Ќе го доживеам ли некогаш повторно спокојот на отварање на YouTube, Instagram, TikTok или Twitter без првото нешто кое ми се појавува да биде “Johnny Depp being funny in court for 7 minutes”, “Johnny Depp’s lawyer DESTROYS Amber Heard💪”, “Amber Heard being CRINGE for 10 minutes” и секако, снимка од спорот во живо од судницата?! Дури и доколку доживеам таков мир повторно, она што во последниов месец и пол го гледам засекогаш ќе ме остави растревожена. И не, не зборувам за самото судење, туку за начинот на кој истото го следиме.
Во случај да не сте сто проценти сигурни што се случува (во суштина ем никој не е, ем сите се), ситуацијата е следна: на 11-ти април 2022 започнува спор за клевета од страна на Џони Деп кој ја тужи неговата поранешна сопруга Амбер Херд за клевета за семејно насилство. Од тој ден, на Интернет не се зборува за ништо друго освен за тоа. Зашто, нели, не е дека сѐ уште се случува војна, не е дека секојдневно има трагедии, политички скандали, несреќи, така?
Седиме дома, на работа, на предавања, каде и да е, и што правиме? Гледаме снимки од нешто што треба да биде интимен спор помеѓу двајца поранешни сопружници како да се театарска претстава, телевизиска серија или филм. Како YouTube видеа кои ги гледаме додека јадеме. Заземаме страни како во фудбалски натпревар. Се радуваме кога „нашите“ ќе „дадат гол“ и се нервираме кога истото ќе го направат „другите“. Лајкнуваме видеа од глупавите фаци на Амбер Херд додека опишува наводно насилство зашто е пресмешно, нели? Преинтересно е тоа колку е глупава и колку лесно се плетка во сопствените лаги, нели де? #JusticeforJohnnyDepp, QUEEN Camille Vasquez, нели? Апсурдно е да се гледа ваква омраза кон некого како што е онаа која ја гледаме кон Херд во последниве месеци, особено зашто јас лично не можам да се сетам на било каков случај во блиското минато во кој некој бил толку јавно шиканиран колку што е таа. Ви се молам, со ваков гнев не се зборуваше ни за Путин во февруари, ниту за Харви Вајнстин за време на #MeToo.
Секако, иако во значително помал број, исто толку апсурдно и ненормално звучат и поддржувачите на Херд со своите напади спрема Џони Деп. Но, токму во тоа и ми е поентата. Бесмислено, лудо, па дури и болно е да бидеме внесени во нечиј судски спор, особено во оваа мера. Воопшто не е важно кој е во право во ситуацијава. Ќе се цитирам себеси од колумната за принцот Хари и Меган која ја напишав лани: „Ним не им е потребно нашето сочувство и соживување. Кое соживување? Каква допирна точка имам јас со син на иден крал и позната холивудска глумица, сопруга на истиот тој син? Зарем вреди целата наша енергија последнава недела да биде фокусирана на конфликтите помеѓу луѓе кои се целосно незапознаени со вистинскиот свет и проблемите во него, а не на тоа што секој ден имаме по 1000 ковид случаи и ни трага од надеж за подобрување на нештата?“ Исто е и сега, со само малку изменет контекст. Следиме судски спор помеѓу двајца милионери, холивудски глумци кои на крајот на краиштата ќе останат милионери и мислиме дека заслужуваат сочувство? За кого сочувство? За Амбер што си снима филмови со суперхерои и ќе продолжи да си води безначајни организации или за Џони Деп кој многу мудро успеа да си го врати угледот засекогаш? Двајца луѓе кои се по професија глумци зад дрвените маси во судницата го прават токму она за кое цел живот се платени да го прават - глумат. Едната знае кога треба да заплаче, другиот знае кога треба да каже смешка што ќе стане вирална. Прават театар, а ние послушно седиме во публика.
Не знам кој е жртва во случајов. Можеби е едниот, можеби е другиот, може никој не е, а најверојатно се и двајцата. И како може да седиме дома и да правиме компилации од „смешни“, повторувам, СМЕШНИ, моменти од судењето кога станува збор за судење поврзано со семејно насилство? Кому помага тоа? Направиме таблоидизација и мемефикација на нешто што треба да биде интимно и сега што? Ние сме измамени и ние сме губитници.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, пeсни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments