Вчера на пладне во МКЦ се одржа музички собир под наслов „Сите за МКЦ“ во организација на колективот на млади музичари „Гола Планина“ на кој настапија десетина млади артисти и бендови, а сите под една заедничка цел да се изрази незадоволството, гневот, револтот предизвикани од последните промени во МКЦ. Имено, да се запре непотребната партизација и присилното менување на раководството на МКЦ и, секако, а и поважно, да се искаже незадоволството за големото кратење на буџетот на Младинскиот културен центар.
Речиси за сите кои се занимаваат со независна и алтернативна култура во која влегуваат и музичарите, и поетите, филмаџиите, ликовните уметници и сите помеѓу нив, МКЦ значи едно - единствена јавна институција која ја поддржува, негова, ја инспирира и ја гаи независната култура во Скопје, па и во цела Македонија. Можеби и да нема независен уметник кој барем еднаш немал прилика да настапи во МКЦ, но и да не настапувал бил дел од настаните во публика. Та оттука МКЦ за сите е некаков дом, прибежиште, можност, прилика за развој на уметничкото.
И тоа вчера не беше протест бидејќи за овие работа не се протестира, не се очекува од присутните насилно да влезат и да ги вратат работите на место - овие уметници не го прават тоа. Настанот вчера не беше ни спeктакл, не беше ни уште еден концерт, не беше ниту фестивал, туку музички собир каде присутните се забавуваа, но и не се забавуваа премногу бидејќи се чувствуваше гнев, но се чувствуваше и љубов.
Младите бендови обединети во колективот „Гола Планина“ заедно со сите другари-музичари го направија овој настан, со изнајмена опрема за озвучување, на платото пред МКЦ, ја испратија пораката! Музичарот Мартин Џорлев, кој е и еден од иницијаторите на собирот, на сцената истакна: „Сепак светот не е ништо без сите вас освен едно тивко, загадено парче земја, без љубов, без гнев, без другарство, без самотија, без луѓе кои не се нелуѓе, без здив, без светлина, без темнина, без пот, чувство и голотија. МКЦ е нашиот мал свет, секој од нас шетал, талкал и ја барал својата причина на овие коцки, тука. МКЦ е излез од целото црнило. МКЦ сме сите ние. Љубов и гнев!“. Во краткиот муабет кој го направивме со Џорлев тој зборува за следните чекори, за петицијата, за важноста на МКЦ.
Андреј: Што (тебе ти) значи борбата за МКЦ?
Мартин: За мене борбата за МКЦ значи борба за младата независна алтернативна сцена. Борба за она што најмногу ми ја полни душата, за она што ме прави мене и многу други луѓе среќни.
Андреј: Како си задоволен од собирот и од неговата посетеност?
Мартин: Многу ми е драго што се собраа толку многу луѓе во поддршка на МКЦ, очекувавме луѓе, но не во толку голем број. Луѓе слушаа, зборуваа, пееја, беше забавно, но не презабавно, имаше гнев, но и многу љубов. Сакам да мислам дека настанот беше добар потсетник за што би изгубиле ако не се бориме за МКЦ. Единствено што ми сметаше е што некои луѓе си го немаа собрано ѓубрето пред да си заминат. Не бива да се бориме за културата, а да сме некултурни.
Андреј: Кои се следните чекори (на Гола Планина)?
Мартин: Оваа ситуација е поголема од Гола Планина како воглавно музички колектив. Бара сериозна организација на поширока иницијатива, така да во блиска иднина таа иницијатива ќе заземе поконкретна форма, со истото мото на настанот: СИТЕ ЗА МКЦ! Гола Планина ќе продолжи да се стреми да ги брани интересите на младите музичари и да пружа нови прилики, да го документира новиот бран на музика и да е тука за млади бендови на кои им е потребна помош. Не сме некои експерти со дипломи за бизнис, не сме членови во бендови со сто турнеи, не сме уметници со дела во музеи, ниту писатели со драми адаптирани за театар, но тоа што можеме ќе помогнеме.
Андреј: Како помина петицијата?
Мартин: Кога луѓето разбраа дека има петиција се насобраа во редици да се потпишат. Околу 1200 потписи. Цело време имаше луѓе кај пунктот. Многу е важно да имаме документ како доказ за успехот на настанот. Иако петицијата која ја направивме на овој настан имаше поопширни барања, во иднина ќе се конкретизираат сѐ повеќе и повеќе, но тоа ќе биде работа на пошироката иницијатива.
Здраво млади, Земјотрес, Таксират, Лузер фест, Пин конференција, Млад отворен театар, Cinedays, Филозофски филмски фестивал, Џифони, Македокс, Скопски филмски фестивал, Флипбук филм фестивал, Киненова, Ехо - фестивал на планински филм, Женскиот младински хор, Градскиот дувачки оркестар, Скопскиот поетски фестивал, Букстар, проектот „Види музика, слушни слика, добиј книга“, сите промоции на книги, претставите на Артопиа и на сите други независни театари, изложбите во Галериите, Детскиот креативен центар, настаните во Планетариумот и сите, сите, сите останати фестивали, настани, проекти и сите уметници што барем на еден час поминале во МКЦ - на сите МКЦ им е важен и затоа се #СитеЗаМКЦ!
Поетесата Долорес Атанасова - Лори која е често е во МКЦ, а последно ја гледавме и на главната вечер на Скопскиот поетски фестивал вели: „МКЦ е институција која ѝ дава слободен простор на културата, ја крепи алтернативната сцена, дом е на музички бендови, филмски и поетски фестивали и случувања, МКЦ е отворената врата за уметноста на маргините, таму слушаме, читаме, изложуваме, гледаме уметност, МКЦ неуморно и посветено ги следи прогресивните движења во културата, и не, не може насилно да се влезе таму. Се чини дека некој го избрал највалканиот начин да се протне во МКЦ третирајќи ја оваа институција како некаков си трофеј за добро одиграната улога во валкана политичка игра која ни го диктира секојдневието. Мене лично МКЦ ми е дом, првото стапнување таму беше и љубов на прв поглед, таму е уметноста која ми се допаѓа. По ѓаволите со политички калкулации и штаб-фирери!“
На вчерашниот собир настапија дузина млади уметници, музичари и бендови меѓу кои и Cut Your Nipple, Lufthansa, Дина Јашари, Новиот почеток, Schock Troopers, You, Хајка, Dope Кukjata, Хајка, S.A.M…. - сите испратија пораки за поддршка на МКЦ од сцената, повикаа на потпишување на петицијата и уште еднаш запрашаа: „Дали сте биле во последниве 50 години на свирка, изложба, театар, поетско читање, промоција на книга, проекција на филм, или на било каков настан во МКЦ? Дали сте си поминале убаво? Ако да, знаете за што се бориме.“ На настапот на Дина Јашари сите пеевме „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“, а артистот S.A.M. во кус муабет за Култура Бета повторно ги истакна барањата и мотивите за собирот:
Андреј: Зошто е важно да се негува независната сцена?
S.A.M.: Независната сцена треба да се негува бидејќи е жива, секогаш свежа и никогаш не прави компромиси за да се наметне. Слободна во изразот и пријателски настроена према сите кои сакаат да се дел од неа.
Андреј: Што ти значи тебе лично МКЦ?
S.A.M.: МКЦ за мене е местото каде што го изострив вкусот и талентот настапувајќи и присуствувајќи на низа настани. Да не ги набројувам и пријатните лица и поддржувачи кои ги запознав тука низ годините.
Андреј: Како си задоволен од собирот и од неговата посетеност?
S.A.M.: Собирот беше педантен и покрај масовноста. А меракот да застанам заедно со моите современици за ваков собир е неизмерен. Се надевам дека ќе резултира ко што треба.
На самиот настан имаше илјадници луѓе, ваква посетеност имаше и на 50-тиот роденден на МКЦ кој се одржа пред неполн месец. После само еден месец по роденденот и по два месеци од доделувањето на наградата „13 ноември“ на МКЦ за достигнувања во културата доаѓа намалувањето на буџет и препирките со директорот и вработените. Настанот предизвика огромни реакции кај сите, и кај политичари, и кај активисти, кај граѓански организации, но најважно кај уметниците и сите оние кои се поврзани со МКЦ. На самиот настан имаше присутни новинари и од редакциите на независните младински платформи, но и од поголемите мејнстрим медиуми. Со младата новинарка Ангела Бошкоска од „Радио МОФ“ помуабетивме околу начинот на известување и присуството на новинарите на собирот.
Андреј: Како новинар кој го следеше настанот, кој ти е генералниот впечаток кој го доби од комуникацијата со дел од организаторите и учесниците по прашање на проблемот со МКЦ?
Ангела: Вчера платото пред Младинскиот културен центар каде се одржа музички собир во знак на одбрана на МКЦ и изразување на незадоволството за неодамнешните случувања го посетија стотици граѓани. Убаво беше да се види поддршка од луѓе на кои очигледно им значи културата и им значи местото што ја промовира да ѝ остане на неа и ним - културните дејци и поддржувачи. Сите на кои им пристапив со задоволство ми го кажаа нивниот став - што им значи МКЦ и зошто беа таму вчера. Освен организаторите од музичкиот колектив „Гола планина“ и младите на кои им земав изјава слободно го искажаа она што го мислат. Вчера немаше страв да бидеш тоа што си и да го кажеш тоа што го мислиш. Без разлика дали анонимно или со име и презиме, луѓето беа гласни и расположени на мирниот собир. Според големиот наплив на посетители вчера кој од час на час се зголемуваше имам впечаток дека МКЦ нема да се даде лесно. Време е да му се возврати за сето она што ни го пружа центарот низ годините.
Имаше медиуми, камери, фоторепортери. Слободно се фотографираше и се земаа изјави и во ниеден момент не се почувствува тензија. Присутните во нивен стил ги упатија своите барања - без протест што го нарушува јавниот ред и мир, туку на концерт со цврста желба за поддршка порачаа дека МКЦ e зракот на нашата култура.
Андреј: Дали мејнстрим медиумите (телевизии, радија, новинари од редакции на дневните весници) беа присутни во доволен број и како тие известуваа за настанот?
Ангела: Не би можела да кажам со сигурност кои медиуми точно и колку од нив беа присутни. Сепак според она што го прочитавме и видовме подоцна на вести, секој од присутните медиуми допринесе пораката да се пренесе во јавноста и тоа е за пофалба. Ако не беше главна вест вчера, тогаш беше меѓу главните. Освен тоа, тука е важно да се направи дистинкција меѓу „протест“ и „музички собир“ како и меѓу настап на локалните музичари и бендови и „музички спектакал“. Како што кажав и погоре, собирот не беше протест, туку испраќање порака. Музичарите не се обидуваа да направат спектакал туку да ги соберат околу сите кои се чувствуваат како нив и како заедница да го кажат она што сакаа. Сметам дека успеаја во тоа. Се надевам дека пренесените пораки ќе успеат да издејствуваат во знак на барањата.
За Младинскиот културен центар може уште многу да се зборува, секој уметник и посетител може да каже уште куп причини зошто го сака и зошто е важен МКЦ. Нашиот став како младинска неформална организација за култура е насочен во целосна поддршка на сите оние кои ги застапуваат вистинските вредности и кон сите оние кои се борат за МКЦ да остане центарот кој е. За нас МКЦ е место каде што сме пораснале, каде што сме се постанале самостојни, каде што сме научиле што е добра уметност и каде што е уметноста која ја сакаме, за нас МКЦ е поддршка, можност, потреба, љубов и борбата за да го задржиме МКЦ каков што го имаме и сакаме не е политичка борба, туку е уметнички порив, порив кој за смисла не прашува бидејќи е љубов, а љубовта кога некој на сила ја нарушува нормално е да се појави гнев. Затоа МКЦ мора да остане заедно со сите уметници кој во него, за него и поради него творат и да не заврши во било чии раце, МКЦ е дом и треба да му вратиме за сѐ што дал на овој град и на оваа држава. Да го зачуваме! #СитеЗаМКЦ!
Comments