top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Пустина


Автор: Ѓорѓи Абаџиев

Година на издавање: 1961

Жанр: историско-психолошки роман


Осврт:

Ѓорги Абаџиев е еден од основоположниците на современиот македонски роман кој се поставува во меѓата на историските и културните придвижувања на македонскиот век распослан помеѓу традиционалните постулати на народниот бит и новите стремежи кои ги изискува европската модернистичка иницијатива.


Со тоа, романот „Пустина“ од именуваниот автор ги опфаќа историските и психолошките мотивски подлоги со кои Абаџиев ја доловува идејната основа на делото. Непобитно е да се забележи дека двете жанровски компоненти придонесуаат до една преодна традиционално- модернистичка форма на прозниот израз преку кој авторот ја создава севкупната слика на индивидуалното и општествено време на македонскиот народ.


Мотивскиот стожер на романот се пронаоѓа во мотивот на Пустината виден преку интроспективниот опис на носечките ликови Арсо и Глигор. Нивната противположна поставеност ја доловува севкупноста на животната субјективна и објективна динамика.


Имено, ликот на Арсо е изграден како пандан на пустинскиот симбол во речиси дословна смисла, предавајќи се на идеалистичката ограденост од конструктивните принципи на воспримање на животните прилики. За неговиот пристап е карактеристична несообразноста со јазот меѓу минатото кон кое гради речиси животоносен култ, и иднината како фигуративна замисла за неостварливото.


Ваквото разидување на суштинските чекори на интимното доживување на Арсо, потекнато од неговото рано детство, а инкарнирано во апсолутниот идеалистички стремеж кон новитетите кои ги донесуваат политичко-општествените прилики, од него создава еден емотивен инвалид кој не умее да се сообрази со движењето на кое се заснова животот во својата севкупност. Поради оваа личносна стагнација, Арсо запаѓа сѐ подлабоко во својот микросвет од кои не може да пробие кон слободата, бидејќи е изграден врз голем број недвигатели.


Глигор со својот лик го носи патот на избавување од пустинскиот архетип, носејќи го животот во својата полност, како скапоцен дар за чија вредност, го препознава начинот на кој може да се оддолжи, љубејќи ја татковината и oткривајќи ја меѓучовечката љубов.


Неговиот порив кон сопствената и колективна слобода е седвижечки и исконски силен како пркос на бездејствието во кое запаѓа неговиот пријател. Патот на бегството кон пустината, запознавањето на љубовта преку женствената појава и повторното враќање кон појдовната точка со еден нов истоимен порив, алудира на спиралното движење на личносното созревање и пронаоѓање на патот кој изведува од пустошот на она со кое душата не успеала да се избори во своите кругови.


На крајот од дејството на романот, Абаџев јасно ги спојува елементите на пустината и патот на избавение преку утврдената дихотомија на двајцата пријатели, упатувајќи на тоа дека животот претставува постојано движење со бурна динамичност, аналогно на настапот на Глигор, наспроти прогресивната пасивизација на ликот на Арсо. Неговата смрт претставува пораз на личноста да се избави од пустошот на неостварениот идеал, неспособен за промена.


Од друга страна, повторниот и успешен обид за бегство на неговиот пријател, укажува на динамичната природа на живеењето кое од човекот изискува еден речиси странствувачки порив. Ваквата устременост е во прилог на потребата за постојана промена и индивидуална еманципација, преку пробивање на круговите кои го одземаат движењето и ја раѓаат пустината во која згаснува животот.


Со тоа, Абаџиев ја утврдува психолошко- историската подлога на романот „Пустина“ и силно се вградува во темелите на современата македонска проза која го обележува почетокот на едно ново време подготвено да ги прифати новитетите што се навестуваат.


Цитати:


„Во ќелијата навлегуваше самрачината, а со неа доаѓаше ладно струјкање. На Глигора му се стори дека овој ладен повев како да избива од тешко залепеното на прозорецот стебло од палмата. Во неговите гради навлезе и бодро затрепери свежина. Северникот го почувствува и Арсо чиишто носници започнаа да се шират. Во затворот, потонат во малаксаноста на врелата тишина, во спарените ќелии започнаа наеднаш да се подигнуваат бодри гласови. Зачестија брзи чекори по калдрмата на дворот и по ходникот. Силен збир од нескладни звуци ја наполни приквечерината. Мртвата темнина на ќелијата стана нестрпливо жива.

Бавно ги отвораше Арсо очите. Навлегуваше во неговиот мозок една јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина. И на таа згорнина релјефно испакна јадрата фигура на Глигора. И му дојде некоја изненадна желба и слика. Посака да се подигне на лакти. Глигор му помогна да седне.“



Белешка за авторот:

Ѓорѓи Абаџиев (1910-1963) е роден во Дојран, но за време на Првата светска војна, неговото семејство емигрира прво во Грција, а потоа во Бугарија. Во Софија живее до 1948 година каде се школува, учи гимназија и студира право. Членува во „Македонскиот литературен кружок“ заедно со Вапцаров, Неделковски и други, каде ја започнува својата литературна дејност. Во 1948 доаѓа во Скопје каде живее до крајот на животот.


Прозниот опус на Ѓорѓи е многустрано значаен и интересен за нас. Тој не е само едно значајно остварување на заслужен творец во почетоците на новата македонска книжевност, туку е тоа раскажувачко дело што го красат повеќе вредносни карактеристики. Абаџиев раскажува течно, умешно ги води дијалозите, дава сигурни описи и, што е најбитно во сето тоа, како ретко кој наш автор пред него психолошки ги мотивира конфликтите помеѓу луѓето. За значењето на прозата на Абаџиев и за неговото место во летописот на нашата современа литература ќе го цитираме Јован Бошковски: „Ако за некој македонски писател може да се каже дека во македонската литература зафаќа особено место со најголема сигурност би одговарало на прозаистот Ѓорѓи Абаџиев“. Во настанувањето на нашата литература, тој навистина даде свој прилог што се издвојува со една особеност: тешката ориентација кон историјата, кон еден литературен жанр, кому без малку му го посвети целиот свој творечки потенцијал. Значајното место што му припаѓа на Ѓорѓи Абаџиев во нашата современа литература е резултат на добрите уметнички остварувања на неговиот талент. Пред сè, Абаџиев е оригинална творечка личност во нашата литература. Тој опишува со симпатија за настаните и луѓето од нашето подалечно и поблиско историско минато. Абаџиев изнајде своја творечка област и пишуваше со сигурност како во поглед на содржината на своите дела, исто така и во однос на тематско идејната определеност. Во современата македонска проза Ѓорѓи Абаџиев е еден наполно автохтон автор. Таа автохтоност произлегува од фактот што во целиот тој негов прозен опус постојана и хипостатична преокупација се јавува историјата. Како во своите книги раскази, така и во своите романсиерски текстови, во авторовиот предмет на литературна анализа доминира исклучиво историскиот настан во целата негова историографска даденост, вели Ѓ. Старделов.


Делото на Ѓорѓи Абаџиев чека на својата заслужена валоризација. Животниот и творечкиот пат на Ѓорѓи Абаџиев, како и неговото прозно дело даваат широки можности за една сеопфатна анализа.


Неговото целокупно литературно творештво му припаѓа на жанрот на историската белетристика. Напишал неколку збирки раскази од кои најпознати му се: „Епопејата на ножот“ и „Последна средба“ и два романа: „Арамиско гнездо“ и „Пустина“.


Јас во понатамошниот дел од мојата семинарска, ќе се задржам на анализирање на аспектите на стилот на Абаџиев во неговото најпознато дело, „Пустина“.


1,989 views
bottom of page