Романска квир поезија: „Warmest shade of blue“ од мара чоројану
- Култура β

- 7 hours ago
- 4 min read
Овој Месец на гордоста, нашата поетска рубрика ја посветуваме на младата романска квир поезија. Во текот на целиот месец објавуваме повеќе автор(к)и кои пишуваат квир поезија на романски јазик. Изборот и препевот на песните го направи поетесата и преведувачка Анисија Ангел од Романија која го изучува и работи со македонскиот јазик, преводи и препеви на македонската книжевност, а од неодамна заедно со Елена Ѓорѓиоска ја приредија антологијата на млада македонска поезија на романски јазик која ја објави Лекторатот по македонски јазик во Букурешт.
warmest shade of blue
во зората една пловка пливка ги пружам рацете но таа сè повеќе се спушта во височината
сонцето е немилосрдно, би можела да го мразам цел живот-
ми подаваш чаша и ми кажуваш дека е сок од портокал
ти верувам и ја ставам до устата, но чувствувам кисел мирис
можеби не требаше премногу да се препуштам на задоволството, да ми се допаѓа премногу чувството на песок на кожата и на изгорените образи
станувам и ја соблекувам кошулата, одеднаш моето тело не е повеќе мое, туку на морето и на личноста до мене која ми го гали кортизолот со најнежни допири.
не се вртам затоа што ќе зјапаат а зјапањата обично се ладни и awkward но така ги раскажувам моите приказни и никој околу мене не ми противречи
од шевот на мојата подлактица што немал време да заздрави,
тече темна синевина, позната и продорна
со која си ги шијам крпениците на закрепнувањето.
се вртам и трчам право во водата, во екстаза сум
се потам и водата ми ја прска ткаенината, алгите ми го скокоткаат телото
влегуваш во течноста до мене и мал бран се крши на нашите колкови
луѓето на плажата се мали светли црвени точки што се собираат
и стануваат куп пипала што ме влечат назад кон брегот
иако не можам да се ослободам од неугодното и струите
имам сол по телото и лесно го чувствувам како да се оставам себеси да течам
и го одбирам најдобриот тек
ти си на неколку сантиметри од мене, речиси ти ја чувствувам топлината низ моите малку оддалечени пори
ме поддржуваш, ме познаваш, ме очекуваш
не држиш злоба на никого и не ги бркаш птиците
не се откажуваш и не се огрешуваш
ме носиш во еден полароид од втората година на факултет
кога почнав да изгледам топ
некаде околу нова година кога пиевме и се искачивме на таванот
и заспавме прегрнати меѓу вреќи со непотребни предмети и изгризани штици.
што би можела да бидеш во другиот живот ако не можеш да бидеш во овој?
го фаќаме мостот што се тресе со секој чекор и почнуваме да скокаме со замзрнатото езеро под нашите потпетици
не знам, ти одговарам, дефинитивно не човек
и тогаш размислувам како би било да бидам бубамара или како што народот ја разгали
бубамарче, да седнам на врвот на ноктот и оттаму да полетам со најсјајните и највпечатливи крилја ever
така ме нарече еднаш на телефон и молчев затоа што не знам како да реагирам на pet names
jа мразам горештината, но го сакам чувството на топлина и приврзаност што доаѓа со летото
како кога интимноста и наклонетоста се во дисконтинуирана причинско-последична врска
и како кога ги користиме струите во себичното доаѓање и одење
сепак, надворешните движења и предизвиканите скршеници на ребрата
сè уште можат да ме одбранат од идејата да живеам со некој што се самопроголтува
секој од нас дава сè од себе и секој од нас се одликува со школка од рабарбара
под која ги држи умовите будни и синусите отворени
пиењето пиво на плажа е начин на self love по долг период на self buzz
и дури ни сонцето што насилно влегува во куќата не ни ја зема светлината
имам впечаток дека нашата кожа се приближува една до друга
и само зрната песок ја уништуваат секоја можност за физички контакт
влегуваме пак во водата и постудена е, косата ми се навлажнува а забите ми чкрипат
но останувам во млакото море со алги и остри школки, не сакам да излезам
светот повторно станува ултрацрвена точка во која зјапам
скоро љубопитно.
во тоалет сум и патентот ми се кине од стегнатоста на фармерките
се обидувам да најдам удобна положба за седење во јавното веце
и ја испуштам хартијата врз влажните плочки што мирисаат на вино
ме искушува перфидниот мирис на бањата и течниот сапун што тече покрај апаратот
а зуењето на полурасипаната клима ги привлекува моите нозе
ми доаѓа да се прегрнам
ми доаѓа на ум мирисот на солена вода, круговите на галебите и изгореницата на лежалката
вкочанета сум и отворена како оригами-пеперутка
до мене е твојата рака совршено хоризонтално испружена
која ја тресеш од време на време
немам грижи, немам маки
сакам да се исушам под слабото сонце
ем на себеси налутено ем трпеливо-
ми даваш голтка од твојата чаша и правам гримаса
имаме сè под контрола
наклонетоста станува моќ а моќта станува неизбежна нежност
како резултат, како производ, како конечност
ние сме црвени точки натрупани на постојаниот песок
од широт, од струите и брановите,
не се маневрираме, не се забележуваме, не се мешаме во распаѓањето.
Мара Чоројану (р. 2002 година, Букурешт) е студентка. Обожава хорор филмови, сликовници, а неодамна си купи и фотоапарат за да ги прави тие кул винтиџ y2k фотографии. Обожава да се шминка со ајлајнер.




Comments