top of page

Бета-Музеј: Зошто токму Баскијат?

Writer's picture: Наде ЦиеваНаде Циева

Во последните неколку години е повеќе од очигледно дека Баскијат им се допаѓа на младите. Постојано на интернетот и по социјалните мрежи циркулираат неговите дела, како и други кои се под огромно и неспорно влијание од Жан Мишел Баскијат. Многу од новите „аматери“ уметници кои ги објавуваат своите дела онлајн се со сличен стил или, пак, колорит, како оној претходно поставен и етаблиран од страна на Баскијат. Неговото присуство се провлекува во последната декада, до степен што негово дело е ом на албум на познат музички бенд (“The New Abnormal” The Strokes). Но, за да се објасни фасцинацијата и афинитетот кон уметникот, треба прво да се согледа и сфати неговиот живот, творештво, најголеми инспирации и најважно од сѐ контекстот во кој творел и сегашниот од кој го согледуваме. 


Баскијат пред да стане еден од најзначајните уметници на XX век, бил таканаречен уличен графити-уметник. Општо земено графити се појавуваат во претходниот век како движење и правец кој се смета за анти-уметност. Почетоците на овој прогресивен правец и таканаречен „анти“ пристап се со цел да се интегрира уметноста во нашето секојдневие, верувајќи и тврдејќи дека таа треба да се ослободи и распространи секаде околу нас, постојано достапна за набљудување и восхитување. Заради тоа уметници од таа генерација намерно и со цел почнале да ги обојуваат и живописуваат фасадите, улиците и јавниот простор на градовите. До ден-денешен постои огромен култ и љубов кон уличната уметност на глобално ниво, и се подразбира особено меѓу младите кои отсекогаш имале тенденција за привлечност кон неконвенционалното и неформалното. Сепак графитите претставуваат најлесниот начин да се прикаже нечиј талент за сликање, без потреба од финансиска или пак професионална поддршка. Така што, на тој начин Баскијат ја започнал својата сликарска кариера, додека бил ученик во алтернативната средна школа City-As-School во Њујорк. Со оглед на тоа што не потекнувал од богато семејство, ниту, пак, од најповолна средина, најповолен медиум и можност за изложување му биле јавните објекти. Првите почетоци му се во соработка со Ал Дијаз како графити дуо со таг „SAMO©“. Многу луѓе сметаат дека пријателството со Енди Ворхол е причината за славата на Баскијат, но тоа не е целосната вистина. Тој пред да се запознае и оствари блиско пријателство со популарниот Ворхол, бил веќе познат во уметничката сцена на Њујорк. Имал други познанства како што било пријателството со Кит Харинг. Но, сепак, пријателството и соработката со Ворхол била клучната во животите на обајцата, која интересно започнала со тоа што Баскијат му продал разгледница на Ворхол кој бил негов идол.  

За да се долови и открие Баскијат како уметник, мора да се спомнат неговите интереси и изворите од кои црпел инспирација и креативност. Тоа што ги збогатува делата на Баскијат е неговото бескрајно љубопитство и желба за знаење која почнала од рана возраст. Кога бил дете се здобил со тешка скршеница на раката и за да се справи со повредата мајка му подарила книга за човечката анатомија. Токму од тој момент кај него се пробудила фасцинација и интерес за човековото тело и неговата повеќеслојност која не се гледа со голо око. Та затоа и во многу од неговите дела слика скелети, коски и соголена анатомија. Покрај оваа книга, неговата мајка дејствувала врз неговата љубов кон уметност и од друг аспект, а тоа е со честите посети и зачленување во музеите во Њујорк. Преку тие негови чести посети, тој го збогатил неговото знаење за најразлични уметници и правци со што се открива неговата посветеност кон историјата на уметноста. Баш поради познавањето на многу уметници, движења и периоди додека творел имал длабоко и суштинско познавање како и разбирање на уметност која му претходела и му служела за неисцрпен извор на инспирација. 


Освен инспирацијата која потекнувала од ликовната уметност, тие секојдневни сегменти и појави кои ги регистрирал му служеле во творечкиот процес, како што се извадоци од книжевни дела, музика, весници и сл. Тој имал безброј референци и инспирации кои се причината за карактеристичниот стил на неговите дела кои се богати, еклектични и разнобојни. Како и многу други уметници, Баскијат ја поседувал способноста брзо и ефикасно да слика, што се должи на неговиот процес кој започнувал со восприемање и набљудување на најразлични медиуми. Преку брзината на работа, уметникот овозможува процес кој е природен, спонатан со соодветното темпо кое ќе превенира и оневозможи претерани поправки и дилеми кај делата. Па затоа пред да се изведе дело со голема брзина, потребна е ментална и мисловна подготовка на идеја и нејзина визуализација пред да се преточи во експресивна и спонтана слика. 


Покрај разноликоста на елементи и одделни целини во неговото творештво, карактеристично за него е употребата на повеќе ликовни медиуми и техники на работа. Честопати комбинирал акрилни бои, спреј и масни пастели, со чиешто преклопување и излевање делата добиваат побогата текстура, пастуозност и впечатлив контраст на димензија во согласност со отсјајот на бојата. Неговите потези се потполно експресионистички, поддржано и од страна на елементите кои ги сочинуваат неговите дела кои се најчесто неправилни геометризирани или пак органски форми. Освен неговиот автентичен стил во однос на боја и форма, еден од најистакнатиот и чест негов субјект е Aфроамериканецот во Америка. Нормално тоа се должи на неговиот личен живот и перспектива на тогашната околина во која постоел и творел, та затоа се одразува во неговата потреба за главни субјекти во делата да се црнечки ликови. Со оглед на неговата претходна заинтересираност во анатомија, претставата на човечки фигури иако е стилизирана е сепак секогаш изведена со осет која го потенцира неговото познавање на човековото тело. 


Постојат многу причини на кои се должат симпатиите кон Баскијат. Пред сè тој творел на млади години, што се должи на неговата предвремена смрт на само 27 години поради зависност на дрога. Бидејќи неговото творештво е создадено за време на неговата младост, потполно е оправдано тоа што младите кои си токму на тие години на кои тој творел да имаат најголем афинитет кон неговите дела. Покрај публиката, во овие млади љубители спаѓаат и автори, уметници кои сè уште талкаат и експериментираат додека не го оформат сопствениот стил и потпис, па затоа неговиот слободен и експресивен стил им е најпримамлив. Најзабележливо е сепак колоритот на Баскијат, чиишто интензивни нијанси и силни контрасти ни го привлекуваат вниманието од далечина, со што тој на од старт на елементарно визуелно ниво ни го придобива вниамнието. Дури и да се занемари неговата умешност во комбинирање на бои и фигури, дури и да се соголат неговите дела од боја сепак оставаат силни впечатоци поради субјектите кои се необични, груби но сепак многу човечни. Кога станува збор за неговите портрети најзаводливи елементи се експресиите и гримасите на лицата кои делуваат на приказ на непознати, неименети чувства, сместени длабоко во нашата потсвет без никаков пристап, освен преку уметничкиот. Опусот на Баскијат во себе содржи вистинска автентичност, која е далеку од форсирана, дури е прекумерно транспарентност и искрена кон публиката која создава интимност меѓу творецот и гледачите. Па поради многуте квалитети и карактеристики на стилот на Баскијат постојат и многу одговори за зошто толку многу го сакаме и почитуваме, до степен на бесрамен плагијат. Одговорот на тоа прашање е индивидуален и се состои во нашата склоност и привлечност кон уметноста и најважно од сè нејзината порака. 



 

Литература:


Comments


bottom of page