top of page
Writer's pictureКултура β

„Скопска“ на Јовица Ивановски

Со песната „Скопска“ го најавуваме Јовица Ивановски, еден од учесниците на 2. Скопски поетски фестивал кој со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.

СКОПСКА


Здрма силен земјотрес

(полноќен и летен)

и ги исплаши луѓето.

Ништо не урна,

но ги растревожи луѓето.

И сите излегоа надвор –

пижамести, разголени,

поспани, разбушавени.

Соседи кои одвај

се поздравуваа,

соседи кои се немаа

видено со месеци.

Се групираа, коментираа,

се качуваа по Меркалиевата,

слегуваа по Рихтеровата скала.

Еден скришум се качи по

скали и донесе шише ракија.

Се опуштија, се расприкажаа

и до сабајле гласно

се смееја.



Јовица Ивановски (Скопје, 1961). Автор е на шеснаесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски јазик. Застапен е во повеќе антологии и препеан е на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“, што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ за книгата „Човек“ (2019). Сè уште живее и работи во Скопје.



Comments


bottom of page