top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Бојана Аризанковска од Ari Design

Во новото интервју кое го објавуваме во рамки на рубриката β-муабет, повторно имам можност да муабетам со млада креативна артистка која има свој мал бизнис. Станува збор за Бојана Аризанковска, основач и член на тимот на Ari Design – мал бизнис кој за цел има уметнички да разубавува парчиња облека со уникатни дизајни.

Бојана Аризанковска

Бојана има 18 година, себеси се дефинира како креативна личност која е посветена и амбициозна на тоа што го работи. Ari Design, чие име доаѓа од нејзиното презиме, а е и имаето со кое таа уметнички се изразува, претставува отсликување на Бојана самата и е начин на кој креативноста ја пренасочува кон уметност која ги прави и другите среќни.


Андреј: Дали Ари покрај дизајн на облека е простор за лично уметничко изразување?


Бојана: Да, на моите дизајни им посветувам многу внимание, време и

креативност. Секој дизајн е специфично креиран според барањата на клиентот, во што јас помагам идејата да се реализира со додавање на мои детали. Во скоро време ќе бидат објавени и мои лични цртежи, кои можат да ги инспирираат нашите клиенти, а и воедно истите да ги видат моите уметнички способности.


Андреј: Што од облека досега имаш цртано и што највеќе се бара за дизајни?


Бојана: Цртам на разни парчиња облека (дуксери, маици, тексас јакни, фармерки, tote bags…), меѓутоа тие мора да бидат памучни или тексас. Додека пак секој дизајн е уникатен, во зависност од барањето на клиентот.

Андреј: Како тече процесот на изработка на еден дизајн, како човек може да си порача дизајн на облека од Ari Design?


Бојана: Имаме Instagram и Facebook страни, кои можат сите да ги посетат и да ни пратат порака со која ќе ја искажат својата замисла или само да се информираат. Изработката започнува со креирање на дизајн според идејата и замислата на клиентот, односно со заемна разработка на истата. Откако дизајнот е готов, клиентот ни го дава парчето облека и започнуваме со цртањето. Времетраењето на изработката зависи од комплицираноста на дизајнот. Боите кои ги користиме се специјално наменети за цртање на текстил и гарантираме дека нема да се избришат по перење на парчето облека.


Андреј: Многу од малите бизниси, а како што веќе и ни се потврди во претходно направените муабети со други креативци, пандемијата е една од причините за отпочнување на мал уметнички бизнис. Па како започнува приказната на Ari Design, колку време постои и каков е добиениот фидбек до сега?


Бојана: Идејата за започнување на мал креативен бизнис постоеше од претходно, но пандемијата ми беше поттик слободното време да го користам продуктивно. Искрено, Ari Design беше долго подготвуван проект, пред официјално да стартува во февруари 2021 со креирање на Instagram профил. На почетокот, за да ги покажам моите способности, првите дизајни беа на мои лични парчиња облека. Откако стекнавме клиенти, фидбекот е позитивен, тие се задоволни од нашите услуги, но и покрај тоа се трудиме Ari Design да се подобри уште повеќе. Навистина, нешто што најмногу ме мотивира да продолжам се нивните позитивни коментари и поддршката од нашите следбеници. Најмногу заинтересираност има од страна на младите, кои сакаат да се изразуваат себе си преку начинот на облекување.

Андреј: Малите бизниси земаат сè поголем замав и станаа една од многукористените, но и достапни алтернативи за определба на нечиј начин на носење. Колку е важно за еден уметник користењето на ваков вид на облека и додатоци и колку handmade дизајнираните парчиња влијаат на определбата на личниот стил на носење?


Бојана: Свесни сме дека во Македонија уметноста не е доволно ценета и самата поддршка на handmade, а и воедно локалните уметници, е од големо значење за развој на малите бизниси и мотивација овие уметници да продолжат со креирање. Вака дизајнираните парчиња облека се повпечатливи, бидејќи секако дизајните се уникатни и ги поседуваат само оние за кои биле рачно изработени. Преку облеката, се изразува и креативноста на личноста која ја носи, како и креативноста на уметникот кој ја изработил. Во изработувањето на handmade парчињата се вложуваат многу време, љубов и внимание, кои им даваат посебно значење на нашите продукти.


Па, креативни и кул луѓенца доколку сакате уникатен дизајн на некое ваше парче облека – трк до инстаграмот на Ari Design

320 views
bottom of page