top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

β-муабет со „Дивоградба“

Во февруари оваа година, ,,Дивоградба’’, бенд составен од двајца млади музичари Лука Јовановски и Андреј Димовски, го објавија својот прв дебитантски краток албум или EP (екстендед плеј), истоимениот ,,Дивоградба’’. Пет песни, 20 минути и 29 секунди.

Иако се поминати три месеци од објавувањето на краткиот албум кој сè уште лебди на интернет просторот, тој привлекува со својата посебност која ја чувствуваш уште при првото слушање. Го слушаш алтернативниот звук измешан со пост – панк звукот, но нешто те тера подлабоко да навлезеш во загадочниот текст и целата приказна зад можеби не толку концептуалниот албум. Се мешаат две енергии, два гласа на две личности, два колку што и различни, толку и слични света, кои некако се комплетираат меѓусебно или нешто си додаваат. Четири раце кои со гитара, дома, создале ,,Дивоградба’’.


Љубовта или нељубовта, љубовни врски со подеми и падови, слободата, удобноста во врската и во модерноста, контролата... тие се темите кои се провлекуваат низ албумот, така што една песна ја започнува темата, а друга ја довршува. Приказни со главен, среден и завршен дел.


За да не останам пред тоа што ме ограничува: звучниците, ушите, екранот, омотот со сонце и темели и мојот ум , решив да ги посетам ,,Дивоградба’’. Едно скопско попладне заедно ја истражувавме дивоградбата која тие ја изградиле, проверувавме како ја создале. Проверивме и под кои околности, кој им влијаел и ги натерал на такво нешто?


Истражувањето го приложувам во целост:


Леонид: Најпрво, за почеток, како се случи изделувањето од ,,Луфтанза’’ и кога одлучивте токму вие двајца да создавате музика, на поткровје?

Лука: На ,,Партибрејкерс’’се здруживме за прв пат, во 2019... и од претходно свиревме се запознавме во ,,Ентерпрајз’’ и јас свирев ‘‘Slaves and Bulldozers ’’ и Андреј беше: ,,Еј што е тоа? Јако звучи’’. Андреј го видов како свири и беше луд лик. ,,Како свири толку добро?’’.

Андреј: Сфативме дека слушаме слична музика, беше логично. Ние свириме одамна, само што сè беше во phone recording и немавме извадено ништо. Затоа што е различно, многу музика слушаш, не можеш сè на ист начин да го изнесеш, ова беше по ,,хеви’’, по различно од ,,Луфтанза’’. Иако истите членови би го свиреле, сепак во ,,Луфтанза’’ сме шест души и многу е тешко шест души сите заедно да компонираат. Тешко е демократија во компонирање. Сигурно и во други медиумски формати мора еден да ја води идејата и другиве ќе додаваат, ама пак првичната идеја е една. Тоа беше буквално целта, проект кај што пак ќе свириме ние, ама нашите идеи ќе ги разработуваме.


Леонид: Тоа е пред ,,Луфтанза’’? Вие двајцата се запознавате и потоа се запознавате со другите?

Андреј: Тогаш кога џемавме во ,,Луи’’, имавме некој проект од ,,Ентерпрајз’’ и требаше да свириме песни, што беше малку глупо. Ти викаат со овие ќе свириш и немаш избор, свириш веќе готова песна. Ама после таа проба останавме јас и Лука и џемавме, јас свирев бубањ со пластични шишиња, Лука гитара, и сфативме дека можеме да правиме музика заедно.

Лука: И дека ќе бидеме другари.


Леонид: Двајцата пеете?

Андреј и Лука: Да!

Леонид: Добро, двајцата сфативте дека можете заедно да свирите и кој беше моментот кога сфативте дека имате материјал кој треба да го направите во нешто, во екстендед плеј?

Андреј: Да тоа беше долг период, процес. Имавме проблем со завршување песни, ќе почневме и не можевме да ги довршиме.

Лука: Свиревме на проба, во различни мозочни состојби и не оди. Имавме проблем затоа што се судевме дека не е доволно добро. Скоро никогаш не бевме трезни кога свиревме, никогаш и мислам дека тоа беше голем дел од неуспехот, седуум месеци одевме кај Виктор, пробувавме да направиме нешто, правевме една песна, многу долго време...

Андреј: Треба трезвеност и фокус. Подобро е, сфативме, кога си трезвен и организиран и дури ако треба да препуштиш другиот да води, а ти да слушаш, затоа што следниот пат ти ќе водиш и другиот ќе слуша, затоа што пробувајќи да сме онака најдемократски, не успеваше...


Леонид: Како произлегуваа темите? Вие свиревте, па произлегуваа или некој ги пишуваше текстовите, па на тој начин се создаваа?

Андреј: Текстовите искрено дојдоа на крај.


Леонид: Значи прво дојде музиката?

Андреј: Да. Мислам дека скоро секогаш така сме правеле песни. Ако музика е тешко заедно да пишуваш, текст ми е не возможно.

Лука: Ама некогаш може да биде: ,,Еј имам текст, имам музика, текстов лебди само во телефон, во notes, ај ќе го ставам овде’’ и ќе го направиш да работи.


Леонид: Tекстот спонтано доаѓаше?

Андреј: Текстот многу често доаѓа после еден месец, нешто набрзина ќе ти дојде и ќе го запишеш во notes и ќе го пробаш. Затоа што најверојатно дури и да свириш песна не мислиш на темата, не мислиш што сака да каже авторот, туку мислиш: ,,Како да го направиме инструменталов да грува?’’, а после дома ќе ти текне нешто и ќе си го напишеш во момент на екстаза. Многу често доаѓа моментално, доаѓа кога си сам, кога си мислиш.


Леонид: Двајцата пишувавте?

Лука: И двајцата пишувавме. Во албумот Андреј има негови песни, јас имам мои песни и најчесто, во овој албум, секој каде што пее е негов текст. Затоа што беше тешко да ги направиме заедно, седнавме дома и ги направивме песните посебно, а после: ,,Ај ова да го ставиме”, имавме многу песни што лебдеа: ,,Kога ќе ги свириме? Дали некогаш ќе ги направиме?’’, и си рековме: ,,Знаеш, имаме песни, дај само да споиме што одговара, која од овие песни одговараат заедно?’’, да направиме еден вид заедништво. Имаме материјал реално и за втор албум. Беше тешко да одлучиме, имавме песни, ги стававме: ,,Чекај кој редослед, оваа песна, не оваа стави ја, да биде тематски... ’’


Леонид: Јас како слушач, колку што сфатив, темите се главно љубовни. Јас го сфатив албумот како една приказна со почеток и крај, љубовна врска. Како почнува врската на почетокот и како завршува на крајот. Сепак ја имаме и слободата. Посебно во првата песна. Имаме премногу слобода, затоа се давиме во неа? Премногу уживаме во модерноста, треба ли да почнеме да ги преиспитуваме модерноста и слободата?

Андреј: Па да, беше многу за слобода и за удобност. Колку си удобен во модерното општество, како е сè лесно, достапно, што е буквално како да си во кома. Воопшто немаш потреба да истражиш нешто на страна. Многу се потенцира на free will, сите зборуваат дека сме најслободни.


Леонид: Или пак подобро нè контролираат кога мислиме дека сме ,,слободни’’?

Андреј: Блага контрола е. Никој не те гори, ама имаш моменти на “your opinion is wrong” или е во вид на цензура.

Леонид: Веројатно кој како ја разбира слободата како конструкт.

Андреј: Повеќе е дека слободата почнува од нас.

Лука: Цело време зборуваш дека е “option paralyisis”. Премногу опции, премногу слобода, премногу избор.

Леонид: Ако сме ограничени, дали тогаш ќе се роди нешто повеќе, како што се раѓало во Југославија, во источноевропските држави, во комунизмот, дали сметате дека тогаш повеќе се раѓало или сега? Дали кога нешто нè притиска, ние чувствуваме потреба да го искажеме тоа што нè мачи повеќе и дали музиката може да ограничи и ако некој ја ограничува музиката, дали може тогаш, во тој простор, по креативно да се твори?

Андреј: Зафркнато е да кажеш да, затоа што малку ќе биде негирање на напредокот, да кажам да, ќе биде: ,,Да, сакам режим! Сакам да ме контролираат, да ми биде забрането...“. Така што не е дека треба да имаме буквално страв од нешто, ама мора ако ништо друго, сам да си поставуваш некои ограничувања. Затоа што вака имаме толку многу за бирање, а реално ти не знаеш што сакаш деведесет и девет посто од времето. Ако ти каже некој слободно избери што сакаш, ти не знаеш што да избереш. И конкретно за музика на пример, најдобрите албуми ги направиле со тоа што го имале. Имаш еден сајзер на пример и си велиш: „Океј, ова ми се опциите, што можам со нив да направам?’’. Параметри си поставуваш со кои што работиш, затоа што “limitation breeds creativity”. Работата е да извадиш од помалку, повеќе. Тоа е општо за сè, не само за музика. Ако имаш дома 200 книги, можеш сите да ги прелисташ, ама ако имаш една, можеш една убаво, суштински да ја прочиташ, да ја разбереш.


Леонид: Дали не сме доволно критични кон моменталните случувања, дали социјалните мрежи го вперуваат вниманието кон една работа и се занемаруваат други? Дали има некоја позадина зад тоа? ,,Тие’’ ни даваат слобода, но од секаде сме контролирани, ние ги даваме нашите лични податоци на компании кои профитираат од нас.

Андреј: Ако тебе постојано ти викаат дека си слободен, дека имаш слободна волја, евентуално ти ќе престанеш да се сомневаш во неа, ќе си речеш само ќе терам, нема воопшто да се запрашам никогаш. Ако имаш некоја мисла, нема да се запрашаш од каде ти потекнува, дали некој ти ја подметнал, само ќе си речеш: ,,Ова е моја лична мисла’’, дека јас сум слободен, имам free will и можам што сакам да мислам, сигурно не пробува некој да ми наметне нешто. Тоа можеби се случува, само што не се случува со проверка дома или со јавно бесење, туку се случува со адови на пример. Јас мислам дека нема некоја конкретна цел освен профит, на пример масоните или сатанистите хахахаха...

Лука: Тоа е другата екстремна страна на слободата. Или не сфаќаш дека си слободен или премногу забегуваш во неслобода. Која е објективната вистина? Кој ќе каже што е вистина? Што е точно, а што не? Тоа е само човечки концепт. Луѓето размислуваат во концепти. Сè што размислуваме е само како мислиме дека мозокот треба да размислува, а плус можеби вистината е кога не размислуваме, можеби не треба толку да размислуваш. Можеби треба малку да молчиш. Малку во тишина да седиш. Да видиш дека таму била вистината, ама ти никогаш не си ја видел и цело време си бил во својот мозок.


Леонид: Добро, вие би направиле албум со тишина?

Андреј: Јас не би направил.

Лука: Јас апсолутно би направил. Ама сигурно го има направено некој тоа. Не може да нема звук затоа што, го снимале во соба, има молекули... ако снимаш нешто со микрофон не може да е тишина и тишина е човечки концепт. Никогаш ништо не е целосно тивко. Секогаш нешто се движи, само нашите уши не го перципираат тоа. Цело време влегува нешто во нив.


Леонид: Дали во тишината ќе се пронајде вистината или во бучавата можеш да ја најдеш?

Лука: Јас мислам во тишината. Во тишината со себеси. Затоа што ти мора да бидеш сам со себе за да сфатиш дека вредиш. Ако цело време си окупиран со луѓе, цело време ќе пробуваш сите да ги задоволиш, кога ќе седиш сам, кога ќе видиш дека не ти се толку многу луѓе потребни за да ти сепак продолжиш да живееш и без луѓето. Можеби тешко, ама тоа е вистината. Луѓето ќе го продолжат својот живот без тебе. Ти не си центарот на универзумот.

Андреј: Најверојатно и да ја откриеме вистината, ќе биде многу досадна и да им ја кажеме на луѓе нема да не дослушаат, нема ни да поверуваат и нема многу да постигнеме.


Леонид: Зошто пеете на македонски, а не на пример на англиски, како некои други бендови?

Андреј: Тоа ни е на нас и со ,,Луфтанза’’ една од целите да му дадеме малку значење на нашето, со тоа што пишуваме на македонски. Сме размислувале да правиме музика и на англиски, не дека тоа е лошо, ама мора некој и оваа приказна да ја раскаже на овој јазик. Од што пробуваш да ја задоволиш глобалната публика, забораваш на локалното. Глобалната публика веројатно повеќе ќе те прими ако си свој, отколку ако пробаш да ги имитираш. Затоа што колку бендови се ,,Битлс рип офс’’ и веќе е сторено, видено и нема потреба да ги задоволиме. Веќе постои, зошто да не ја збогатиме нашата култура, таму веќе има, нема потреба, зошто не овде, имаме убава површина, почва...

Лука: Зависно е да правиш музика на македонски. Ако почнеш да правиш музика на македонски, прво е тешко затоа што е многу интимно. Страшно е да правиш музика на македонски на почетокот. На странски е полесно, не е толку блиску до душа, ќе направам песна ама нема вистинските чувства да ги... мислам ќе ги има и таму чувствата, ама на македонски, тој е твој јазик. Кога ќе почнеш да правиш, веќе не сакаш да запреш. На почетокот мене ми беше многу тешко да почнам на македонски да пишувам, секогаш ми одеше на англиски. На македонски е позависно. Убаво е да си го почитуваш јазикот. Затоа што реално јазикот е единственото нешто што Македонија го има како најсвое. Јазикот е најбитното. Ако го немаме тоа, веќе немаме ништо.

Андреј: Поврзан си. Повеќе се издаваш на македонски. Погол си.


Леонид: Кога веќе сме кај јазикот. Малку за текстот. Кога заедно со другиот ја градиш куќата со сламена врата и во неа владее топлината (љубовта), дали кога таа ќе си замине, останува само прашина? Односно се руши и останува прашина?

Лука: Има љубов во тоа. Но, не секоја врска во која си се заснова на љубов. Има многу врски со луѓе кои се од страв, од потреба по човек, а не е толку љубов, тоа е само несамодоверба и потреба. Всушност, пеам за удобноста што ја добиваш со човек и колку и да стане лошо со него, таа удобност, ти прави чувство на дома и после дома ти станува лошото. Лошото ти станува дома. Ти се навикнуваш на тоа страдање, не е совршено, ама поради стравот дека повторно ќе си сам, ти остануваш на тоа место дури и да се сруши, колку и да е лошо ти сепак остануваш. Кога ќе заврши ти одиш на следното нешто, каде што истото ќе го направиш, тоа е бесконечен циклус на самоуништување, но не само на самоуништување туку и на меѓусебно уништување. Кога двајца луѓе не се заљубени, тогаш и двајцата страдаат.

Андреј: Се навикнуваш на лошото и ти е страв да се тргнеш. Забораваш што е добро, а што е лошо. ,,Студот почнува да топли, страв ти е да го пуштиш, можеби ќе смрзнам без него.’’


Леонид: ,,Не сакам’’ е продолжение на ,,Прашина’’?

Лука: Апсолутно да. Има периоди од животот во кои умот ти е на едно место и секој текст или песна што ќе излезе од таму ќе биде поврзано со тоа. Тешко е да напишеш текст во кој не веруваш, тешко е да напишеш текст кој не ти е близу до душата. Ако откако го испееш си речеш: ,,Ова е вистината, ми зборува душата низ ова’’, тогаш ќе биде тоа текстот.

Андреј: Интересно е што ,,Свирни три пати’’ е следна и е како да ја прекинуваш таа врска. Како да свириш крај. Кога сфаќаш дека не оди на добро, и дека мора да престане.

Леонид: Кога боли најмногу душата?

Лука: Кога е заробена.

Андреј: Да. Кога сфаќаш дека не си на правиот пат, а тераш по него, трчаш по него, маратон имаш на него, а знаеш дека е лош.

Лука: Подобро повреди човек сега, отколку да ја развлекуваш болката за двајцата иако после знаеш дека ќе заврши. Ова не е здрава љубов, ова е некоја потреба повеќе или слабост отколку чиста љубов. Дали постои нешто такво, чисто? Не знам.


Леонид: Дали може љубовта да ја изнесе личноста од темнината кон светлината? Во темнината во која бара коска за глодање, дури не се претвори во прав. Кој анимира, кој ја контролира?

Лука: Мислам дека кога кажав коска на куче, не мислев на љубов, туку на многу минливо внимание, кое не може никогаш да донесе нешто вистинско, туку е само нешто моментално со цел да се задоволат моменталните страсти и потребата по некоја интимност која лесно бега. Има луѓе на кои им е потребно многу малку, на кои им е страв да излезат од темнината во која се, дури и најмалата доблест кога некој ќе им ја даде тие потпаѓаат под нивната моќ.


Леонид: Зошто ,,Дивоградба’’? Дивоградба нѝ е државата, општеството, светот или вие се создавте како дивоградба? Нешто кое што треба да штрчи, да е проблематично, да боде во очи или нешто кое е недовршено, недоизградено?

Андреј: Па главна причина зошто одбравме да сме ,,Дивоградба“ е дека звучи јако. Но може да се каже нешто што не е довршено. Бидејќи толку се мачевме да ги довршиме песните, што има многу смисла да е тоа, иако тоа го немав на ум. Можеби нешто што не е на свое место. Што не е каде што треба да биде. Иако не мислам дека не сме некаде каде што не треба да бидеме, ама да речеме дека штрчиме.

Лука: Одлично е што сме овде.

Андреј: Не дека сме ,,различни’’, туку дека има сушен период. Искрено сега се подобрува. Може да кажам дека имаше сушен период. Имаше дури и луѓе што си се срамат од јазикот, од своето, што пишуваат на англиски, што не е лошо, ама зошто да не си се навратиме на своето.


Леонид: Тоа е навистина феномен, секогаш на странците им го кажуваме лошото, никогаш доброто и посебно во аспект на уметноста и на културата, ние ја игнорираме современата македонска уметност. Зошто на странец не му кажуваме за ,,Мизар’’, за ,,Анастасиа’’? Тоа се дури и познати бендови.

Лука: Затоа што многу луѓе не знаат, не почитуваат алтернативна култура, единственото нешто што знаат за македонска музика е тоа што слушаат на свадби, не e ни добра изворна музика, што ја имаме.


Леонид: Мислам дека ,,Мизар’’ не е ни толку алтернативно, туку нешто што треба да биде историја, треба да биде на исто рамниште на почит со македонските народни песни.

Лука: Која е шансата некој да знае кои се ,,Мизар’’? Одиш на автобуска и запознаваш некој млад човек, кажи ми ја шансата да знае кои се ,,Мизар’’ и ,,Архангел’’? Пола од Македонија нема слушнато за овие бендови.

Андреј: Но покрај неинформираност, другата причина нѝ е тој синдром што го имаме... кај што чекаме некој од надвор да нѝ одобри нешто, за ние да го сакаме. Не се чувствуваш сигурно за нешто, дури и природа ти е одбивно, ама ако слушнеш ,,Нашиот пијанист тој и тој беше во Њујорк... ‘’ тогаш го слушаш. Наместо кога е во зародиш идејата да ја поддржуваме за да стигне до странство, ние партал ја правиме, ама кога ќе добие поддршка од странство, е тогаш, сме: ,,Океј, добро е ова’’. Ама тоа било и за ,,Мизар’’, тоа не е ништо ново. ,,Мизар’’ полнеле сали во Словенија и Хрватска и после... тоа не е македонски менталитет, тоа е балкански менталитет. Не сме самоуверени...

Лука: Не се сакаме...

Андреј: Мислам дека може многу од карактеристиките на личноста, да се препознаат во државата. Несигурност, чекање валидација. Имаш на пример цел живот некоја своја особина што те нервира, некој ќе ти рече: ,,Еј, многу е јако што го правиш тоа.’’ и после си велиш: ,,Океј, чим ти кажа ќе го правам тоа.’’ Тоа е во рамки на цела држава. Ама не треба да биде: ,,чим ти кажа''. Треба ние први да си кажеме, па после нека кажат што сакаат другите.

Леонид: Ние треба да се препознаеме тука.

Андреј: Јас искрено мислам дека оди на подобро. Мислам дека луѓе сега повеќе слушаат македонска музика. Има нов бран на тинејџери. Мислам дека луѓето сфаќаат дека е одговорност, не дека е само така да чекаш да стане популарно, туку треба да се заинтересираш, да истражиш... гледам некои деца што слушаат ,,21 век’’ на пример. Пак е некоја иницијатива. Малку треба и онака изолационистички да се поставиш кон културата. Да не се замараш за другите. Си имаш локална сцена, да заборавиш на глобална публика. Едноставно да сфатиш: ова е мојата заедница, сега свириме ние, после свират ,,Хајка’’... да си го прифатиш кругот.

Лука: Исто така има нова млада публика дека има бендови, кога нема што да слушнеш, кога нема кај да одиш и кога нема концерти, од каде ќе дознаам јас нова македонска музика? Кога не се почитува македонска музика, кога нема никаде освен во Скопје концерти и само во Скопје има некое движење на млади музичари. Во Скопје сега има некое ново музичко движење, што се случува, еве ние, нашите пријатели, други млади бендови... ама сепак треба уште повеќе да има. Како сакаме да има нова музика, кога не правиме нова музика: Ако некој има идеја треба да излезе да ја направи, да не се плаши дека ќе биде лошо. Ќе биде лошо, ама после ќе стане подобро. Прво почнуваш како никој и ништо, после со работа стекнуваш искуство и стануваш подобар во тоа.


Леонид: Мислам дека треба некој и нешто во културата да го подбутне сето тоа. ,,Земјотрес’’ и ,,Здраво млади'' како фестивали во МКЦ, нешто такво, постои, ама треба уште повеќе да постои.

Лука Па немаат, немаат културни центри, само МКЦ постои, сите други се запоставени. Треба и во други градови. Треба секој град да има свој фестивал. Оригинален градски фестивал со млада алтернативна музика, а не во Прилеп да дојде Лепа Брена да пее за ,,Пивофест’’.

Андреј: Џабе бендови ако немаат каде да свират. Ние колку толку се пробивме, имавме свирки во МКЦ, ама каде е приликата за некој нов бенд што почнува. Мора да има ,,пробна локација’’. Јас сонувам за место, ако треба најкрш на свет, што ќе биде наше, да може ако сака бенд да спреми материјал, да отиде и да го отсвири. Да не биде кафич, да не биде бар, да биде културен центар и самостоен.


Леонид: Тоа е веќе вонинституционална работа, уметност... недостасува, точно. За да стигнеш ти до МКЦ, пак е тоа институција, државна, која што тебе таа те одобрува или те зема.

Андреј: Треба да изнајмиш опрема, треба озвучувањето да го платиш ти. Ако ставиш карти, а прва свирка ти е, прашање е колку луѓе ќе сакаат да платат.


Леонид: Што мислите? Дали ако вие и другите бендови направите свирка вон МКЦ, дали тоа ќе придонесе до ваша поголема видливост, алтернативен простор кој што нема да биде институционализиран?

Андреј: Кога ќе знаеш дека има место за свирка ќе бидеш многу помотивиран за проби. Затоа што сега цело време кога свириме, јас размислувам: ,,Каде ќе свириме?’’. Како кога беше за пандемија, правиш проби, а знаеш дека ништо не е отворено. Сега сè е отворено, ама што е отворено? Кафичи и МКЦ. Во кафич нас не нè собира, кога ќе земеме појачалата и шест души со ,,Луфтанза’’, не нè собира. Тешко е да ти остане таа мотивација. Кога свириш и си викаш: ,,Леле, кога ќе свириме во тоа местоно, едвај чекам’’ тогаш има некако поента. Сега не знаеш што едвај чекаш. Нешто едвај чекаш цело време и никако да дочекаш. Јас би изнајмил простор, ама кога ќе размислам колку е потешко од само тоа, ќе се сепнам и пак така стагнирам. Можеби треба промена, можеби треба да почнеш со некој фонд, да направиме свирка во гаража...

Лука: Младинска иницијатива, млади да побараат да се отворат културни центри секаде низ Македонија и да можат после и таму да се случуваат културни настани. Затоа што вака навистина нема кај да свириш. Плус тешко е да најдеш луѓе за свирење, сите таму слушаат еден вид на музика, многу е ретко да најдеш некој човек што е поандерграунд, да не слуша само трап и турбофолк и кога ќе најдеш некој човек, правите проби и каде ќе свириме? Никаде нема да свириме. Се молиме дека ,,ќе нè викнат во Скопје’’ на некој фестивал и колку е тоа демотивирачки. Некогаш и јас сум демотивиран, а ние свириме во МКЦ. Можеби и е мотивирачки живеење во корупција, немање можности, можеби јас ќе направам промена, можеби ова што го правам не е толку џиновско, можеби ќе смени некој, ќе придвижи нешто, ќе тргне во поинаков правец од кој што одиме, во една огромна провалија.


Леонид: Мислам дека таквите работи треба да проникнуваат од нас, од вас на некој начин, нема да дојде од надвор, туку од внатре ќе изникне иницијативата, просторот, фестивалот... како што произлегува и музиката.

Андреј: Има. Во СЦ ,,Дуња’’, тоа е прилично мало. Но таму кога правевме свирки имаше прекрасно чувство на слобода. Тука сме си ние, утре ако сакаме можеме филмска проекција да направиме, сега правиме концерт. Не ти стои некој над глава да ти вика: ,,Свирете ги лабавите песни, да не си отиде публиката’’, туку е место каде што правиш што сакаш. Самото чувство, ако не било што друго, е онака убаво дека не те контролира некој, нема грешен чекор, не се плашиш да не зафркнеш нешто, промотери да не изнервираш. Чувство на припадност... затоа што сите таму што сте, сте за тоа. За таа идеја се залагате. Ако сакаш да правиш свирка, ќе правиш, без да треба да поминеш низ илјада договори...

Лука: Има милион луѓе во градов и три места за свирење. А во Битола? Каква промена Македонија сака да доживее, ако единствено културни настани се случуваат во Скопје? Ако државата навистина сака некако да има некаква иднина, тогаш треба да се вложи во културата.


Леонид: Дали е до државата или е до младината?

Лука: Државата треба да ја поддржи младината. Државата единствено нешто што прави е што не ја поддржува младината.


Леонид: Вие пеете за универзални теми. Посебно за љубовта... ако нема љубов, нема живот. Од каде доаѓаше инспирацијата, стилски, музички. Од сè?

Андреј: Овој проект беше најнеочигледно влијание. Затоа што до сега сме правеле песни повеќе по пример. Некои песни што сме ги правеле, биле поочигледни инспирациите. Овој некако беше најфјужн. ‘‘Sonic Youth’’, ‘‘Grateful Dead’’, ‘‘Pixies’’… ама некако музиката убаво ја камуфлиравме... ама не пробувавме. После некое време свирење, ќе почнеш да откриваш некои белези, некои карактеристики во твоето свирење, и почнуваш да си ги користиш и да крадеш од себе. Почнуваш да си инфлуенсиран од твоја претходна песна и тоа е добро. Нема ништо лошо да крадеш од себе.

Лука: Од сè. Само така излезе од нас. Нема ништо лошо да крадеш од другите. Сите големи музичари крадат. Крадење е едно од најосновните нешта, кој секој човек треба да почне да го прави. ,,Лед Цепелин’’ така почнаа да прават музика. После си го најдоа стилот. Прво треба да подкрадеш нешто, па после да си го најдеш стилот.


Леонид: Што планирате за во иднина? Планирате нешто?

Лука: Да правиме проби и да свириме.

Андреј: Да, ќе свириме во живо и ќе извадиме уште нешто.



Леонид: Ќе биде албум, екстендед плеј?

Андреј: Ова требаше да биде албум. Имавме плус пет песни покрај овие, ама после сфативме дека луѓе се нетрпеливи и нема да го дослушаат. Не можеш да им се спротивставиш на луѓето.

Лука: Ама кул е да биде во мало пакување.

Андреј: Да, вака се две. Ти да вадиш секоја година краток албум, наспроти да снимаш еден албум 5 години е многу полоша тактика. И за слушателите и за тебе. Затоа што ќе заборавиш од каде си почнал. Ќе ја изгубиш првичната идеја. Затоа треба брзо да се прават. Кога ќе дојде до степен да ти е сеедно, воопшто немаш мотивација. А многу е лошо кога ти станува сеедно за твојата творба. Сакам лајвови неколку да свириме, да не вадиме втор албум без да го имаме исвирено првиот.


Леонид: Од каде доаѓа поривот? Од убавото, од грдото, од тажното?

Лука: Од животот. Од самото постоење. Ако имаш еден извор на инспирација ќе правиш еднодимензионална музика, ако црпиш од секаде ќе биде богато...

Андреј: Мислам дека не може целосно од тага, затоа што мислам дека ако навистина си тажен нема да се нафатиш да правиш ништо. Дејвид Линч го зборуваше тоа: ,,Замисли ако цело време страдаш, имаш пролив, лошо ти е... , дали навистина ќе мислиш на уметност?’’.


Леонид: Мислам дека уметноста ја лечи депресијата, дека душевно се лечиш преку создавањето.

Лука: Тоа е ослободување од сите емоции што си ги чувал во себеси…

Истражувањето отвори повеќе прашања и теми, а продре длабоко во внатрешноста на ,,Дивоградба’’. Следно го очекуваме новиот материјал за слушање, необјавеното и новото кое во дивоградбата ќе се создаде.

367 views
bottom of page