top of page
Writer's pictureДамјан Златановски

Воскресение Земјино

Отсекогаш ми бил интересен ставот во нашиот, македонски менталитет дека на ненаставен ден „не се учи“. Впрочем, како битија сме створени непрестано да примаме информации, а обработиме онолку колку ни е капацитетот. Секој ден учиме. Цел живот учиме. Формално. Неформално. Информално. Од facebook коментари или tik tok видеа, понекогаш енциклопедии и стручна литература. Книги, Интернет, полемика, на пазар, во кафеана. Што и да е, од кај и да е, секој ден учиме. А додека наставниците се борат за достоинствен живот, ајде ние на сопствена рака да научиме нешто корисно.


За Православните Христијани денес е Велики петок, а за сите нас е Ден на планетата Земја. Не е лесно да најдеме заедничка точка на толпа луѓе и нелуѓе, оти повеќе нешта не’ делат од што зближуваат. Но на крајот од денот, она кое за сите нас е заедничко е планетата Земја, единствениот дом кој го имаме. Често ќе сретам како луѓето „одбрале“ да станат еко-свесни, ко некој да ни дава избор. Еколошката свест и одговорност не се опција, туку камен темелник на иднината. Во чест на овој „празник“, како што доликува на еден домаќин, ќе ве послужам со неколку животни навики кои можат активно да придонесат во сочувување на нашата планета, Земја.


Прво намали го осветлувањето на екранот, не е добро ни за очите. Изгаси ги сите беспотребно вклучени светилки низ домот и уредите оставени на „стендбај“ извади ги од штекер. Гледаш колку е лесно, а уште полесно станува кога ќе го апсорбираш како навика. Што се однесува до домот најмногу вреди во инвестирање во енергетски ефикасни уреди од класа А, LED осветлување, енергетски ефикасна фасада, поставување на соларни панели (и/или ветерници) како обновлив извор на енергија, бидејќи покрај современиот изглед, со себе носат и економска исплатливост во подолг период, а се „еко-френдли“.


Тоа eco-friendly, всушност е нужно при одуката дали да купите нешто. Трендовите доаѓаат и заминуваат дури и по неколку пати во сезона, но на наша свест останува да се дистанцираме од брендовите кои продаваат „fast fashion“ кој е еден од најголемите загадувачи, експлоататори на работна сила и произведувач на енормни нерециклирачки количини отпад. Користењето на повеќенаменски предмети исто така е голем бенефит (Флаша за вода, чаша за кафе, торба за пазарење…). Купувањето од локални, мали бизниси исто така е чекор кој покрај тоа што го намалува користењето транспорт, нуди поддршка на оваа категорија. Свеста при купување се однесува и кон храната, најдобро е продуктите да се купуваат свежи, од локални произведувачи и да бидат сезонски. На тој начин се грижиме за здравјето директно (со добра исхрана) и индиректно (со зачувување на животната средина).


Што се однесува до храната, дури и она кое го внесуваме секојдневно во организмот има влијание врз животната средина. И веганството е начин на борба за планетата. Одгледувањето на животните и дополнителната обработка на месото и млечните производи, сами по себе носат штетни последици врз средината (најмногу во потрошувачката на питка вода и енергија). Дефинитивно ваквиот начин на живот не е адаптабилен на сечиј организам, ниту пак секој е спремен на ваква промена, но и самото намалување на консумација на продукти од животинско потекло и зголемување на овошките и зеленчукот во исхраната се голем плус!


40% од цврстиот отпад кој на годишно ниво се произведува во Македонија е храна. Тоа значи дека огромен дел од произведената храна завршува како отпадок и покрај тоа што постојат семејства кои преживуваат со еден оброк на ден. Ваквото несовесно трошење на прехранбен материјал исто така е проблем чие решение е готвење на помали количини и донирање храна во центри кои згрижуваат луѓе од загрозена категорија. Дури и начинот на подготовка има влијание: користењето на капак го намалува испарувањето на вода, времето за готвење и количеството на енергија.


Убедливо најголем загадувач на глобално ниво е транспортот. Јаглеродните емисии од авиосообраќајот, издувните гасови од автомобилите и недостаток на културата за велосипедизам. Впрочем, можеме да возиме велосипеди, а можеме да користиме и јавен сообраќај. Односно би можеле кога би имале услови за тоа. Поголемиот дел од ова решение се потпира на државата која треба да обезбеди патна инфраструктура поволна за велосипедизам и функционален јавен транспорт (а свесни сме колку е (не)обезбедено), но моја цел не е да доловам колку многу може државата да направи, бидејќи да сака, многу лесно би пронашла решенија (впрочем најдени се, ама некому не одговара да се применат). Затоа мојот совет е да не се обесхрабруваме туку самите да најдеме поефикасен начин на секојдневен транспорт.


Последниот совет за денес е да бидете учени и гласни. Читајте, истражувајте и споделувајте. Зборувајте на Интернет, во продавница, во редица пред банка, на работ, во школо. Секаде каде имате можност споделувајте совети и искуства. Секој ги чувствува последиците, па дури и скептиците се свесни дека мораме сите да се приклучиме во оваа борба за опстанок. На дневно ниво од 150 до 200 растителни и животински видови изумираат, опстанокот на околу 15% од цицачите и 11% од птиците се смета за загрозен, а најголем допринос е човечкиот. Почнете денес, но не заборавајте да продолжите утре. Нека секој ден биде ден на планетата Земја, а денес нека ви е честито воскресението Земјино. Толку.






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.

Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page