top of page
  • Writer's pictureКултура β

Воздишки: Поезија од Андреј Ал-Асади

Овој вторник (5.12) во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со поетот Андреј Ал-Асади за неговата стихозбирка „Секој секому огледало“ (ПНВ Публикации, 2022), што воедно ќе биде и книга на месецот. Разговорот ќе биде дел од вториот циклус на кампањата „Читаме современи македонски автори“, со Александра Јуруковска како модератор, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.



Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат ипрошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонска лирика вели поетот Славе Ѓорго Димоски.


Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, негови песни се преведени на повеќе јазици и застапен е во неколку антологии. Член е на платформата „Версополис“ и на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал.


Во продолжение прочитајте три песни од „Секој секому огледало“!


Куклици


Кубури колани камени

Вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Момата младич млако мами,

Сновејќи само страсно сами,

Пребрзо прсти в прстен пика,

Родната раја в радост рика.


Скриена стега срце сиво,

Дробејќи в дланки дева диво,

Кажува клетва кума кори,

Свекорот стена нек се стори.


Кубури колани камени

Вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Заигран зетот заум зеде,

Бакнежи бегли бара беден,

Невеста нурна наспрем него,

Лапајќи леден лапор леко.


Наеднаш нозете негови,

Камени колумни кроени,

Пипало ползеки пругоре,

Зграгори загриза загоре.


Кубури колани камени

Вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Вкамени весели вресоци

В студени стенливи стисоци,

Девата длабоко дрмоли,

Морена в мраморот мрмори.


Кубури колани камени

Вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Кокино


Ι.

Пругоре бездна,

Прудолу бездна,

Помеѓу плута

Каменен цвет.


Небаре дланка,

Небаре света,

Друсејќи бучно

Кренала свет.


Верига хумки,

Верига точки,

Редени точно

Созвучја пет.


Седумте сестри,

Седумте Парви,

Минале тука

В усвитен лет.


Гргори гробно,

Гргори громко,

В карпата гргор

Глаголи жед.


Итаат луѓе,

Итаат бесно,

Болскоти јасно

Сефиротов сплет.


ΙΙ.


Стоиме сега,

Стоиме вишно,

Видокруг в далги

Излиен сет.


Вакати тажни,

Вакати тивки,

Наезда народ

Збришала клет.


Впиени в карпа,

Впиени лу]е,

Небаре знаци

Врежани в ред.


Думаме зошто,

Думаме како,

Осветен станал

Каменот блед.


Однатре око,

Однатре Хорус,

Грижливо варди

Внатрешен след.


Повторно лесно, Повторно внатре,

Пердиња плете,

Стариот цвет.


Огледалото на Бахлул


Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да легнеш

на две постели одеднаш?


Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да наполниш

два мева наеднаш?


Моите ноќи се како оние на Харун ал Рашид,

а можеби и помалку тажни.

Трагот од синокешната сладост што се слизнува

по јаболчниците на новиот ден,

и крлушките на свеста што се ронат

наспроти големата и кружна матност.


Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да легнеш

на две постели одеднаш?

Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да наполниш

два мева наеднаш?


Сите ние сме исти пред она што следува,

за еднаков залак несигурност ничкосани

питаме пред стаклените стапала на зората.

И со истата сол крвта ни се засолува

кога тажиме, неважно дали сме

момоци ил' калифи, во ист умор и бол

ќе ни се разложат коските ако

јурнеме по орбитите на несовесноста.


Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да легнеш

на две постели одеднаш?

Ако ти го дадат сиот свет,

ќе можеш ли да наполниш

два мева наеднаш?

212 views

Comentarios


bottom of page