top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Ивана Илиевска од DoUble I Handmade

Периодот на карантинот и целото ковид-време дефинитивно покрај лошите страни на мнозина млади им отвори нови перспективи како за размислување, така и за творење и создавање своја нова уникатна уметност. Пред некоја недела првпат добивме идеја да почнеме да правиме β-муабет со луѓе кои оформија свои мали бизниси и преку нив ја пренесуваат својата уметност, па така веќе направивме муабет и се запознавме со Ива и нејзиниот мал бизнис Slivа Design и со Ана Марија од TIKA Handmade, а денешното издание го правиме со Ивана Илиевска основач на Doble I Handmade и пред сè уметник. Во продолжение може да го прочитате краткиот муабет со Ивана!


Најпрво ја запрашав која е Ивана, како би ни се претставила?

„Јас сум чупе од Битола и моментално студент на ФОН на насока мултимедија. Од мали нозе бев во допир со уметноста. Обожавав да цртам и да креирам работи. Знаев од секогаш дека сакам да се занимавам со уметничко креирање и творење. Вљубена сум во накит и секогаш морам да носам барем едно парче накит на мене кое што е уникатно, така и започнав да креирам свој накит. Во моментот изработувам парчиња обетки и ланчиња од полимерна глина и сите дела се достапни на мојот инстаграм профил @doublei_handmade каде што можете да ги видите и да ги порачате.“


Како започнува Double I, од каде целата идеја најпрво за создавање накит од полимерна глина и епоксидна смола, а потоа и основање на свој мал бизнис?

„Double I започна на курс за изработка на накит со полимерна глина и епоксидна смола. Долго време се восхитував на накитот изработен од овие материјали и барав начин како да се доближам до овие техники. Мајка ми случајно наиде на курсот и без размислување се пријавив за да го ислушам. По завршувањето добив сертификат за ислушаниот курс. Бев убедена дека ќе изработувам парчиња накит само за мене и дека ќе ги подарувам на блиските. Така и беше на почетокот, но како што се осеќав посигурна во моите изработки и откако научив нови техники решив да направам профил на инстаграм и да ги споделам своите уникатни парчиња накит.“


Како што кажав и на почетокот, пандемијата несомнено влијаеше на креативноста на многу млади, впрочем така започнавме и ние со Култура β, па колку пандемијата влијаеше и на твоето творештво, но и на самата одлука за отпочнување на мал бизнис за накит?


„Како што кажав, на почетокот мислев дека ова ќе ми остане само како хоби. Кога започна пандемијата на сите ни требаше некоја дистракција од реалноста и нешто што ќе не опушта во стресниот период. Идеја за да започнам мал бизнис немав, односно не мислев дека би можела да го направам тоа. Блиските беа оние коишто ме охрабрија да го направам тој чекор и ме осигураа дека го можам тоа и дека вреди да ги покажам моите дела на поголема публика и да основам мал бизнис. Добив голема поддршка и добив хоби кое што се исплаќа.“

Пандемијата можеме да ја сметаме за некаков поттик, за момент на себе преиспитување и наоѓање нови перспективи за креативно изразување и творештво. Но сигурно инспирацијата доаѓа од многу повеќе места, па од каде доаѓа твојата инспирацијата за создавање на накитот кој го изработуваш?


„Инспирација добивам од сè околу мене, од природата, од бои, од дизајн, од луѓе околу мене. Во мој круг имам луѓе кои што се креативни па добивам идеи и од нив, добивам критики и добивам пофалби кои помагаат за следните изработки. Секој ден седнувам и барам идеја и инспирација за следното парче накит. Понекогаш потребно е само да почнам да работам и идејата доаѓа сама од себе. Потребно е само еден поглед кон некоја боја за да замислам како таа боја би изгледала како накит. Се обидувам и да следам некои типови на накит кои се популарни кај младите па понекогаш правам поедноставни парчиња кои сум сигурна дека би биле прифатени од оние кои ме следат.“


Колку време постои Double I?


„Double I постои веќе половина година и се надевам дека ќе постои многу долго време поради тоа што уживам во она што го работам и навистина ме релаксира. За во иднина имам многу планови и многу дизајни во глава кои што ќе почнам да ги развивам за брзо, така што може да се очекува кул накит за брзо време.“

Велиш како мал бизнис Doble I постои веќе половина година, па сигурно во тие месеци поминале многу нарачки, си добила многу импресии, критики. Колку си задоволна од добиениот фидбек до сега?


„Кога го креирав профилот и кога им ја кажав веста на блиските добив прекрасен фидбек. Имав огромна поддршка и многу пофалби. Брзо добив следбеници и нарачки. Тоа што поголем број на луѓе ги гледаат моите изработки и што им се допаѓаат ме мотивира да продолжам да изработувам и да креирам нови работи. Исто така кога ќе добијам порака од некој кој што има нарачано и им се допаднало моето парче се осеќам како најсреќниот човек. Се надевам во иднина ќе има повеќе луѓе кои што ќе го следат мојот напредок во изработката и техниките и ќе можам да ги споделам своите креации со голем број на луѓе.“


Но за да дојдеш до моментот на добивање некаква рекација од оние кои го добиваат твојот накит, секако мора да се помине низ процес на изработка на истиот. Следното прашање би било токму за тоа - како оди процесот процесот на создавање накит?

„Секој накит е креиран од полимерна глина која нуди најзабавен начин на изработка на обетки или ланчиња. Исто така користам и епоксидна смола за да му дадам сјаен финиш на накитот. Работењето со глина е слично со работењето со пластелин како кога бевме мали. Имате различни бои и си играте со форми додека не добиете нешто што ви се допаѓа. Кога сум задоволна со дизајнот и формата на накитот следниот чекот е печењето на истиот. Полимерната глина кога ќе се испече наликува на некоја пластична површина, станува тврда и не се крши лесно. Потоа доколу имам таква идеја на неа сликам со акрилни бои и ги фиксирам понекогаш со епоксидна смола. Работам сама на накитот, на пакувањето, сликите од накитот кои се на профилот, а испораката ја вршам јас низ Битола, а во другите градови ги испраќам нарачките по карго или доколку сум во Скопје ги доставувам и таму. Искрено не можам да кажам колку време ми е потребно за изработка на парче накит поради тоа што секое парче е уникатно и на секое му треба одредено внимание и трпение во изработката. Кога седнувам да работам влегувам во еден мој свет и не се ограничувам со тоа колку време ќе потрошам на едно парче или колекција, што некогаш е многу лошо поради тоа што другите обврски ги заборавам хаха. Креирам она што мене ми се допаѓа и она што мислам дека ќе биде прифатено кај луѓето што ме следат“


Многумина гледајќи го накитот како готов производ би помислиле дека тоа е тоа, ете готови производи од кои се прави некаков мал бизнис и некаков мини-извор на заработка. Но дали изработката на накит за тебе претставува твое уметничко изразување и дали покрај ова се занимаваш и со друга уметност?


„Можам да кажам дека е начин на изразување дефинитивно. Сè повеќе и повеќе правам работи кои што би го отсликале мојот стил, моите интереси, омилени бои, омилени текстури. А исто така се занимавам и со цртање и сликање, а воедно и со фотографирање од неодамна. Сакам да истражам повеќе уметности и да се пронаоѓам во нив како што се пронајдов во техниката за изработување на накит со полимерна глина“


За крајот сакам да прашам за твојот став за малите бизниси. Тие се во сè поголем пораст, земаат голем замав особено меѓу младите на социјалните мрежи и дали тоа ти дава инспирација за сè поголемо творештво?


„Искрено ме прави многу среќна што гледам сè повеќе и повеќе мали бизниси. Треба да се поддржат младите креативци и да им се даде отскочна даска за да успеат да го работат она што ги исполнува и прави среќни. Се надевам дека сите ние кои што креираме рачно изработени производи ќе бидеме сè повеќе и повеќе охрабрени да сонуваме на големо и дека ќе имаме можност да покажеме што можеме да понудиме. Ме исполува што има голем број на млади кои што го делат моето хоби и што ги делиме истите интереси.“


После овој инспиративен и креативен муабет следно што треба да се направи е да се посети инстаграмот на Double I Handmade – @doublei_handmade, да ѕирнете кул накит и да си нарачате она што најмногу ви се допаѓа!

274 views
bottom of page