top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Клинци #3 - поезија од учесничките

Вечерва (10.5.2024) со почеток во 20 часот во просториите на Europe House во Скопје ќе се случи третото издание на „Клинци“ во чии рамки ќе се одржи книжевно читање и изложба на младата фотографка Валентина Миладинова.


На читањето ќе се претстават четири млади поетеси Ивана Јовановска, Саранда Мехмеди, Моника Стојановска и Софија Добревска.


По повод одржувањето на настанот објавуваме по една песна од секоја учесничка!


ЛУЃЕТО СЕ КУЌИ од Моника Стојановска


Луѓето се само трошни куќи

си велам

додека го чекаме истиот автобус

ова дождливо и калливо утро


Стиснати така

во дебелите слоеви облека

сите ми се исти и

сите ми се блиски


Само трошни куќи,

наредени со лимови врз лимови

и привремено закрпени ѕидови


Тие само не дозволуваат

топлината да им излезе од некоја страна


(од збирката „Има и такви денови“, Полица, 2022)


МАЛА ПАТНА ТОРБА од Ивана Јовановска


те оставам секогаш мирен.

тебе, што си си се потпрел

на едното рамо на европа и трпеливо чекаш

како помеѓу нас да нема километри, планини,

возови, разделби, распореди.

со дел од себе

во тебе пронаоѓам часови чекање

и знам дека морам да ти се вратам,

да го запрам часовникот што брои.

помеѓу љубовните песни, чекори и молчење

ме раззеленувааш и ме ослободуваш.

добрите поети пишуваат за универзални нешта,

а јас пливајќи во купишта стихови за тебе

никако да се подобрам.

само те љубам и се протегнувам

од едно до друго море

и од еден до друг бескрај

се пакувам во мала патна торба.


(од „Номадски затвори“, ПНВ Публикации, 2023)


ИСТОРИЈА од Саранда Мехмеди


Еден ден

ги покрив ушите

набљудував

долго набљудував

потоа ги затворив и очите


и видов многу подалеку

од знамињата


(од „Поиесис“, Сигмапрес, 2021)


НЕМИР од Софија Добревска


Во езерото едно кајче плови

и го попречува видикот

онаму каде се допираат две синила.

Се ниша лево-десно, како глуварче

и не знаеш што е понемирно,

езерото или кајчето?

Кој кому му го нарушува мирот

со своето присуство?

Кое од нив ми го одзема здивот?


Во езерото едно кајче плови,

а во него - ти

среде сето мое размислување.


(од „Небо од стихови“, Антолог, 2024)


留言


bottom of page