top of page
  • Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

ẞ-муабет со Драган Иванов - Druggy


Во ова издание на ẞ-муабет зборувам со Драган Иванов, Druggy, артист на кого музиката му служи како нужен алат преку кој ги нагласува оние големи ,,прашинки” кои лесно се буткаат под тепих. Неодамна го објави својот прв албум „Неврзаните” чиј предвесници беа сингловите ,,Кензо Танге” и ,,Нова ера” во соработка со скопскиот бенд Искра. Иако тој е одговорен за целата продукција на албумот, гостин во овој албум е и Секси Марса во песната ,,Глеј и пеј”. Како јаготка на шлагот е cover сликата на албумот за која Druggy ни објасни:

,,Сover сликата на албумот ја изразува идејата за слобода на Неврзаните и разголувањето на мислите и телото. Во него има доза на хипичка нота, време кое го поврзуваме со „слободата”. Изработен е од Илија Димкоски и Моника Павловска, кои работат во креативното студио Cherry Cannon, а се двигатели и на уличниот бренд OX Streets. Голема почит и за моделите кои позираа и имаа храброст нашата идеја за слободата да ја преточат во реалност”.


Напоменав дека се работи за творец кој се огласува преку својата музика, а за неговиот албум и публика вели: ,,Музиката од „Неврзаните“ е наменета за сите што сакаат да направат промени во нашето општество. Во албумот се обработуваат политичко-општествени теми кои ги засегаат сите во нашиот регион. Како контраст на овие теми, има и неколку "љубовни" парчиња кои ја откриваат и мојата помека страна”.


Една убава работа што ја имам приметено е дека пандемијата им има овозможено простор и време на многу млади ентузијасти да ги продлабочуваат своите творештва. Druggy го прашав какво значење имаше оваа ситуација со неговиот креативен процес.

,,Јас го искористив тоа време за да ги создадам песните од „Неврзаните“. Имав можност да посветам повеќе време на себе, но и да размислам како можам да делувам на работите во општеството од кои чувствувам незадоволсто, а знам дека не сум сам во тоа незадоволство. Посветив и време да се вратам на моите корени од музиката како што е старошколксиот хип-хоп. Така, во албумот се чувствува ова ретро влијание. Јас се обидов да го направам во шмек достоен и релевантен за 2020/21. Воедно и ограниченоста за соработки направи тоа целосно сам да го изработам албумот од продукција до вокали. Дополнително, обработувам теми за кои сакам јас да се изразам и затоа јас сум и изведувач на истите траки. Имам и две гостувања во албумот од скопскиот бенд Искра, и мојот соработник од TDFU, Секси Марса”.

Од ова до сега можам да заклучам дека Драган е амбициозен уметник и страстен активист а тој ми долови како и кога се роди неговиот бунтовен дух, препознатлив за делата кои ги создава.

,,Половина мој живот се бавам со алтернативна музика и таа бунтовност била секогаш присутна во моите дела. За жал, гнилостите во нашиот систем почнуваат да се чувтствуваат од самото раѓање. Нема човек кој не може да го почуствува загадениот воздух во Скопје, Битола или Тетово. Нема некој што може да остане слеп при дивоградби кој го опкружуваат. И ретко кој не приметува дека општеството повеќе наградува криминалци, отколку интелектуалци.“


Музиката и секој бунт кон сите нееднаквости и политички пропаганди?


,,Музиката може и треба да биде медиум за слободно изразување. Таа треба да зборува за нееднаквостите и за политичкото малтретирање, за црните бизниси и за се што влијае на нашата ситуација. Самите артисти треба да се гласноговорници и водачи во овие промени”. – појасни Драган.


На Драган му честитам за издадениот албум и му посакувам многу успеси во идната кариера, овој разговор ќе го завршам со пораката кој тој ја праќа до публиката преку неговите песни.


,,Сакам да им дадам храброст да зборуваат за нештата кои нè засегаат сите нас. И уште поважно, да почнат да делуваат за овие промени во општеството да почнат да се случуват”.





229 views
bottom of page