top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Поезија на Викторија Ангеловска и Калиа Димитрова

Минатата недела проследивме промоции на две нови стихозбирки од млади поетеси, „Ноќта сѐ знае“ на Викторија Ангеловска во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ и „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова како самостојно издание.


„Ноќта сѐ знае“ е стихозбирка за внатрешниот мир, за младоста, за љубовта, за движењето меѓу екстремите – од младешката невиност до грозоморот во животот на возрасните. Оваа збирка е нељубовна, бидејќи тука, оние што љубат, за возврат учат само како да страдаат, но е и нетипично љубовна, оти љубовта се јавува во скриените градски катчиња, стои како отпечаток на фестивалските карти, зрачи од спомените на старите фотографии... и сѐ така додека љубовта не стане прашина. Ова е збирка што задира во сите оние нешта што само ноќе се кажуваат, во нештата што само ноќта и ние самите ги знаеме.


Во продолжение прочитајте неколку песни од „Ноќта сѐ знае“.


***


метеж повторно.

се вратив во сопствената изопаченост.

левото е десно, десното е

којзнае каде.

ова е жолтата соба.

тука сите се среќни,

иако сите едвај си ги паметат имињата.

од милион гласови

се создава само еден

што зборува на неразбирлив јазик.

слушам. молчам.

затворам очи и танцувајќи заминувам,

зашто, парадоксално,

само така знам дека сум вистински тука.

инаку,

моментот бега

како бел зајак,

a jac, Алиса,

трчам, трчам, трчам,

верувам, верувам, верувам

и

по стоти пат пропаѓам во дупката.


***


ќе ми поверуваш ли ако ти кажам дека

седната на прагот од задниот влез

во куќата на баба ми,

со сивиот мачор зборувавме

за тоа како смешно нѐ одминуваат годините

и што е животот

ако не едно големо чекање пред прагот

меѓу парчето риба за ручек

и крајот од метлата за вечера?

ќе ми поверуваш ли ако ти кажам дека

денес повторно имав шест години?

на краот на разговорот,

мачорот безгрижно заспа под скалите,

а jac, само за момент,

си го почувствував срцето

како една цврста целина.


***


мириса на млеко и чоколада

капки вода ти се лизгаат по челото

очите ти се модро космички

и допирот нежно уморен


во твоите крила лежи

поинаква слобода

во твојот хумор

поинаква поента

некаде сме различни

таму се наоѓаме

таму сѐ наоѓаме

и хаос и ред

и отров и мед

и толку болно убаво е

ти си мојата конечна дестинациіа

мојата најудобна перница

единственото место на светот

што го прави

така посебен мирисот

на млеко и чоколада


опиши ми

како боли

кога гризам.


 

„Поезијата на Калиа Димитрова е препознатлива по неколку специфични црти: коктел од болка, духовитост, луцидност, автентична интонација на бунтовност, урбаност, безмилосно остроумна перцепција и склоност кон јазични игри. Таа продолжува со развој на својата феминистичка освестеност за телото, неговите замки и потајни барања, за пркосот и борбата со крајпатните искушенија и пориви, вешто зачинети со, кај нас, мошне ретката, смисла за хумор и подбив со секојдневните политички флоскули.“ вели професорката Елизабета Шелева во кусиот осврт за книгата.


Во продолжение прочитајте неколку песни од „Во хаосот радост“.


сѐ по старо


ноќ во град, што со тоа?

ме прашуваш кој филм ми го променил животот.

како ли да ти шепнам, филмовите не го менуваат

животот,

туку некои бизарно случајни настани

што немаат никаква врска со тебе

и твојот префинет вкус.

на пример

дали татко ти го кутнал автобус од мотор

или која наставничка ти се паднала во прво

или дали ненадејно ти настинал папагалот

или која ноќ ќе попуштиш за кондомот

или кога се приватизирала државата

и слично.


пауза за телефон.

ноќва сите jа постираат полната месечина,

се ѕверам угоре како отворена дланка

но сѐ што ме гледа е една неодлучна неонка.


седум маргарити,

замисли да нарачав

седум ладни кока-коли

или седум топли машки срца

или седум месечини, замисли

колку ќе беше смешно, нешто како

моите среднокласни влашки

и црвенобуржоаски корени

и гордоста на мајка ми

што секогаш бевме шик

од глава до пети во Магнолија.


историја, каде оттаму?

сѐ што имам е чувство дека некому нешто должам

и една розова вазна

како доказ, можеби имам каде да преспијам.


полна месечина,

ако за видиш,

пренеси ѝ,

во Скопје сѐ по старо.

или ако можеш, ако баш не ти е тешко,

дрпни jа и стави ми ја на тацна.

Гладна сум.



BDSM


полека минуваш со ножот по средината

црвената пастрмка се звери во лустерот

ја допираш грижливо

како што би допрел милениче меѓу очите.

како што би ме допрел мене меѓу нозете.

со тенките прсти го отстрануваш

'рбетот потоа

една по една

ги бараш сите залутани коски

по месото

церемонијално градиш

кула и на врвот jа сместуваш главата.

почнуваш да јадеш.

се допирам кај зглобовите

во потрага по знак,

живо ли е нешто на масава?



во хаосот радост


Како да ти го опишам мојот живот?

Многу размислувам, слушам музика. Љубителка сум на цвеќиња.

(Сузан Сонтаг)


распослана на растурена маса ја свирам влашката приспивна

на седум полуполни вински чаши.


оваа, драги, не е за тебе.


скапоцени камчиња и огледалца ѕвечкаат над мене

носталгија за праведни земји и семејства кои никогаш на постоеле.


звукот е идентичен на ѕвезда во пад.

мостовите се расклатени како мојата верба.


преминувам внимателно како пантер во лов.

градот ми треба да талкам.


талкањето ма тера одново да верувам.


понекогаш заборавам

зад ребрата растам поле трпеливи маргарити.


треперам во новото прекрасно утро.


во суштина, го сакам животот.


што и да следува, ја бирам страната на новите деца.

253 views

Comments


bottom of page