Извадок од песната „Ноктурно“ од Васко Марковски, еден од учесниците на 2. Скопски поетски фестивал кој со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.
„Тој сум, истиот
– со големата сенка,
пред зајдисонце,
заслушан во морето,
загледан кон маслините.“
Зошто на Скопје му е потребен „Скопскиот поетски фестивал“?
Васко Марковски: Скопје знае да изненади со необични поетски сензибилитети и дарби, но без средби со поезијата од други поднебја лесно е поетската сцена да се претвори во затворен, маѓепсан круг. Поетските фестивали се убава можност за проширување на поетскиот хоризонт, импулс кој со средбите меѓу поетите знае да го разбранува и надгради поетското искуство и да биде повод за нови креативни патешествија на учесниците. Придобивките се повеќеслојни ‒ и за поетите и за слушателите во гледалиштето.
Васко Марковски е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Автор е на стихозбирката „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018), на збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и стихозбирката „Скопски улици“ (Бегемот, 2022).
Comments