• Андреј Медиќ Лазаревски

Втора водишка: поезија на Моника Стојановска, фотографии на Ана В'чкова, музика на АТА

Воздишка

мн. воздишки

Вид збор: Именка, женски род

Ранг: 1926


Длабоко вдишување или издишување како израз на физичка или душевна болка, тага и сл.


Англиски: sigh Албански: fshamje, psherëtimë

Примери:

Тажна воздишка.

Длабока воздишка.

Љубовни воздишки.


Објаснувањето на возишката во Дигиталниот речник на македонскиот јазик е вака. Стриктно е врзана со физичката или душевната болка. Но, од искуство, може да се покаже и докаже дека воздишката доаѓа до израз и во куп други ситуации – водење љубов, замор, досада, тензија, среќа, та секако и воздишка од уметност. Воздишката е поврзана и со воздухот, а воздухот со постоењето, па оттука воздишките се дел од самото човеково постоење. Па ако еден од начините на толкување на уметноста е дека таа го подражава животот, воздишката би морало да е вклучена во самиот уметнички продукт.


Овој неделен избор на поезија, фотографија и музика – поезија од Моника Стојановска, фотографии од Ана В’чкова и музика од АТА.


1 – Поезијата на Моника Стојановска (извадоци од збирката „Има и такви денови“)


Воздишки од нежност, љубов и од едно покајание – „Посакувам да не барав војна никому“. Ах.


Луѓето се куќи

Луѓето се само трошни куќи

си велам

додека го чекаме истиот автобус

ова дождливо и калливо утро


Стиснати така

во дебелите слоеви облека

сите ми се исти и

сите ми се блиски


Само трошни куќи,

наредени со лимови врз лимови

и привремено закрпени ѕидови


Тие само не дозволуваат

топлината да им излезе од некоја страна


Сакате ли војна?

Ги отворам вратите,

нека влезе сиот џагор внатре

нека влезат сите бубачки

и залутани птици

и природата нека си го направи своето

зашто сè е нејзино

и мојата тишина

и мојата самотија

која е преценета

и замислена

Стоев зад прозорците

мислејќи дека ги набљудувам дрвјата

додека не разбрав –

тие ме набљудуваат мене,

јас сум само уште еден залутан гостин

кој едвај знае да се однесува

во туѓиот дом

Јас не знам ништо,

само доволно да се засрамам,

јас живеам во мали и големи четириаголници

кои врамуваат повторлива историја,

јас живеам во длабоко сина боја

на незадоволствата на оние пред мене

Ние не сме нашите предци

но понекогаш сме,

иако знаеме за подобро

јас сум нечија туѓа

детска, запоставена болка,

јас сум нечиј страв

бел како јануарски снег

кој води до училиштето

стапнат во тешка, долга,

масивна чизма

Паметиш ли,

игравме детска игра

наречена „Сакате ли војна?“

сред мирот и спокојот на природата.

и сите снегулки се разликуваа една од друга

сите ние наликуваме еден на друг

Ги отвораме вратите,

нека влезе сета природа внатре

Посакувам да не барав војна никому

туку камче

за да правам „жапчиња“

во вировите

од истопениот јануарски снег


На Б. С.

Немав забележано дека

натежнатите гранки од снег

кои ги гледав секое утро

преку стаклото

раззеленети се веат

на некој лесен ветер


токму така беше и дента

кога за првпат те најдов

разгранет во мене


2 – Фотографии на Ана В’чкова


Воздивнувајте!


3 – Музика на АТА


Лакримариумот е сад за собирање солзи. Како ќе се вика оној за собирање воздишки?



254 views