top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Христина Ѓорѓиевска од КОИ

Барајќи место за промоција, во склоп на рубриките на Култура β, на млади уметници кои имаат свои креативни мали бизниси, некако сами си го пронајдоа местото и спонтано дојде после неколку направени β-муабети токму ова да е местото за нивна промоција. Па така и во ова издание на муабетите на Култура β, разговарам со млада уметница која, меѓу другото, го работи својот мал бизнис КОИ. Станува збор за Христина Ѓорѓиевска, апсолвент на ФЛУ, на смерот ликовна педагогија, модул графика.


„Во суштина, многу сакам да лутам и да експериментирам во доменот на креативните вештини, и не би сакала да се ставам во рамка. Обожавам музика, дизајн, печатење, добра сценографија, костимографија и т.н., дури и кога се изразувам гледам да правам некаква симбиоза меѓу медиумите и техниките. До некаде ми е сроден факултетот, бидејќи сум графички дизајнер, а моето знаење го преточувам и применувам како во секојдневниот живот, така и во брендот КОИ (my child).“ вели за почеток Христина за себе.


Па најпрво да видиме што е КОИ. Првото прашање кое беше поставено беше тоа – што значи КОИ, што претставува брендот за Христина и како би ни го објаснила.

„КОИ е wearable art, буквално. Бев во потрага по кул облека и додатоци, и многу тешко ми одеше да го најдам тоа во локалните продавници, и сфатив дека сум способна сама да придонесам да порасне нешто такво и тука. Имав неколку зготвени илустрации, и почнав со печатење на маички. Понатака ова еволуираше во сосема широк спектар на продукти кои ги вклучуваа моите дизајни.“


Самата ни кажа дека КОИ е вид на „носечка уметност“, па очекувано е, а и спонтано би дошло тоа да е и простор за лично уметничко остварување, па колку е тоа така?


„Мислам дека речиси целосно КОИ е простор за себеизразување, зошто примарната идеја, и причината за основањето беше сведена на проблемот „зошто немаме добри принт дизајни на облека?“, со тоа, сите дизајни кои што сега ги готвам ја имаат основата во себе, а тоа е принт дизајн. Секако во зависност од медиумот (чорапи, блуза, маица, торба), постојат различни предизвици (материјал, текстура, боја), но суштината е иста. “


КОИ, инаку, највеќе се фокусира на чорапи, блузи, маици, торби, принт картички, и стикери. „Во моментов работам на колекција која што вклучува и други додатоци, но за тоа би зборела во друга прилика.“ додава Христина.

Но како оди изработката на сите продукти, дали е сè handmade или изработката на дизајните е она што е работа на Христина како творец во КОИ?


„Картичките, стикерите, и се останато што вклучува дигитален печат е изработено од мене, од припрема на дизајн, до печатење. Би сакала еден ден да кажам дека се што работам е рачно и изработено од мене, меѓутоа, моите кројачки способности се сè уште во фаза на учење. Сега за сега ги набавувам само „празните платна“, и се изразувам директно. Значи, цртањето е мое, но основата е претходно готова. “


Многу од малите бизниси, а како што веќе и ни се потврди во претходно направените муабети, пандемијата е една од причините за отпочнување на мал уметнички бизнис. Па следното прашање е токму за тоа, како започнува приказната на KOИ, колку време постои и каков е добиениот фидбек до сега?


„Приказната за КОИ започна во август 2020, насред пандемија. Осетив потреба да комуницирам со луѓето на еден индиректен начин, а и како што кажав погоре, сакам да внесам еден поинаков, уникатен дух во локалниот дизајн. Прилично сум задоволна со фидбекот, бидејќи сите кои што ми пристапиле биле искрени, и емпатични. Разбираат дека она што го правам не е произведено од машина, и дека секако, не може да е совршено. Всушност, тоа и не е идејата, туку и да е автентично, интимно.“

Несомнено е дека малите бизнис земаат сè поголем простор и станаа една од многукористените, но и достапни алтернативи за определба на нечиј начин на носење. Колку е важно за еден уметник користењето на ваков вид на облека и додатоци и колку handmade дизајнираните парчиња влијаат на определбата на личниот стил на носење?


„Мислам дека поддржувањето локални бизниси многу помага за спречување на mass-production, како и underpaid labor. Знаејќи од каде доаѓа продуктот е клучен фактор како за креаторот, така и за купувачот, бидејќи не постои веќе бариера претставена со лаги и затскриена вистина. Нужна е транспарентноста. Знаејќи дека можам да носам cool парчиња скроз ме возбудува, а верувам и дека истава реакција кружи околу младината денес. Некако во денешно време многу се зголеми популарноста на upcycling, и second-hand облека, и тоа многу ме возбудува, бидејќи има многу простор за креативно изразување кај таквиот животен стил.“


Видлив е сè поголемиот развој на вакви мали бизниси и брендови, па ја прашав Христина и за нејзиното мислење по повод ова и дали ваквиот раст на мали бизниси е инспиративен?


„Баш ме радува што почнаа рапидно да никнуваат многу млади бизниси, меѓу кои и мојот. Она што ме плаши е репетитивноста, се плашам дека големиот број мали бизниси имаат едноличен мотив, и не е базиран на вистински локален проблем. Од друга страна, сретнав многу уникатни бизниси, и ме радува целата идеја кон која тие кружат. Би им посакала да продолжат така, и да не се откажуваат доколку навидум делува тешко, така правите луѓе ќе допрат до нив. Имам самодоверба во она што го креирам, бидејќи ја следам интуицијата, и барам инспирација во нешта што не се директно врзани.“


Уште на почетокот споменав дека Христина е студент на ФЛУ, па со што друго таа се занимава?


„Да, јас сум графички дизајнер, работам во креативното студио Fabricca, а и работам и freelance проекти. Во главно многу сум заинтересирана за дизајн на брошури, постери, типографија, илустрации и сл. Во последно голема пасија ми стана и дизајнот на омоти.“

Kaко организација и иницијатива која се занимава со промоција, но и создавање на младинска уметност навистина ни е мило што сè повеќе младинци излегуваат со сопствено уметничко творештво и изразување, а ние можеме да им посакаме само успех и уште многу повеќе инспирација за креативен израз.


344 views
bottom of page