top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-Муабет: Абортусот – слобода или грев?

По меѓународната фама околу Black Lives Matter која се крена по повод случувањата во САД, на општествената сцена и на сцената на која се зборува за човековите права дојде до едно ново непријатно случување од Полска. Во една од државите на Европската Унија, парадигма кон која целиме во остварувањата на либералните човекови права, се случува да се забрани едно од, според некои, најфундаменталните човекови права - правото на абортус.

Па хаштагот #BLM се замени со #strajkkobiet.

Во спрега меѓу, можеби, конзервативизмот и либерализмот или црковните традиции и вредностите на помодарство, се поставува прашањето на вистинските вредности. Многумина во контекст за темава ќе заземат одреден "библиски" став, па водејќи се од 10те божји заповеди и начелото „Не убивај!“ ќе речат дека е доволна основа за поддршка на овој закон. Од другастрана борците за човекови права, феминистките, па дури и обичните либералци и либералки ќе речат дека, сепак, поседувањето и контролата врз сопственото тело на една жена го има исклучиво таа жена и може самата да одлучува дали ќе раѓа или не. Но, дискутирајќи за овие две опции, неминовно е и појавувањето на етичките импликации на самата одлука, како на едната, така и на другата страна. Кај овие религиозните би се наметнало прашањето за убиството на тој зигот т.е. дали е убиство и што се убива - се ништи само оплодена клетка или живо суштество. А кај спротиставената страна се јавуваат етичките дилеми: што правиме со страдањето на детето доколку би се родило во токсична средина каде што не сакале да биде родено, а можеби би се надоврзално и едно фаталистичко прашањето за самата судбина на детeто во таква средина.


Самата тема е исклучително комплексна, испреплетена е и од медицинско-биолошки, етичко-антрополошко-социолошки прашања, секаде-појавувачките политички прашања, како и неминовното испреплетување со либералните барања и нивните конзервативни контрапунктови. Во медицинско-биолошките теми не би навлегувал многу, најмногу поради нестручност, но од оние ставови што провејуваат како аргументации на моралната дилема „дали абортусот е убиство“ би издвоил дека сепак во медицината има одредена граница според која се знае и може да се одреди дали "убиваме" оплодена јајце клетка или некакво живо и свесно суштество. Како антитеза на овој став се јавуваат традиционалните вредности и желбата за ширење на нацијата и зголемување на наталитетот, одржувањето на моралниот капацитет на луѓето и одржување на традиционалните семејни вредности. Но, сепак, каде е слободата на избор? Токму таа е тој момент каде што не се загрозени ниту едните, ниту другите, каде што нема да се загрозат ниту традиционалните вредности на едната страна ниту т.н. либерални вредности на другата страна, така секој ќе ја има можноста да одлучува за себе без некоја виша сила, во случајов закон, да потпомага во функционирањето и одлучувањето на луѓето. Но, пак ќе кажам, темата е премногу комплексна за да ја сведам само на "слободна волја". За оваа тема побарав мислење од активисткaта, феминистката, во контектстов половина полјачка, како и редовна колумнистка на Култура β – Калина Качоровска.

Калина Качоровска

За Калина е бесмислено да се разговара воопшто дали треба или не абортусот да биде дозволен, па вели „Моето лично гледање на абортусот е единственото прифатливо - за. Јас сум прва за слобода на говор и право на изразување, но постојат теми на кои едноставно е апсурдно да се дискутира. На некој начин ми е дегутантно сѐ уште да наидувам на ова прашање како тема за дебата, бидејќи станува збор за основно човечко право кое мора да биде заштитено.“.


Многу девојки и жени од разни земји низ светот се зачудија (читај: згрозија) од донесената одлука, небаре во нивната држава го забранија абортусот. Зошто? Дали секој потег на некоја (конзервативна) влада во одредена држава треба да го зграпчува вниманието на општосветската јавност? Дали, како и за важноста на црните животи во САД, обидот за ослободувањето од властите во Белорусија, така и за законот за прекинување на бременост во Полска треба да се биде гласен? Калина со реакција инспирирана од допирот на одлуката директно до нејзините лични определби: „Реакцијата која ја имав не е лесно да се опише. Првично, ме здоболе како половина Полјачка. Во моментов сум четврта година средно и една од опциите за факултет е и земјата од која потекнувам од таткова страна, Полска. Зарем тоа би било мојата иднина таму? Зарем тоа би било мојата реалност? Потоа, ме здоболе како девојка. Фактот дека некој може многу комотно да си дозволи да прави одлуки од животно значење во мое име, за мое тело не е само поттик за кревање на глас, туку за кревање на револуција. На крај, ме здоболе како човечко суштество. Не мора да бидам згрозена од одредено нешто само затоа што ме засега лично, туку затоа што објективно е скандалозно и апсолутно недозволиво. Треба да ни биде страв, но уште повеќе, треба да сме лути. Токму таа лутина е она што ќе нѐ доведе до таа револуција која ја споменав претходно која несомнено многу е потребна во ситуации, но и периоди како овој.“


Но, што се случува навистина во Полска?


Кон крајот на месец октомври Уставниот суд носи одлука со која абортусот е речиси целосно спотивен на уставот; исклучок за дозволен абортус има само при случај на силување, инцест или животозагрозувачка состојба на мајката. Од тогаш илјадници полјачки и полјаци со денови масовно протестираат на улиците на поголемите полски градови низ државата. Според одредени, клучна улога за овој закон имаат конзервативната влада, како и улогата на црквата. Неколку дена по првиот масовен протест, католичките цркви стануваат клучното место каде што се одвива барањето за измени на законот. Црквата и државата претставена преку вицепремиерот задолжен за национална безбедност кој бара граѓаните да ги бранат црквите од протестантите од еднастрана, а спроти нив протестантите кои ги испишуваат ѕидовите на црквите со пароли против законот од другастрана.

За да ја доловам состојбата во Полска, направив муабет со Хана Зиелењевска, студент во трета година на Универзитетот Адам Мицкиевич во Познањ, Полска, на Факултетот за полска и класична филологија на смер балканистика. „Да, премногу.“ одговори на прашањето дали е навистина толку голема лутината околу новодонесената одлука. „Сè почна со ова, ама сега се гледа генералното незадоволство од владата. Има протести во сите големи градови и тоа повеќе илјади луѓе се. Знам дека во мојот град имаше 100000, не знам колку во Варшава, ама многу повеќе.“ додаде Хана зборувајќи за актуелната ситуација таму.

Хана Зиелењевска

Следејќи ја тамошната ситуација преку социјалните мрежи се чини како да нема млада полјачка, а ниту полјак кој не ја поддржува иницијативата против овој закон. Многумина од луѓето кои вообичаено низ светот се против вакви бунтови за борба за човековите права, па и низ коментарите на социјалните мрежи кај нас често провејува еден став дека, наводно, ваквите движења се само некаков изгубен младешки бунт кој не резултира со некакви промени. Па инспириран од тоа ја прашав Хана дали познава во Полска некој млад човек кој го поддржува новиот закон, на што таа рече ,, Не познавам лично. Една моја пријателка познава една ваква девојка, имаме зборувано за неа, ама јас лично не познавам“.


Но, колку навистина значи мислењето на овие млади луѓе, дали воопшто има шанси да се промени нешто околу законов или тоа е веќе завршена приказна? ,,Мислам дека ова зависи како сега ќе се организираат луѓето. Така што, не сум сигурна. Сигурно ќе има компромис или нешто така, ама не знам до кој степен ќе биде. Ама ова се најголемите протести во овој век, така да, шанса за промени има. Има тука и поддршка од многу фирми, организации и така натаму. На пример има поддршка од страна на ректорите на најголемите универзитети во државата, Краков, Познањ...“ додава Хана.


Во меѓувреме оваа недела полските власти решија да ја паузираат имплементацијата на законот поради притисокот од јавноста и протестите, но каква би била конечна одлука и дали ќе стапи законот во пракса сè уште никој не може со точност да каже.

Неизбежно беше да ја прашам и за црквата која дефинитивно игра важна улога, и колкава е истата, поддржувајќи ја оваа државна одлука – „Голема, ама ова е една машина на пропаганда. Владата ја користи црквата и религијата да воведе што сака. Исто има проблеми со католичката црква во Полска, затоа што тие многу често не се согласуваат со зборовите на папата во Рим. А ова би требало да биде главен столб на католичката вера. Па сега, тие многу се вмешуваат во политика“

Кај нас по социјалните мрежи веќе има препукувања и за донесената одлука и протестите против неа, но и за тоа зошто воопшто нашите медиуми, организации и воопшто луѓето се загрижуваат и ги пренесуваат и поддржуваат овие случувања. ,, Апосолутно, апсолтуно треба да се дава огромно меѓународно значење на овој проблем. Ова е нешто што можеби во моментов ни изгледа далечно и можеби не ни влијае особено, но реалноста е дека ова не е полска или женска или феминистичка борба. Станува збор за сценарио кое многу лесно може да нѐ снајде нас, а веќе и се случува и многу пошироко од границите на Полска. И не е едноставна работа, не се дневни вести, туку е борба со која (полските) жени и народ се соочуваат веќе многу одамна. Борба која не може да биде победена без здружени сили.“ додава Калина.


Во нашата земја, инаку, од пред една година е усвоен новиот закон за абортус во кој „Прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена.“, а на жената и се скратуваат административните постапки при носењето на одлуката за абортирање и ѝ се дава поголема слобода во одлучувањето за истото.


При вонредни услови во светски рамки предизвикани од пандемијата, случајно или не, низ светот почнаа да се појавуваат масовни собири, поттикнување и барање за развивање и почитување на човековите права и слободи. Оваа интригантна одлука која очигледно засега многу области и дејности, која го дигна цел свет на нозе сепак не завршува тука со нас расправајќи за философските аспекти на целава дилема – како ќе се развива и дали ќе се остане на истиот став или ќе се промени оваа (не)правилна одлука останува само да видиме (а можеби и избориме) или ќе остане да бдее како антиномично прашање кое ќе разбранува и понатаму.

361 views
bottom of page