top of page
Writer's pictureКултура β

Силна визуелна нарација на феминизмот, сеќавањето и слободата | Уметничка рецензија

Кон актуелната поставка „Доаѓаме со поклон“ на Шејла Камериќ


Пишува: Ивана Јовановска


Шејла Камериќ е босанска уметница, којашто е активно присутна на европската и светската визуелна сцена, дипломирана на Уметничката академија во Сараево, на отсекот за графички дизајн. Еден од главните белези на нејзината уметност е мултидисциплинарноста: филмот, фотографијата, цртежите се само дел од медиумите што ги користи, а нејзините поставки биле изложувани во најголемите уметнички центри во светот – во Германија, Австрија, Шпанија, Словенија, Србија, Хрватска, Косово. Ова се неколку стандардни реченици за запознавање со авторкатa чија поставка Доаѓаме со поклон може да се погледне во Националната галеријаЧифте Амам до 23 октомври 2022, под кураторство на Наталија Пауниќ, а благодарение на Фестивалот за критичка култура КРИК и Феминистичкиот фестивал Прво па женско. Бидејќи творештвото на авторката не може да го исклучи нејзиното интимно, таа е еден од силните аргументи против одвојувањето на авторот и неговата позадина при интерпретацијата на уметничко дело. Шејла е уметница на Другоста, на борбата, на сеќавањето и на можното утре. Уметница на болката, на Босна, којашто се соочи со тешка војна, на темнината, загубите и она што останува по нив. Она со што таа се занимава никогаш не е еднозначно и не го остава човекот рамнодушен: тие дела се жестока рефлексија на нејзините феминистички позиции – слободарски, непоправливо хуманистички и грижливи.

Изборот од нејзиното творештво претставен во Националната галерија ги поставува во фокус прашањата за женското задоволство и слобода, солидарноста, вештерството, општествениот однос кон жените воопшто и нивната желба да ги менуваат доминантните парадигми во кои тие се создаваат и наметнуваат. Авторката со оваа поставка поставува сложени прашања врзани со болката, опресираноста, односите на моќ и страдањата кои се врзани со личното како политичко. Човековата свест, машката надмоќ и страдањето на жената се испреплетуваат во еден уметнички процес, којшто зборува самиот за себе токму преку изборот на различни медиуми како фотографијата, објектите и везењето. Нејзината непосредност и уметнички израз се стабилни, сигурни и отворени преку она што сака да го пренесе, па така, нема двоумење дека ангажираниот уметнички чин е доминантен во она што таа го прави. Без дилема може да се нарече уметница на маргинализираноста и опресираноста, уметница којашто ткае наративи од она што се руши врз главата на сите што не се симбол на хетеронормативните барања на овој партијахален свет.


Доаѓаме со поклон е македонскиот наслов на изложбата oригинално насловена “We come with a bow”. Адаптацијата на македонскиот превод е впечатлива и индикативна: таа алудира на традиционалното дефинирање на жените и подароците, стереотипното и објективизираното претставување на телото и индивидуалноста како подарок за мажите. Во оваа смисла, насловот е врзан и со централното дело во оваа поставка кое претставува женски детски гаќички со панделка, којашто го надминува материјалот на долната облека и станува толку долга што самиот набљудувач на делото би можел да се заплетка во него. Централното дело силно се фокусира на уметничката филозофија на Камериќ – длабоко емотивно и феминистички ја исцртува женската позиција околу овој предмет, којшто младите жени го носат и се поврзува со концептот за невиност, задоволство, односот на сопственото тело во релација со Другиот и, условно кажано, женскиот подарок за машкиот субјект, којшто неминовно се отсликува преку долната облека. Но, ова се само неколку од можните интерпретации на кои се надоврзуваат и прашањето за трговијата со бело робје и со детското (женско) тело, силувањата, малолетничките бракови и прекршувањето на основните човекови права, безброј дискриминирачки акти заокружени со перцепцијата за жената како нешто кое се подарува некому, а истовремено и нејзино повредување и омаловажување.

Овој избор на Камериќ во Скопје е претставен и преку нејзини себе-портрети – фотографии во голем формат, неколку предмети, рачни изработки и дела во мал формат, од кои доминираат повторно фотографиите, просторот за себе-рефлексија и анализа на контекстите на постоењето, прашањата за толкување на недостигот, насилството, постоењето меѓу воените наративи и исчезнувањето. Серијата себе-портрети е цврста и уметнички силна – преку користење на своето тело и метлата како симбол на женската вештерска позиција, односот кон голотијата и храброста се доведува во релација со религијата, феминистичкото задоволство како табу наспроти феминистичкото задоволството како опасност и стигма, голотијата како слобода, како уметност и експресија, како начин на изразување и говорење, начин којшто го интензивира ангажираниот концепт во поставката. Оваа серија ефектно го илустрира насилството, белезите на повредите преку артистични црно-бели фотографии, поставени на начин да се надополнуваат едни со други.


Важен дел на поставката сочинуваат и рачните изработки во голем формат, во различни слободни форми, коишто го отвораат прашањето за единството на жените, работата и солидарноста, имајќи предвид дека нивната изработка е во соработка на Камериќ и работнички што се вклучиле во процесот на создавање. Тие ефектно ја потенцираат заробената женска позиција во општествено-политичкиот контекст и се директен резултат на еден макотрпен процес на заедничка мануелна работа. Укажуваат на мошне проблематичната неплатена женска работа, како и на положбата во текстилната и сите други индустрии каде доминираат односи на нееднаквост кон нив и нивниот труд. Како партијархатот го условува ова заробување преку наметнување на улоги и очекувања, диригирање на пожелни и непожелни женски однесувања – неминовно е прашање што ја очекува публиката, прашање што ја отвора пандорината кутија за промислување на овие важни и засега тивко експонирани теми. Но, оваа уметница не е фокусирана првенствено на нудењето одговори, туку на активното поставување прашања.

Историјата и тагата за Камериќ одат заедно, тие не се исклучуваат при пренесувањето на нејзините наративи на маргинализираност, ниту пак имаат намера да го направат тоа, туку, сосема спротивно – таа ги освежува политиките на сеќавање, ја користи меморијата за создавање подобри искуства, но и запишување на несреќното минато. Просторот на губењето, недостигот и прашањата за военото во изложбата на Камериќ активно комуницираат со партијахалната доминација и трагите на токсичната машкост, традиционалните конзервативни вредности и поголемите трагични машки политики чијшто резултат е војната. Жената, историската (не)вистина и болката се на иста линија, зборуваат заедно за фрагилноста, силата, моќта, неправедното и нееднаквото, како едно можно толкување на ова што може да се погледне, кое треба да се дополни. Една нужна провокација која произлегува од претставувањето на жената во минатото е сликата за вештерката. Таа слика функционира како симбол за непослушност, недопадливост, неприфаќање на хетеронормативните правила од општеството, а Камериќ ја транспонира во нејзините дела. Користејќи ги само гестовите на нејзиното соголено тело и метлата за симболичко прикажување на оваа позиција, таа мошне впечатливо го доведува телото во релација со оваа општествена пракса. Но, овој избор претставен во Скопје е само мал дел од комплексноста на Шејла Камериќ како уметница и нејзините поединечни проекти поврзани со колективната меморија, историското страдање и женската позиција во сите тие процеси. Потребни се многу страници текст за да се обидеме сите нив да ги поврземе со контекстот на севкупното нејзиното творештво и да ја разбереме како една од најеминентните европски визуелни авторки на денешницата. Во оваа смисла, ова е само краток приказ на карактеристиките на нејзиното слоевието и сложено творештво, инспириран од скопската поставка која веќе го добива заслуженото внимание.



 

Фото: Соња Ставрова, Маја Аргакијева; преземено од официјалните Facebook профили на Tiiiit! Inc. и Dita Starova Qerimi


Comments


bottom of page