top of page

Три песни на Димитар Башевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2023

Writer's picture: Култура βКултура β

По повод прогласување на добитникот на наградата „Браќа Миладоновци“ на Струшките вечери на поезијата, за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот и одлуката на жири комисијата во состав на Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар) наградата да припадне на поетот Димитар Башевски за стихозбирката „Дни, години“ (2023, Слово) објавуваме три песни од наградената стихозбирка.


ГОСПОД ЗНАЕ


Животот му почнал со грешки

Од мајката, место со главата, излегол

со нозете. Јули ли, јуни? Во неговиот

хороскоп подзнакот се буни. И уште

со голема уста, магарешки плач.

И остана збунет во говорот – место

сонце вели око на семирот, место

живот тежина, место јад волк, место

ѕвезди вели зборовни гнезда, за

моливот дека е воин од бојните полиња.

За поетот звездогонец и метеор, а за ноќ

тој вели покрив на урната кука со двор.

Мајката плаче, бара помош од Бога,

а овој се смее, седнат нога на нога.


КОПНЕЖ. ЗВУК НА ГРНЕТА


Божем е желката на Зенон која

ни брзоногиот Ахил не може да

іа стигне.


На срцето парадокс што копка.

Глас од дното додека стоам на

брегот од езеро сино.


Волшебна исполнетост со нешто.

Со нешто... Бега, макар за прсте.

Можеби ке се позави златната

рипка.


О таа светулка што се издолжува

во зеницата на окото сѐ дури сосем

не се исуши мастилото.


Има очи сини и елече црвено.


Кутија кристали што не се отвора

сосем. Здушен звук на грнета.


ЅВЕЗДА


Речи ѕве, речи ѕвезда

Долното усте нели се крева

и тивок здив го ниша обетчето

срцето, пак, го поткрева елечето

од намигот, од ишаретот

од она што е и што ќе биде

одаде плетот, отаде светот.

Comments


bottom of page