top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-Муабет со Деа Балкански

На Култура β првите две недели од месецов се случуваше двонеделен циклус на поезија – секој ден ново поетско остварување од млади поетеси и поети, дефинитивно ја исполнивме Култура β со поезија, но она што уште повеќе нè исполни е средбата со поетесата Деа Балкански и нејзината дебитантска збирка „All my good, all my bad, all my life“.

60тина песни на англиски јазик кои ја отсликуваат длабоката и емотивна поетичност на авторката давајќи му на читателот искрен и отворен контакт директно со неа. Па цитирајќи ја рецезентката на стихозбирката, м-р Маја Којчева – Величков, само ќе додадам „Деа не пее само за љубовта, пее и за секојдневните случки и за нејзините и за нејзините најблиски, нејзиното семејство, нејзините сегашни и поранешни другарства...Оваа збирка е плод на еден младешки „бродолом“ по кој остануваат само оние вистинските и најдрагите личност.“


Па која е Деа Балкански, кога би требала да направи едно портретирање за себе што таа би кажала?

„Јас сум една обична девојка од малиот град Неготино која сака да ги искажe своите мисли преку уметноста – во било кој вид. За себе би можела да кажам дека сум сестрана личност, секогаш отворена да пробувам нови работи. Сакам да пишувам, цртам, ја обожавам музиката и танцот и сметам дека преку уметноста секој човек може и треба да проба да остави свој личен белег.“ вели таа.


Со започнувањето на овие пишани β-муабети останува во секое интервју да опстојува едно прашање кое гласи „Доколку твојот живот беше приказна од книга – која книга ќе беше тоа или како би ја насловила доколку таква книга не постои?“


На ова прашање Деа ни одговори дека книгата на нејзиниот живот би ја насловила ,,All the things she wanted to become” или ,,Сите нешта што таа сакаше да биде” аргументирајќи со тоа дека како човек има многу интереси и понекогаш се наоѓа во дилема што е тоа што сака да го прави и да биде.


На почетокот на збирката, во воведната реч, Деа вели дека е инспирирана од многу работи, главно луѓе, кои постојат или живеат во нејзината имагинација. Па следното прашање ми беше околу разбирањето на инспирацијата? Колку е важно за една поетеса да ги има инспиративните нешта и луѓе во животот?


„Приказните коишто треба да бидат инспирација за еден уметник се насекаде околу нас, во животот на секој обичен човек, само тој уметник треба да биде спремен да ги слушне, да ги разбере и на свој начин да проба да ги пренесе и раскаже и да му овозможи на читателот да ги доживее како што тој сака и чувствува.“ додава таа.


Збирката е составена од три дела – Доброто, Лошото и Животот – но во што е поврзаноста меѓу тие три работи? Колку стиховите се водилка за радување на доброто, пребродување на лошото и, конечно, живеење на животот?


„Добрите работи треба секогаш да ги цениме, токму тие нè мотивираат да бидеме најдобрата верзија од нас самите. Но, иако ние секогаш навиваме да победи добрината, лошите работи се неизбежен дел од животот. Па, ќе знаевме ли да ја разликуваме доброто од лошото ако тие две не постоеја. И токму тоа лошо и тие паѓања во животот се најголемата инспирација. Инспирација никогаш да не се откажеме, а нашата тага да ја преточиме во зборови кои ќе го ослободат нашето битие. Животот не може да е совршен, но не може и истиот да го проживееме во темнина. Светот не е црно-бел, нашата задача е да ја пронајдеме неговата обоеност. Животот треба да го живееме гледајќи пред себе, уметноста на животот е живеењето.“ ни одговори Деа.


Поразговаравме и околу процесот на пишувањето и составувањето на збирката, па Деа ќе ни раскаже:


„Книгата ја пишував помалку од два месеци и морам да кажам дека се изненадив од самата себе како стиховите лесно излегуваа од мене. Го одбрав англискиот јазик бидејќи во него се чувствувам најслободна, зборовите природно и спонтано доаѓаа и кога еднаш почнав да пишувам на англиски, не можев да престанам. Мотивот во песните е различен-некои песни беа инспирирани од љубов, љубов од моите блиски кон мене, љубов од мене насочена кон нив, кон природата, кон животот. Други беа инспирирани од лошите нешта во мојот живот, но и во животите на луѓето кои ги измислувам, а сепак некаде постојат. Водич во пишувањето на стихозбирката ми беше тоа читателот да се пронајде себе си во барем една песна. Кога станува збор за корицата, тоа беше еден обичен цртеж којшто го нацртав уште пред да почнам со пишувањето на книгата, но кога го завршив, самата си реков ,,Ова ќе биде корицата на мојата прва книга.” Секој лик на корицата му го доделив на личност од мојот живот и секој од ликовите е присутен во некоја од песните.“


Во последниот период сè повеќе се појавуваат автори-дебитанти со нови стихозбирки и романи, која е оценката на состојбата со прифаќањето на млади автори кај нас? Имаат ли доволни можности?


„За мене, процесот на издавањето на книгата не беше воопшто тежок бидејќи имав помош од мојот рецензент. Мој совет за идните автори би било тоа да се пронајде вистинската издавачка куќа која е отворена за соработка со вас.“


Промоцијата на збирката се случи на 29ти мај, во коњичкиот клуб Adventure во Неготино: „Од промоцијата сум многу задоволна бидејќи јас и моја другарка ја водевме и помина баш онака како што замислив. Се читаа песни од секој од трите дела од стихозбирката во придружба на клавир, присутните си купија потпишани книги и атмосферата беше како од филм.“

А за фидбекот кој го добива Деа за збирката додаде:


„Иако живеам во мал град, каде што уметноста и културата се малку занемарени, се радувам на тоа што имаше луѓе што и дадоа шанса на мојата книга и вистински го ценат трудот што е вложен во неа.“


Доколку сте заинтересирани за стихозбирката, а збирката е моја топла препорака, може да ја набавите во книжарниците Симба и Бонига во Неготино, а доколку сте од друг град може да ја контактирате Деа преку нејзиниот инстаграм и таа ќе ви ја испрати.

376 views
bottom of page