Со извадок од песната „Ноќ на полна месечина над Скопје“ го најавуваме Влада Урошевиќ, учесник на Интернационалното поетско читање во рамки на вториот Скопски поетски фестивал кое ќе се одржи на 31 август во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19 часот.
Ова е Вардар, не е Брамапутра!
Што бараат индиски храмови во Скопје?
Измешани птици, мешаници, сцени со уцени!
Ноќта искри како некој нем филм од времето на Манаки
изгребан од безброј прикажувања.
Сè е посипано со сина топла прав
како она лето кога Милош Црњански
го воделе да ја види Старата чаршија.
Влада Урошевиќ ‒ македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во Скопје во 1934г. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 1987 г. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 г. е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 г. станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 г. Исто така, тој е член на МАНУ, како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург и член на Македонскиот ПЕН центар.
Comments