top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Поезија од Долорес Атанасова - Лори

Денес (25.11) со почеток во 19 часот во фоајето на Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на новата стихозбирка на поетесата Долорес Атанасова - Лори насловена како „Сега ти стануваш јас“.


„Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на инстаграм сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или пак дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме.“ вели Снежана Стојчевска, рецензент на стихозбирката.


Во продолжение прочитајте три песни од „Сега ти стануваш јас“!


***

Ова не е време на идоли

ова е време на херои без име,

ова е време кога ги учиме

сите имиња на болката,

и сеедно е дали си

поет, скот,

војник или бог.


Ова е време кога

полесно е да си црв,

нема што да изгубиш,

ни памет ни којзнае колку крв.



***

Се прашувам

како му било

на првиот човек,

знаел ли дека е

прв и знаел ли

дека е само тој,

знаел ли што е осаменост,

или бил несвесен дека е

првиот од својот сој?

Се прашувам дали

ја видел иднината,

колку се плашел

од небото над него,

од сопственара рака,

од другиот во сопствениот

одраз на водата,

од незнаењето,

дали знаел да си

ги брои годините,

или да ги именува

вечноста и апокалипсите,

дали знаел дека

ќе го напушти незнаењето

и ќе се прпелка во наука,

ќе глувее среде градска бука?


Седи до мене,

ќе се прашуваме

дали кога се

појавил другиот,

прво сакал

да го љуби

или да го убие.



***

Имам 9 месеци

во утробата на мајка ми.

Ги слушам придушените гласови

отаде водата во која живеам

и мижуркам од сенките

кои ги пропушта кожата.

Убаво ми е.

Имам 42 недели

во утробата на мајка ми,

станувам тежина,

спремна сум да излезам.


Многу подоцна

ќе се сетам

дека храбар е

оној што се раѓа,

уште похрабар

оној што живее.


205 views

Comments


bottom of page