свлекување кожа“ и создавање нова, поотпорна обвивка. Оваа поетска стратегија ја надминува традиционалната дихотомија меѓу жртва и агент, претставувајќи ја жената како субјект што самостојно го редефинира сопствениот идентитет во услови на патријархална и капиталистичка доминација.


Генерацискиот weltschmerz или светски бол е клучна нишка што ја поврзува целата книга. Овој бол не се доживува само како лична траума туку и како колективно чувство на загуба и разочараност во светот што се распаѓа. Во стиховите „Има нешто гнило во сето ова, / брзите чекори кон пропуштените утра, / излитените денови, гребанците во воздухот / немирот што секој од нас го премолчува / немирот скриен во часовникот што / никогаш нема да си ги скрши стрелките… / Сето ова ќе трае, и ќе трае, и ќе трае… / додека не речеш љубов, / додека не речеш солзи, каење, допир / или среден прст.“ („Има нешто гнило во сето ова“), Попова ја гради атмосферата на безнадежност, но истовремено и на копнеж за нов почеток. Овде се чувствува блискост со поезијата на Вислава Шимборска, особено во начинот на кој се користи иронијата и деталот за да се открие апсурдот и болката на секојдневието. Наместо да се задоволи со пасивна меланхолија, Попова ја претвора болката во поттик за креативно дејствување, за преиспитување на границите и за создавање нови вредности во свет што се распаѓа.


Особено значајна е темата за љубовта како чин на отпор. Во стиховите „Слободната љубов не е слободна, / во свет изграден од граници, / моите 999 љубови се казнети.“ („Моите илјада љубови“), се открива иронијата на слободата во општество што поставува невидливи, но цврсти бариери. Овој мотив ја поврзува Попова со поетиката на Адријен Рич, која низ своето творештво ја истражува љубовта како политички и етички чин, како простор за солидарност и отпор против структурите на моќта. Кај Попова, љубовта не е идеализирана туку е прикажана како борба за простор, за право на автентичен израз и за надминување на ограничувањата што ги наметнуваат општеството и традицијата.


Креативното изразување во „Скршен терариум“ не е бегство од стварноста туку активен чин на преобразба. Поезијата станува алатка преку која лирскиот субјект го преобмислува светот, ги преиспитува границите на личниот и колективниот идентитет и создава нови можности за слобода и солидарност. Овој пристап е блиску до поетиката на Луиз Глик, која во своите збирки користи интимен, но остар јазик за да ги истражи границите на болката, љубовта и отпорот. Кај Попова, поетскиот јазик е истовремено и штит и оружје, средство за преживување и за создавање нови светови, каде што болката не е само товар туку и извор на сила.


„Скршен терариум“ е поетска збирка што успева да ја претвори ранливоста во извор на моќ, а немирот во креативен импулс. Преку комплексна игра со јазикот, метафорите и лирските стратегии, Попова го артикулира искуството на младите во современото општество, ја преиспитува женската телесност и нуди визија за отпор и преобразба. Нејзината поезија ги надминува границите на личното и станува значаен глас во дебатата за идентитетот, слободата и можноста за нови почетоци во свет што постојано се менува. Во оваа книга, автентичноста не е даденост, туку задача – нешто што мора постојано да се освојува, дури и кога светот околу нас се распаѓа. Преку оваа поетска лабораторија за преживување, Попова ги повикува своите читатели не само да ја препознаат сопствената ранливост туку и да ја претворат во плодна почва за една поинаква иднина.


Comments


bottom of page