top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

β-Муабет со Анастасија Саздовска за нејзината протестна инсталација пред НГ - Мала Станица

Доколку во последниве неколку денови налетавте на статии, вести и објави за средношколката која протестираше пред Мала Станица против нехумана изложба која вклучува кожи на албино стаорци и живи хрчаци и бевте воодушевени од младешкиот бунт, жар и енергија, но истовремено и храброст, па сакате да дознаете нешто повеќе за случајот, дојдени сте на правилното место. Во продолжение муабетиме со Анастасија Саздовска, девојката која самостојно даде отпор на проектот на Елпида Хаџи-Василева наречен Silentio Pathologia.


Калина: Со цел да ни се разјасни целата ситуација, првото прашање во денешниот муабет е многу едноставно: што е Silentio Pathologia и зошто тебе како уметница, активистика, но пред сѐ човек ти беше важно јавно, гласно и јасно да излезеш на протест против овој проект?

Анастасија: “Silentio Pathologia” во превод „Тивка патологија” е инсталација на уметницата Елпида Хаџи-Василева која е дел од изложбениот концепт „Допирот”, Идни екологии, под кураторство на Ана Франгоска. Изработеното дело е одраз на движењето, миграцијата и влијанието на средновековните чуми низ Европа и ги зема в предвид современите грижи за меѓународните миграциски болести како што е корона вирусот. Инсталацијата е изработена од ткаена свила, кожурци од свилена буба, кожи од албино стаорци и живи хрчаци затворени во кафези. Според објаснувањата на уметницата, цитирам:


„Кожите на стаорците употребени за оваа изложба се добиени од добавувачи на добиточна храна и обично се дел од исхраната на месојадни птици и цицачи кои се чуваат во заробеништво. Употребата на овие кожи има за цел да го истакне постојаниот пазар кај животните, нивната кожа и други производи низ целиот свет, и ја одразува употребата на оригинални материјали во моите уметнички дела, колку и да е тоа невкусно. Презентирајќи го вистинското пред публиката, луѓето се соочуваат со необјавената вистина за животните, пазарите и комодификацијата на производи од животинско потекло. “

(фотографиите се преземени од фејсбук фан-страната на Елпида Хаџи-Василева)


Токму оваа изјава на уметницата но, и шокот кој го доживеав од нехуманоста и бруталноста на самата изложба ме поттикна на јавен протест. „Употребата на оригинални материјали во моите уметнички дела, колку и да е тоа невкусно” и „Презентирајќи го вистинското пред публиката” во превод користејќи вистинска кожа за инсталацијата, уметницата е подеднакво виновна за злоупотребана животните исто како и сторителите на криминалниот чин. Постојат многу начини да се пренесе пораката за злоупотреба на животните на пример користејќи реплики од истите.


Одговорноста на кураторот е исто толку голема како и на авторот на делото бидејќи за реализација на изложба на тема екологија и заштита на животната треба етички и морално да го испочитува тоа и да одбере автори кои со своите дела навистина се грижат за животните и животната средина!


Калина: Многу често говориме за активизам, а многу ретко сме суштински

активни. Твојата одлука сама да застанеш пред објект значаен како Мала Станица со пароли во рацете и протестно дело до тебе, не е реткост само затоа што си млад човек, туку е реткост затоа што за спротиставување на неправдите на терен е потребна храброст. Зошто е важно активизмот да се случува на лице место, а не само на социјалните мрежи?


Анастасија: Сметам дека активизмот е многу важен. Денес младите се свесни за многу појави во општеството храбро борејќи се за своите потреби и права и тоа многу ме радува. Од стекнатото искуството можам да кажам дека не е лесно да се протестира, особено ако се издвоите од толпата и останете сами. Тоа што ми даде храброст да издржам е фактот дека постапувам правилно и дека мојот глас како млад активист ќе се слушне и нештата во иднина ќе се променат! Мора да веруваме во себе си, мора да сме истрајни и мора да се соочиме со проблемите. Доколку протестот се случува на лице место има поголем ефект отколку истиот да е на социјалните мрежи бидејќи директно се соочуваш со проблемот каде што се случува интеракција помеѓу двете страни. Доколку се воспостави дијалог тој може да доведе до решавање на проблемот, што е и главната цел на протестот.

За жал мојата протестна инсталација беше веднаш отстранета. Сметам дека една сериозна институција како што е Националната галерија кога јавно ги повикува младите за мислење треба да има достоинство да ја издржи критиката во спротивно нивните работилници немаат цел. Отстранувањето на моето дело го сметам за цензура на гласот на младите!


Калина: Твоето застанување пред локацијата на одржување на изложбата не беше само протест, туку истовремено беше уметничко дело и самото по себе. Која е причината поради која одлучи твојата порака да ја пренесеш токму преку твојата уметност?


Анастасија: Идејата ми беше преку сопственото дело да покажам дека пораката може да се пренесе со симболиката на бојата и предметот, особено преку бојата! Тоа истражување го имаат направено многу уметници и филозофи во минатото, како Василиј Кандински, Марсел Дишан, Марк Ротко, Олафур Елиасон и многу други. Во мојата инсталација јас не ја „одрав” сопствената кожа и преку крвта да ја докажам бруталноста на проектот, тоа го направи предметот и бојата. Убавината на уметноста е тоа што постојат многу креативни начини за изразување. Уметникот треба самиот да го пронајде својот ракопис но, притоа треба да ја задржи етиката и моралот кон другите луѓе, кон средината во која што живее, а особено кон животните! Во спротивно уметноста нема значење.


Калина: „Можеби црвената боја еден ден ќе го достигне тоа да сугерира СТОП наместо КРВ... Можеби еден ден црвениот кафез ќе сугерира мачна и болна КАЗНА за сторителот наместо мачна и болна СМРТ за жртвите... Можеби еден ден ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИТЕ ГЛУВЦИ нема да постојат бидејќи ќе постојат само ГЛУВЦИ... Можеби...“ Вака завршува твојата протестна парола. Веруваш ли дека ќе дојде ден кога „можеби“ и „еден ден“ ќе бидат исфрлени од овие реченици, војната ќе биде извојувана и правдата ќе биде добиена?


Анастасија: Доколку не би верувала во тоа, не би се одлучила на ваков чин. Тоа што ме плаши е гордоста, суетата, алчноста и во многу случаи инфериорноста на луѓето. Како млада личност се борам за промени и се надевам дека многумина ќе го следат мојот пример. Оптимист сум, верувам во младите и верувам во промените кои тие можат да ги направат за подобра иднина.

343 views
bottom of page