top of page

Млада словенечка поезија: „Скелетите станаа од труповите...“ од Нела Побержник

  • Writer: Стефан Спасовски
    Стефан Спасовски
  • 24 hours ago
  • 2 min read

Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.


„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.


Продолжуваме со Нела Побержник која е визуелна уметница, таа има илустрирано шест стихозбирки и дебитирала со збирката „Zrklozob“ (Črna skrinjica, 2022).




скелетите станаа од труповите и заедно со кловновите заиграа оро

ние сме чудовишта од надземјето потомци на паднатите ангели обичните посебни посебните обични

кога сонуваме сонуваме војна ловци на холограми ние сме не сме

ентитети скриени по подрумите нема врска лево или десно премлади за смрт


трипати дневно си ги вадиме очите очните дупки ги переме со пероксид па повторно гледаме крваво

може да ги лепиме парчињата да направиме целина но приоритите да се гледа дека целината никогаш не била скршена

тврдината никогаш не била толку моќна и субјектот никогаш толку глуп

саморегулација репрограмирање да се живее правилно   да се работи правилно да ја научиш душата на фабрички навики

во полза на господарот се будиме под непријателско сонце ветерот дува на сите страни песок

стануваат коскените џинови мора да најдеме (без)дом(ност) а тоа е исто како да бараме душа  во бездушна установа


се обликуваме до непрепознатливост ништо не е грешно зашто сѐ е точно 

колективна психоза на отечен зглоб спектаклот станува средиштето на светот забите 

се претвораат во отровни очници трњата се претвораат во сечила оклопот прераснува во пеноптикони и храмови

се запалени цивилизацијата е фарса егзистенцијата е фарса


колку распарани срца може да издржи светот пред да потоне во тартарот

купишта болки растат во метрополите масивна ерекција на мали куриња


сега сме  туууу(ка)

ту(ка) ѓинци


апокалипсата е навистина тука

под кожата


како на земјата така и над небото

ка мен


ги собираме сите ѕверки што можеме

не можеме да ја држиме месечината повеќе


 
 
 

Comments


bottom of page