top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Поезија од Владимир Мартиновски

Вечерва со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се случи „мала журка, со голем повод“ по повод излегувањето од печат на две книги на Владимир Мартиновски. Станува збор за книжевно-есеистичката студија „Песнапат“ и за стихозбирката „Паркот те помни“ која е избор од стихозбирките на Мартиновски од последнава деценија. Двете книги се во издание на издавачката куќа „Бегемот“. Покрај тоа, настанот се случува и по повод 20 години поетско творештво.


За таа прилика, објавуваме три песни што се вклучени во изборот „Паркот те помни“, а тимот на „Буква“ ве поканува на оваа убава дружба. Прочитајте во продолжение:


Бело вино


Иако стопати беа чуле

дека треба да се пие

само во месеците во кои

ја нема буквата „р“


(или дека е најдобро како

средство за чистење

дамки од црните вина)


белото вино

за нив таа ноќ

имало барем

две предности:


прво,

не било баш

најголем грев да

се меша со вода


(а тие веќе биле

жива вода)


и второ, им

правеле киселини

од кои до зори

не се заспива


(а тие и онака

немале никаква

намера да заспијат)



Мавзолеј на суетата


Мавзолејот на човековата суета

го нема во туристичките понуди.

Ниту во Атласот на светот.


Не се споменува ни во долгите

листи на заштитено културно

наследство. Ни во катастарот.


Оваа градба стопати била изградена

и разурната до темел. Секогаш

била претесна. Секогаш салите


се преполнувале дур' да трепнеш.

Мавзолејот на човековата суета

не го собира ни во пет галаксии.



Паркот те помни


Паркот ни е најстарата градска архива

(Оној бор стопати бил нечија статива)

Клупите помнат милиот бакнежи

Брезите милувања срцеви татнежи


Чешмите допири на безброј миленици

(Врбите бладања проширени зеници)

Костените озборувања пијана разговори

Елките караници смешни изговори


Фенерите помнат шаховски финти сопки

(Ледините проодувања дупнати топки)

Грмушките долги делења на молкот


Дабовите страшни сказни на волкот

(Тополите нечија најсмешна досетка)

Ја помни паркот и твојата прва прошетка


Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, книжевен преведувач, антологичар. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде моментално ја извршува функцијата декан. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Автор е на десет книжевно-теориски студии: „Од слика до песна – интерференции меѓу современата македонска поезија и ликовните уметности“ (2003), „Споредбени триптиси“ (2007), „Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија“ (2009), „Споредбени диптиси“ (2011), „Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија“ (2013), „Narro ergo sum“ (2015), „Поетски (ре)визии“ (2018), „Далеку, а блиску“ (2020), „Век со Конески, мигови со Блаже“ (2022) и „Песнапат“ (2023). Автор е на книгите поезија: „Морска месечина“ (хаику и танка, 2003), „Скриени песни“ (хаику, 2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (хаику, 2006), „Квартети за читање, гледање, пеење и слушање“ (2010), „Побрзај и почекај / Harry up and Wait“ (песни во проза, 2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014), „Внатрешни планини“ (2016), „Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems“ (2017) и „101 сонет од една чудна пролет“ (2020), како и на три книги хаибуни: „Ехо од бранови“ (2009), „Мачка во магла“ (2016) и „Небо без ѕвезди“ (2016). Автор е на три книги за деца и на збирката раскази „Зоостории“ (2019). Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици. Приредил десетина антологии. Неговата поезија е застапена во неколку меѓународни антологии, а е објавувана и во голем број списанија. Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ (2009), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2010), на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика на ДПМ (2013), на признанието „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Лирата на Орфеј“ (2020) и „Антев златник“ (2020). Се занимава и со други уметности. Често пишува на пат, а патува читајќи.

340 views

Comments


bottom of page