Во најавата за Леона како носител на априлското издание на рубриката „Лик на месецот“, велам дека таа е отелотворување на определбата „љубител на филм“, и тоа на еден сосема не-клише начин. Па, за да се оправдам сама себеси, морам да докажам зошто така ја опишувам. Токму тоа е и целта на оваа ретроспектива, односно времеплов низ нејзиното формално формирање не само како режисерка и/или сценаристка, туку како познавачка и работничка на филм.
Покрај нејзиниот неоспорлив талент и посветеност, веројатно голем удел во денешните успеси на Леона во полето на филмот игра нејзиниот ангажман на домашните филмски фестивали уште од најмала возраст.
Во шесто одделение, Леона првпат учестува на младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ во шесто одделение, на нејзини (само) 11 години. Оттаму започнува една од нејзните најдолги филмски приказни, со тоа што таа го посетува фестивалот во улога на младинско жири сѐ до завршувањето на средното образование. Поради нејзиното активно вклучување во фестивалските дискусии за филмовите, но и во работилниците, таа е избрана како една од десетте македонски претставници на истоимениот, реномиран фестивал во Италија (каде, патем речено, започнува нашата приказна). Покрај нејзиното учество на „Џифони“ како жири, Леона има помагано и во самата организација на фестивалот, а веројатно „круната“ на нејзиниот однос со овој фестивал е тоа што во 2021, таа не само што држи мастерклас соодветно насловен How Giffoni helped me discover my passion for filmmaking, туку и филмот „Ќелија“ во нејзина режија, сценарио и камера, ја доживува својата премиера токму на таму истата година.
Сепак, „Џифони“ не е единствениот домашен фестивал кој игра улога во филмското растење на Леона. Во 2017, таа за првпат учествува на „Македокс“ како дел од првата генерација на „докуникулци“ - едногодишна школа за документарен филм која едуцира 12-16 млади годишно во секој аспект од правењето на документарен филм и годишно продуцира 3 до 5 кратки филмови. Во тој момент, таа е најмладиот докуникулец. Нејзиното учество на школата го продолжува и во 2018, кога за првпат станува волонтерка на фестивалот, улога која ќе ја држи сѐ до 2020.
Сепак, покрај тоа што Леона дискутира за филмови подобро од светски етаблирани критичари, нејзината умешност лежи во создавањето на истите. Така, во 2018, нејзините идеи првпат добиваат завршен продукт - „Хипохондрик“, краткометражен игран филм напишан, режиран и монтиран од Леона Јариќ. Оттука почнува нејзиното патешествие како авторка на филмови, а не само како љубителка. Во 2020 се снима и филмот „Џинкс“ според нејзино сценарио и во нејзина режија, а веќе следната година работи и на „Пикавец“ како камерманка. Во истата година го снима и претходноспоменатиот „Ќелија“. Сепак, за неа досега најплодната филмска година е 2022, кога таа снима три филмови, два од кои учествуваат (и/или се наградувани) на (меѓу)народни фестивали.
„Страст по лутањето“ (Lust for Life) e, после „Ќелија“, прв филм кој учествува на фестивали, но исто така е наградуван. На фестивалот MikroFAF во Белград, филмот освојува две награди - најдобар краток DIY филм и најдобар краток DIY филм во регионалната селекција. „Страст по лутањето“ е награден и кај нас, на Drim Short Film Festival каде ја добива наградата Special Mention.
„Животот на даската“ (Живот даске/Life of a board) е филм кој е снимен во 2022, но пред само две недели, на крајот на март ја доживува својата официјална премиера на фестивалот Martovski во Белград, каде се натпреваруваше во официјалната селекција за филмови до 50 минути.
Леона е македонска филмска авторка од новата генерација на македонски „филмаџии“ која вреди да се запамти, не само што може да се пофали со неколку фестивалски премиери и нагреди, туку пред сѐ, затоа што има особено уникатен и препознатлив пристап во сѐ кое таа го твори. Кога гледате филм на Леона Јариќ, знаете дека гледате филм на Леона Јариќ.
Comments