top of page
  • Writer's pictureМарија Велинова

Воздишки: Од Шопов и за Шопов

Како што се наближува крајот на годината, така привршува и чествувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Еден од последните постови кои ги посветуваме на овој јубилеј се „Воздишки“ во кои ќе прикажеме воздивнувања од Шопов, но и такви направени за него. Затоа избравме пет песни од поетот, еден портрет на Шопов направен од Никола Пијанманов, како музичка изведба направена според песна на Шопов.


Јус-поет


1

Прв е меѓу сите поети

со своите проверени квалитети

да се кити со јус-еполети.


2

Тој е суптилен, тој е фин.

Поезијата од него не се засрамила.

Јава на својата пегаз-камила

повешто и од бедуин.


3

Чудна е неговата поетска душа:

дома пее, а надвор слуша.


4

Сѐ му е познато, сè му е во близина,

песната му лежи на рамна низина.


5.

Своето поетско здание

со стручни награди го позлатува,

а другите благонаклоно ги упатува

во фондовите за општествено признание.


6.

Се откри себеси како поети

објави преку нашите ТВ емисии:

„Во мојот досега непознат свет

жители нови се населија.

Кој е виновен што е некој заплеткан во сите жири-комисии

кога веќе одамна никој не верува во евангелија!“


7.

Во неговата поезија има безброј изми.

И никој не може да ја прегази таа поетска река

па макар и да обуе од седум милји чизми.


8.

Страшно го разгневија

нашите банални секидневија.

Затоа се сврте и викна:

„Ќе станам манекен на поетска модна ревија!“.


9.

Како и секој современ поет

тој се дружи само по афинитет.

А афинитетот има друго име:

За да те преведам – преведи ме!


10.

Неговите поетски координати

се движат во простор од дај ми го нà ти.


11.

Најсетне прокапаа и поетските стреи:

ако се мршави хонорарите за обични песни,

поети пишувајте само за јубилеи.


Песната за првпат е објавена во Остен, бр.5, 28.XII.1966, стр.12


Кажи ми небо


Кажи ми: Небо. Мое небо.

Кажи ми: Небо на тишината.

И јас, мало стебло во темната шума на крвта,

јас ќе се откорнам со сета вековна немоќ,

и извишен високо, високо, високо,

високо ко топла човечка зеница,

ќе станам небо, твое небо.

Ќе станам небо на една Деница.


Но, не кажувај ми дека сум слаб,

но не кажувај ми дека сум немоќен

и да им погледам в очи на тревките,

но не кажувај ми дека од сите треви

во мене шумат само најкревките.

Скриј ја и премолчи денес вистината

за едно мое поденешно утре.


Кажи ми: Небо. Мое небо

Кажи ми: Небо на тишината.



Есен


Плаче ноќта, капат стреи стари,

болно гледат прозорите матни.

Мртва есен сегде в градот цари.

Пусто…  само некој доцен патник


по сокакот поднаведнат вјаса,

и колата, пред да падне вечер

бавно, бавно, кон гробот да стаса,

со писоци низ калта се влече.


Мома била со плетенки сини…

Сега влажна земја ќе ѝ тежи.

Зошто така мене ми се чини

мојта пролет во кола да лежи?


Пусто. Ладно. Наближува зима.

Остри капки лист по лисје кинат.

Зошто така страшна мисла имам

оти навек мојта младост згина?


Плаче ноќта, капат стреи стари,

болно гледат прозорите матни.

Мртва есен в мојта душа цари.

Јас сум само стар и морен патник.


Лузна


Те оградив cо девет градини, крви,

те затворив во девет грла,

што бараш уште, зошто ме прогонуваш, крви,

зошто закануваш со своето копито темно,

зошто незасито?


Те оградив во девет градини, девет грла,

смири се, крви, слегни во своите темнини

на чие дно твојот црвен вепар

одамна бара пештера за починка.

Слези во своите темнини, крви,


и не обѕирај се,


нема подобро место од ова што ќе скроти,

од овие девет градини, девет градини

што живеат од твоето зеленило,

од овие девет грла, девет грла

што ја пеат пролетта на твоите песни.

Слези во своите темнини, крви,


и не вели ми:


Слушај како татни од далечина,

слушај како татнат сите кории,

идат коњи по пат од ѕвезди и месечина

,идат коњи, коњи, коњи, коњи дории,

идат коњи да ме прегазат,

идат, идат ќе ме прегазат.

Но јас ќе ги ритнам со копитото

ќе ги ритнам право сред чело,

да ме паметат, да ме прикажуваат

и лузната да им свети навечер,

во нивните ноќи без месечина,

во нивните денови без светлина,

на нивните патишта под бурјани.


Не вели ми, крви. Крви, смири се,

оградена со девет градини,

затворена со девет грла

Како некој семоќен владател

на некоја непристапна тврдина.


Ацо ШоповНебиднина, 1963Песната за првпат е објавена во списанието Современост, VIII, бр. 9, септември 1958, стр. 754-755.

Слушнете ја “Лузна”


Пријателство


Oн ми ja донесе својата

песна со yсни да ја земам.

И ништо ceгa освен неа,

ништо немам.


Кому да ја подарам таа среќа мала,

тој кикот црвен, тој усмев палав?

Пријателе мој, зар те губам

зашто те љубам, зашто те љубам?



Портретот на Ацо Шопов е изработен од Никола Пијанманов, техника: акрилик на панел 100х80 cm.



За крај, музичка изведба на песната „Очи“ од Ацо Шопов од Диме Поповски во 1974 година.




406 views

Comments


bottom of page