Меѓународниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ годинава го слави своето јубилејно 35. издание кое ќе биде посветено на поетестите. Поетите Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска подготвуваат панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес, а насловена како „Самодиви“.
Сликата на корицата е дело на уметникот Никола Пијанманов, чија изложба беше поставена на минатогодишното издание на „Поетска ноќ во Велестово“, а изданието ќе биде промовирано на отворањето на фестивалот, на 18. август, во Велестово.
Зборот САМОДИВИ има значење на самовили, во најавите за оваа панорама беше објавена песна на Константин Миладинов токму за самодивата:
Ето к' идет самовила
Самовила самогорска
Пред лице је облак стоит,
А во него како ѕвезди
Светет очи самовилски.
„На „Самодиви“ работев заедно со Славе Ѓорѓо Димоски, со кого совршено се надоврзуваме. Имено, тој е одличен познавач на постарата генерација, јас, пак, на поновите поети, иако се разбира, и се преплетуваме. Што се однесува на книжевноста од времето на преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, од голема помош ни беше и стручноста на Славчо Ковилоски, на Димитар Пандев и дргуи, со чија помош откриваме многу наши поетеси, за кои малку се знае во јавноста. Овој потфат подразбираше многу читање, препрочитување, уредување и преуредување, пребарување низ книги, списанија... и, иако, за среќа ги/нѐ има многу повеќе, сепак одлучивме книгата да ја заокружиме со избор на точно сто авторки, имиња што оставиле поетска трага, и такви, чиишто песни ветуваат светла книжевна иднина.“ вели Јулијана Величковска во интервју за „Културен печат“.
По повод објавувањето на „Самодиви“ споделуваме пет песни што ќе бидат дел од оваа панорама на македонската женска поезија.
Т'га за прва љубов – Митра Миладинова
Роса росит, трева никнит, горум зелена;
Горица се с листом ставјат, jас немам с кого;
Jac си имаз едно дрво, и то не тука,
Отишло ми на далеку, на туѓа земіа!
Туѓа земја, туѓ вилает, т'га голема!
И јас да го на сон вида, како на јаве;
И тој да ми книга пушчит како сам дошол,
Малку легнав, малку преспав, чуден сон видов:
Како да ми книга пушчил, сам си не дошол;
Во книгата три дукати ем злати прстен.
Бела Мара и ластовица – Арса Стрезова
Долетале ластожди од Бело Море,
Им говорит Бела Мара, Христом Лазара:
„Ластоици, граматици, крилје шарени!
Дал' видовте мој господар во вашата зема?"
Е говорат ластоици, крилје шарени:
„Хај ти, Маро, Бела Маро, Христом Лазаро!
И ако сме го виделе, не г' познаваме“
Им говорит Бела Мара, Христом Лазара:
„Ластоици, граматици, крилје шарени;
Та тој носит самур-калпак дур' до рамена;
Та тој носит зелен-контуш дури до земја;
Та тој носит паун-перо, земата паʼат;
Та тој вјаат брза-коња, земјата гребит“
Моме црнооко – Депа Каваева
„Моме црнооко, црвено јаболко!
Опитај го татка ти даљ те дават за мене.“
„Лудо, море лудо, лудо аџамија!
Татко куќа глоба дават,
Мене не ме дават.
И куќата глоба.
И пак ние оба
Во топлата соба.“
„Моме црнооко, црвено јаболко!
Опитај jа мајка ти даљ те дават за мене.“
„Лудо море, лудо, лудо аџамија!
Мајка фурка глоба дават,
Мене не ме дават.
И фурката глоба,
И пак ние оба
Во топлата соба.“
Девојче, тенко, високо... – Ефта Богданова
Девојче тенко, високо,
Не оди ситно пред мене,
Не ми скоривај јадови –
Доста ми се и моиве
Ка да ги турам твоите?
– Тури ги в десна пазува,
Слегни си доле в чаршија,
Купи си ѕевгар волови,
Изорај рамни дворови,
Посеј ги мојте јадови,
Да видиш што ке ти никне.
Ако ти никне босилок –
Босо ке трчаш по мене;
Ако ти никне страторец –
Страден ќе бидеш за мене;
Ако ти никне џунџуле –
Џумерт ќе бидеш за мене;
Ако ти никне каранфил –
Каран ќе бидеш за мене;
Ако ти никне тополче –
Топ ќе те убие за мене.
О, јазик татков! – Цветанка Органџиева
О, јазик тажен чуден, мил
сѐ ули за тебе слушам!
Ти неизделкан и груб си бил,
никаква убос не си крил,
о, јазик татков мил!
А слушам како в планината
као овца кротко ѕвониш...
Те слушам и в шумот на реката
и в изворот како ромориш...
Те слушам и трпнам целата
в народната песна кога грмиш!...
Ти си мек и трепкав као роса
и с’лза млака на пролетна лоза;
игрив као извор в трава зелена,
убав као гора в снежна промена,
силен као рикот на војна распалена!
Не си ти тој шо ветер робски го довеа
и по градовите со шум голем развеа!
А тој шо се лее по гори и полиња:
бел и чис от матната, довлечена тиња!
О, тој!... Тој ги води Делчев, Тошев, Груев,
тој отвори небе за слободен, с’нчев изгрев...
Инаку, годинешното издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велеството“ ќе се одржи од 18 до 20 август во Велестово и Охрид, а претходно на 12 август ќе има интернационално поетско читање, настан за најава на фестивалот насловен како „Прелудиум“ каде ќе настапат девет поети од шест земји.
Comments