„Студ“ од Гала Матевска
- Култура β

- Aug 26
- 1 min read
Студ
Сребрести месечини висат од моите прсти
слечени од кожа,
напукнати коски се тријат едни од други,
наслаги собрани под очите
се везат како цвеќиња во пролет,
осветени од априлски снег послужен на полноќ.
Се отскрива облак
од котелот на планинскиот венец,
лебдејќи,
вревејќи тишина,
врвејќи под мојот мир ‒ се прелева во
некоја стара вечност веќе завршена.
Во некое друго време
шетав по овие планини боса,
денес наоблечена со стравови,
од подножјето не се поместувам
и врвовите секој ден ги премерувам:
седум дена поголема,
три месеци поплитка,
шест зајдисонца подебела,
девет генерации повисока,
една тага зголемена.
Една тага нараснува.
Вистината се рефлектира од коската
директно на мојата пресечна точка,
се среќава со океани од плисокот на моите очи,
притисокот на моите стеги што вешто ги скроив,
блесокот на опсесивната снага
да се поткренам со нив на себе.
Океани бели,
погледнуваат назад кон претходните денови,
се брануваат со годините во тандем,
танго со првиот ден од крајот – кроток,
кршлив и неподготвен за сите следни денови.
Повторно сите зборови се исти и исто кажуваат,
сите стихови лежат во еден момент
избришан од заборав,
стежнат како маглата на врвот
каде што студот на твоето лице ‒ студи на моето.
Песната „Студ“ од Гала Матевска беше наградена со наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата 2025.
*Насловната фотографија е преземена од официјалниот facebook профил на Струшките вечери на поезијата




Comments