Воздишката како крик. А крикот како реакција на нешто. А тоа нешто или бол или задоволство. Болот ко бол, ко болка, од љубов, од смрт, од скршено срце, од пустош, тресење на колена, пожар, ураган, поплава, електрицитет, нагон за повраќање, мачнина, остеопороза, цироза, склероза. Од плачење, од горење, од паѓање, од плачење, од горење, од тоа што нема да е лесно.
Од ваквите нешта следуваат крици, а криците – што се? Воздишки? Возишките низ петте песни на Биљана Стојановска од стихозбирката „Зборовите немаат значење“, фотографиите на Андријана Антова и во песната „Холандија“ на Corrosion.
1 – Поезија на Биљана Стојановска (извадоци од збирката „Зборовите немаат значење“)
Поезијата на Биљана Стојановска изложена во збирката „Зборовите немаат значење“ од која извадоци изложувам во продолжение е носител на ствари од кои произлегуваат крици, та воздишки. И соодветно поделена, како и возбирката, на причина и последица, ги бараме причина за воздишките и нив самите како последица. Од смртта до скапиот парфем, од цироза, склероза до шлаканица – куп причини за воздишки.
Причина
8.
Си замислував како ќе дојдам
и ќе ти ја растурам свадбата.
Ќе влезам среде забава качена на коњ
со пушка во раце.
Ќе те грабнам и ќе те префрлам на коњот
и ќе одјавам во Недојдија.
Потем ми текна дека
судиите не се разбираат во љубов,
па ќе добијам прекршочна пријава
со големи шанси да платам висока парична казна
или да одлежам во затвор.
Па затоа решив само да ти испратам картичка без посвета.
И цвеќе.
Онакво, само на гробишта што го даваат.
9.
Да не се убиеја Ромеo и Јулија,
нивната љубов ќе наликуваше на нашата.
Јулија, пак, дека ја задржале на работа
за да кисне во кафана.
Следниот ден, како ништо да не било,
ќе си го пиеја ритуалното кафе,
ќе си ги допираа стапалата под маса
додека разговараат за приказните во дневните весници.
Да не се убиеја Ромео и Јулија,
сигурно ќе си најдеа љубовници.
27.
Еднаш годишно си дозволувам
да се луксузирам со оригинален парфем.
Од оние за кои мајка ми кога сака да стави,
ме прашува: „Од скапите е?“
Се намирисам со последните капки и излегов.
Тој ме пречека со насмевка.
Ме прегрна, ме помириса и ме праша:
„’Павловиќева‘ си ставала?“
Последица
21.
Не им верувам на работите што доаѓаат мирно. Што
не предизвикуваат пустош, тресење на колена, пожар,
ураган, поплава, електрицитет, нагон за повраќање,
мачнина, остеопороза, цироза, склероза.
Мирното носи само помирно. Ништо не уморува повеќе
од мирното.
На оние што љубат мирно човек може само да им удри
шлаканица.
Онака, од чиста мира.
25.
Апсурдно е да се мешаат наивноста и чистината.
Секогаш сè се знае и ништо не се знае.
По начинот на кој се тргнува косата од челото.
По начинот на кој се чеша носот.
По начинот на кој се преминува улицата.
По тресењето на цигарата во пепелникот.
По местењето на чаршафот.
По новата поза во кревет.
По врзувањето на врвците на чевлите.
По новиот рингтон на мобилниот.
По држењето на виљушката.
Апсурно е да се мешаат наивноста и чистината.
Како што е апсурдно да се мешаат Платон и Аристотел,
Толстој и Достоевски,
морфологија и синтакса,
двојка и петка,
баби и жаби,
се и сè.
Некогаш доаѓа момент кога сакаш само да ја наведнеш главата
и да молчиш.
Помалку од срам, по малку од гадење.
2 – Фотографии на Андријана Антова
Во приложените фотографии на фотографката Андријана Антова е видлива воздишка, можеби три вида на воздишки – 1. воздишка пред испуштање, од студ или замор; 2. воздишка од задовоство, од смирување, нежна воздишка; 3. замолчена воздишка или гола воздишка која допрва ќе се испушти.
3 – Музика на Corrosion
„Нејќам таму да одам / Да плачам и да горам / Знам јас, едно место / Опушти се, нема да е лесно“ – та воздишки од страв од одења, од плачење и од горење, испушти опуштена воздишка, секако нема да е лесно.
Comments