Утрата студени, пладнињата сончеви, а ладни. Месечината се спушта во пет, а ти и велиш да забави, оти сѐ уште немаш завршено со испланираното за денот. Метежот низ градот ти ги тестира нервите, а знаеш дека и со време си кус/а, декември е, а купишта задачи те чекаат, на кои ни редот повеќе не им го памтиш. И веќе кога ни она лате макијато, во чаша со твоето име обележана, што секој ден го сликаш за на Инстаграм не ти дава сератонин, сфаќаш дека нешто не чини, а прстот немаш каде да го впериш. А ти млад/а, убав/а, умен/на, а животот брз, непредвидлив, таинствен.
И брзаш, и иташ, и сите сили ги даваш да стигнеш до целта која не ти е поставена, дур животот уште трае. Впрочем, само дваесет и четири часа се во ден, а ти сакаш сите до последна секунда да ги искористиш. Затоа брзаш да постигнеш сѐ, да бидеш сѐ, сестран, сезнаечки, сеприсутен, сеостварен, сеприфатен... и кога повторно сите напори ќе ги вложиш, пак не го добиваш задоволството по кое копнееш. А годините минуваат, времето си врви и додека да трепнеш, младоста одминала, убавината избледела, а за паметот веќе станало доцна. И тука сфаќаш дека можеби во право биле кога рекле оти два типа на луѓе има на светов: оние кои работат за материјалното и валидираното и оние кои работат за времето. Односно тие кои цел живот стремат кон достигнување на небото по цена на времето и тие кои небото не ги интересира, туку времето за да го истражат животот земен.
Не, не, ти не правиш грев, туку соживуваш со динамиката на модерниот свет во кој секој миг е натпревар на повеќедимензионални нивоа за кои природата не ти дала рецептори да ги увидиш со голо око. Амбицијата ти е прв оброк во денот, а конкуренти ти се на мени за ужина. И многу е природно да бараш валидација во академска, професионална, општествена, економска сфера. Тоа од тебе се бара. Животот е тест, животот е натпевар, а ти постојано си два чекори зад твојата генерација. Се плашиш да одбереш пат, оти не знаеш кај може да те одведе. Ама и како би знаел/а? Како би знаел/а дали стремежот кон перфекцијата која е свесно неостварлива, може да биде заменет со пронаоѓање на задоволство и страст на некои други места? Она што за друг било случај не значи дека ќе биде и твој. А што ако никогаш не најдеш такво нешто? Суфицит на време може е уште пострашен од немањето време. Поголеми се шансите да останеш сам со своите мисли и да те излажат. И еве сѐ уште се вртиш во круг и повторно се враќаш на точката од која си тргнат/а, оти знаеш дека на крајот од денот само среќата е битна, а не знаеш како до неа. Дали со бесконечен стремеж кон предизвикување на далечините кои можеш да ги изодиш, или пак со умерени амбиции и време за живеење?!
Искрен да бидам, јас не можам да те осудам. Немам право на тоа! Ни самиот не знам кој тип на човек сум (или кој сакам да бидам). Впрочем, целосно те разбирам. И двајцата сме заглавени по иста траекторија која врти во бесконечност. Но, нејсе, овој пат ќе го оставам осознавањето за друга прилика и ќе пуштам последните денови од оваа година да си го земат својот тек, природен. Нека декември самостојно ме спроведе до крајот од годинава, а догодина ќе ја соочам думава. 2023 е моја година!
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments