Колкав е вашиот јаглероден отпечаток? Колку вие, да, вие лично влијаете врз околината и колку вие како индивидуа ја загадувате? Ова е прашање кое е често поставувано од „еколошките здруженија” за да ги преиспитаме сопствените одлуки и да го намалиме влијанието врз околината. Летате со авион? Вие сте лоши. Јадете месо? Користите шампон? Се греете за време на зима? Вие сте лоши.
Најпрвo, што е јаглеродниот отпечаток? Тоа е количината на јаглерод диоксид што ја прави една индивидуа или ентитет (Благодарам Еко-Фактопедија). Оваа мерка е измислена во деведесетите години, но се популаризира во 2005-та од страна на BP (British Petroleum) или една од најголемите компании која произведува нафта и нафтени деривати. Логиката е следна, доколку сите го намалиме сопствениот отпечаток, тогаш ќе има голем акумулативен ефект и драстично ќе се намалат и ќе се успорат климатските промени. Но, реалноста е следна: ова е само начин да се префрли вината од системот и од вистинските загадувачи (100 компании се одговорни за 71% од целото загадување на светско ниво, повеќе тука) кон обичниот човек. Ова може да се види и во самата кампања за промовирање на јаглероден отпечаток, каде 95% од вкупниот буџет биле потрошени на рекламирање, а 5% за намалување на самиот јаглероден отпечаток.
Оваа појава не е ретка, баш напротив. Секој ден гледаме како се „префрла топката”. Кога требаше задолжително да се вакцинираме, кој носеше одговорност? Тој што се вакцинира, а не државата или компанијата. Така пишуваше на ливчето на кое што се потпишувавте за да ја добиете вакцината. Ако имате некакви нус-појави, со среќа.
Денес имаме економска криза, што не е баш тајна и што сите нѐ засега. Цените се премногу кренати и не се издржливи. Како студент што студира во друг град, јас лично чуствувам колку побрзо се празни џебот. Минатата година, студентите имаа студентски оброк кој вредеше 120 денари и го добиваа секој работен ден. Каде е огласот од МОН за оваа година? Ако некој има линк, нека ми го прати.
Искрен да сум, скап ми е лебот од 60 денари.
Но, за среќа, добивме препораки како да си ги намалиме трошоците!!! Дел од нив се:
Да се бањаме само кога е потребно;
Да готвиме храна во помали садови;
Да ја ладиме храната на потопло (ова веќе го прават супермаркетите за да си го зголемат профитот, а ние да купуваме скапани продукти);
Да се качуваме по скали, за да не користиме лифтови;
Да, ги одбрав најглупавите и ги набројав. Знам дека звучат апсурдни и реално, никој нема да ги практикува, сите треба да стегнеме заби и да ја поминеме тешката зима. Но, ве излажав, има луѓе кои ни криви ни должни ги практикуваат овие мерки, а тоа се студентите во студентските домови. Тие не се качуваат со лифтовите затоа што штедат струја, тие се свесни граѓани и по своја одлука го прават ова. Нивните фрижидери се изгаснати преку ноќта за да се штеди на струја. Бојлерите им се исклучени, ама барем имаат за греење. Барем има парно.
Има муабет дека повторно сите образовни установи во поладните месеци ќе бидат ставени онлајн (настава на далечина) заради скапата набавна цена на природниот гас.
Да се надеваме дека нема да е така.
Веќе ги качуваме скалите.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Kommentare