top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Христијан Нашуловски

Oвонеделното издание на β-муабет го посветивме на уметник кој се занимава со многу сестрана уметност, а како најспецифични, а и клучни кои ни го привлекоа вниманието за да го направиме ова интервју се плетењето и создавањето на својот прв стрип. Имено, станува збор за Христијан Нашуловски – човек кој се занимава со сликање, цртање, пишување, создавање облека и накит...


Во прилог на стрипот за себе Христијан вели „шеснаесетгодишно момче чија уметност е инспирирана од најголемите апсурди, бизарности и сè што е розово...пропаднат спортист и перспективен уметник“. Па што би ни кажал Христијан Нашуловски за себе повеќе? Од каде е, што учи, со што се занимава, каков уметник е тој?


„Сега имам веќе седумнаесет. Живеам во Прилеп, не знам дали за жал или за среќа, учам во гимназија – уметничка насока. Се занимавам со сѐ што ми е интересно, а многу работи ми се интересни: пишување, цртање, плетење, читање... гледам да уживам во сѐ што правам. Иако кажав дека сум пропаднат спортист, обожавам планини и скоро секој ден (летен период) возам со велосипед. Како уметник сѐ уште не знам каков сум, пробувам секојдневно да истражувам нови територии.“


Кога вртам низ инстраграм профилот на Христијан, можам да забележам, како што веќе и реков, сестраност, најразновидна уметност, од сликарство до колажи, па до изработки од глина, изработки на накит, плетење. Она што највеќе ни остави впечаток е изработката на торбите и стрипот. Па би започнал од стрипот, како доаѓа до таа идеја, што значи стрипот за него и за што се работи? Побарав да ни ја раскаже приказната за настанувањето на „Зошто јас, Јан?!“!


„Кога сме веќе кај стрипот, стрипот како медиум го запознав уште во основно, како и многумина и јас бев во таа ‘geek’ фаза, ги обвинувам тетиновците за тоа. И тогаш имав нешто чкрткано, како мали неповрзани сцени, баш пред некој ден си ги гледав старите ‘решени’ табли. Почнав активно да читам можеби пред две години. Стрипот како медиум го запознав пред скоро време и сѐ уште го запознавам. За „Јан“ можам да зборувам со денови. Јан некако ми беше многу близок, мислам дека и секогаш бил дел од мене. Настанокот на стрипот започна едно попладне кога тетка ми ми испрати линк од конкурсот „Лифт“. Да се дојде до крајната приказна не беше толку едноставно, па иако ја имав замислено целата тематика, се помачив. Со „Јан“ сакав да ја распространам квир-културата колку што е можно подалеку.“

Она што го започнува од неодамна е она што тој го нарече „нослива уметност“ односно плетените торби. Па следното прашање беше токму тоа - од каде идејата за започнување со работа со толку, би рекол, „неспецифичен“ начин на творба т.е. плетење?


„Па, плетењето многу спонтано стана дел од мене. Паметам лани на еден тришти шоп од Шведска видов преинтересен џемпер, изгуглав некои основи на плетењето и другиот ден купив волница и чингелаќиња. Со плетеници сум го поминал цело детство, бидејќи баба ми плетеше, па така можеби сум се истерал на неа.“


Каков е фидбекот од отпочнувањето на ваков мал бизнис?


„Искрено не сакам да го нарекувам мал бизнис, сметам дека во бизнисот треба да се има некој континуитет. Јас плетам кога имам замисла и идеја, не сакам да се форсирам, едноставно, кога ми се плете – плетам. Не би се форсирал заради ‘бизнис’. Кога го отворив инста-профилот, имав прееееемногу поддршка, сакав да го споделам мојот свет со светот.“

Но колку плетењето како уметност го дефинира Христијан како уметник и дали тоа влијае на стилот на носење? Или поопширно, дали handmade облеката или додатоци во облеката ја оформуваат специфичноста на неговиот стил?

„Не би рекол. Уште како мал, ако имав некоја конкретна замисла, сам си ја реализирав, паметам, сечев чорапи, чаршафи. Обично во лето сам си правев искинати и обелени шорцеви.“


Како што веќе зборуваме неколку β-муабети по ред, во сè поголем пораст се малите handmade бизниси, особено на инстаграм, дали тоа е мотивиција и инспирација за да Христијан да продолжи со себе-остварување на тоа поле? И општо, го запрашав, кој му е ставот за малите бизниси со творби кои се рачни изработки?


„Искрено сум прерадосен поради тој факт, колку повеќе мали бизниси – толку пошарен свет. Гледам колку што е можно да ги поддржам. А да одговорам на прашањето, мислам дека не се пронајдувам баш на тоа поле.“


Како за крај, се осврнав на едно прашање кое лично ме интересираше поради самата разновидност во уметничкото творештво - како Христијан ја определува уметноста?


„Уметноста зафаќа преголем дел од мене и моето живеење. За мене уметноста претставува огромен хоризонт каде што секој може да се изрази така како што сака. Независно дали е плетење, везење, сликање, цртање, играње, графички дизајн, инсталација, музицирање или уметнички перформанс – сметам дека секој има нешто интересно и ново што може да го покаже пред светот. За мене уметноста е идеја, визуализација и креирање чуда како производ на фрустрацијата од просечност.“


За крај, трк до инстаграмот на Христијан @naashx.the.artista, ѕирнете ја неговата уметност и нарачајте си плетена торбичка!

291 views
bottom of page