top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Дијалог низ поезија [инспирирано од „Прости песни“ на Александра Спасеска]

Во оваа објава во рубриката „Воздишки“ првпат внесувам дијалог низ поезија. И додека се подготвува текст со импресии од збирката „Прости песни“ на поетесата Александра Спасеска, направив еден поетски дијалог на песни инспирирани од читањето на песните на Спасеска. Во прилог оставам три песни од збирката и три одговор-песни инспирирани во процесот на читање.



Туѓа песна


најмногу боли

кога не те познавам,

кога раката стои подадена

и камен споменик станува

на едно време

будно и небрежно,

на едно време

чудно и премрежно.


не кога не те препознавам,

оти и јас сум некогаш

безлична,

оти сум и јас под лики скриена,


не кога не те препознавам,

оти така одново те дознавам.


најмногу боли

кога не те познавам,

небаре туѓинец

в рака сум поканила,

небаре туѓа уста

сум наранила

кога очите твои

празно ме гледаат,

прострелуваат,

прелетуваат,

пребегнуваат.


оти тогаш

ме расчеречуваш,

оти тогаш

ме препродаваш,

оти тогаш

за душа ме раздаваш.


во жалта увилена,

тогаш одново ме убиваш,

оти

најмногу боли

кога не те познавам.


*** [одговор]


најмногу боли

кога ме забораваш

како да сум ти првата љубовница

која одамна си ја оставил

и сега органите се сушат

недостигањата ме гушат

оти

најмногу боли

кога телото боли

поради она што е во умот



Разделба


прегрни ми ја тишината


со три воздишки

со две раце

со еден преграб


слушни,

коски потпукнуваат

како суви гранки

во глува корија,


бакни ми ја осамата

(...)


*** [одговор]


прегрни ми ја тишината


со пет здива

со четири нозе исплеткани

со три повици


чуј,

срце потпукнува

како суви лисја

во нема шума.


и прегрни ми ја тишината


со седум издишувања

со шест чемреења

со пет прсти на тебе


види,

усте бакнува

како тазе јаготки да јаде

од домашна градина.



Студена песна


не носи ме в срце

како ехо на момчешка радост,

распретана пепел

во блудна ноќ

кога нејзиниот грб е студен.


не сум ти сон

наодболуван, јаден,

стежнат на плеќите

на една истината младост.


не ми е требна

љубовта твоја

груба и трепетна

ко старечка рака

што еден ден

молкум ќе ги погали

моите постхумно објавени песни.


*** [одговор]


ќе се дерат:

не објавувајте ми ги постхумно песните!

но, јас ве молам

објавете ги

така сирови

правописно стегнете ги

така сурови

за сите девојки и жени

за сите момчиња и мажи

за родителите, другарите и несаканите

да знаат дека сум ги љубел.


и не менувајте им ги имињата

бидејќи секоја сличност на опеаните

со реални личности

е намерна.


само така молкум ќе ги погалам.

Comments


bottom of page