top of page
  • Writer's pictureКултура β

Утопија - Томас Ѓорѓиевски

Порти на лажна утопија

се отворија од еден бакнеж

што предизвика експлозија.

Пламен со пламен се судри,

од мала искра оган се стори.

Две тела се споија молејќи

се во вечноста на ноќта,

слепи на доаѓањето

на раните зори.

Огнот едно тело стопи,

другото го скамени,

занемарувајќи ја моќта

на жедта за страст.

Каменото за љубов не знае,

стопеното по љубов копнее,

по допир од кој се нема спас.

Ни едното, ни другото знаеше

дека во таква лажна утопија

сѐ што е живо, венее.

Двете тела низ портите минаа,

на дистопија наидоја,

за безумната страст зажалија,

па на крајот неизбежен,

без тронка срам се разделија.


 

Томас Ѓорѓиевски има 28 години, по професија е новинар и дигитален маркетер. Кошарката му е прва љубов, поезијата втора. Првпат се пријавува на конкурс од овој тип, претходно, како што вели, пишувал само за себе (и за одредени симпатии).


„Слободното време најчесто го користам за прошетки со кучето во природа, пропратени со daydreaming за идеален и мирен живот. Инспирација за пишување најчесто црпам од прекумерно слушање музика и навраќање на значајни моменти од животот. Опседнат сум со SAULT, Gorillaz, Black Keys, Black Pumas.“ додава Томас.


🔴Песната „Утопија“ беше изложена на изложбата на настанот по повод 3. роденден на „Култура Бета“

24 views

Comments


bottom of page