top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Горчиновци - Славко Јаневски


Автор: Славко Јаневски

Година на издавање: 1980

Жанр: поезија

Наслов на оригиналот: „Горчиновци“




Осврт:

Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација на македонски поети и автори кои твореле на стандарден македонски јазик. Надоврзувајќи се на веќе споменатото, Јаневски е автор на првиот роман напишан на стандарден македонски јазик „Село зад седумте јасени“, а со својот широк творечки опус учествува во поставувањето на темелите на македонската современа литература во повоениот период.



Карактеристично за поетскиот израз на Јаневски е тоа што неговите стихови секогаш носат една немирна нишка, бунтовност својствена за наму особениот поетски призвук. Во една прилика, македонскиот академик Георги Старделов ќе забележи: лајт-мотив на неговото целокупно книжевно дело е токму борбата на неговата литература против познатото, речиси монструозно балканско митанисување пред историјата таква каква што ја познаваме на овие простори.



Уште една особеност на поезијата на Славко Јаневски, која се надоврзува на неговата карактеристична непосредност со сржта на својот народ тогаш и сега, претставува симболичната примена на елементи од словенската митологија, натпиродни појави и случки, а повторно приземјени со прониклив хумор кој е препозналтив не само за неговото поетско, но и прозно творештво.

Земајќи предвид дека збирката поезија „Горчиновци“ претставува ибор од најдобрите стихозбирки на Јаневски, пишувани во различни времиња и околности, читателот станува луциден набљудувач на уметничкиот и чувствен развој на поетот.



Неговата поезија изобилува со мелодична лексика и ритмични стихови, добивајќи карактеристичен призвук надоврзан на веќе образложените особености.



Неговото творештво лежи во основите на македонската стандардна литература, а насушно за човекот е да ја осознае суштината на своето постоење пред светот и како поединец кој е дел од својот народ. Народниот и човеков искон е најсочуван токму во литературата и уметноста како нишка најблиска до духовниот аспект на нашето битисување, со што оваа насушност повторно се потврдува.


Тишина

Кога булките ќе се истргнат од својот корен

и ќе појдат

една по една

кон својот залез

не следи ги,

свадби веќе нема,

на секој чекор стои по една есен

смешна, бела и гола.


Кога булките ќе остават зад себе пустош

затвори го во себе дождот.

Нека ѕвони во олукот на твоите жили

по еден познат таван

и молчи.


Кога ќе падне ветрот на твојот прозор

со три писоци танки

и плач на незрел жерав

пак молчи.

Булките мразеа говор.


Белешка за авторот:

Роден е во Скопје на 11 јануари 1920 година во печалбарско- занаетчиско семејство. Завршил стручно техничко училиште. Во текот на своето работење бил главен уредник на детските списанија: ,, Пионер “и ,, Титовче”, потоа – на хумористичкиот весник ,, Остен “, на литературните снисанија ,, Нов ден”, ,, Современост “и ,, Хоризонт” . Бил уредник во повеќе книгоиздателства. Ја извршувал функцијата главен уредник во Книгоиздателството ,, Македонска книга “, а бил член и на Советот на Федерацијата, претседател на Секцијата за самоуправни односи во културата при ССРН, претседател на ,,Рациновите средби “.


Спаѓа во редот на врвните македонски и југословенски писатели, со мошне богата и висококвалитетна литературна продукција. Автор е на романите: ,, Село зад седумте јасени “, ,, Две Марии”, ,, Месечар “, ,, И бол и бес”, ,, Стебла “и ,, Тврдоглави”, на повеста ,, Улица ” , на патеписната книга од Африка и Азија ,, Горчливи легенди “, на поетските творби: ,, Песни”, ,, Лирика “,” Егејска барутна бајка “, ,, Евангелие по Итар Пејо” и ,, Каинавелија “, на повеќе книги литература за деца и на сценарија за играни и кусометражни филмови, на збирките раскази: ,,Кловнови и луѓе”, ,,Омарнини” и ,,Ковчег “.


Добитник е на наградите за литература: АВНОЈ, ,, 11 Октомври “(двапати), ,, Младо поколение” (за најдобра југословенска книга за најмладите во годината), ,, Курирче “- награда на СР Словенија – Марибор, награда на ,, 3маевите детски игри “- Нови Сад, двапати награда ,, 3латна арена” на Филмскиот фестивал во Пула – за сценаријата на филмовите ,, Волча ноќ “и ,, Македонскиот дел од пеколот”, Награда на филмскиге работници на Германската Демократска Реиублика – за сценариото и режијата на филмот ,, Катастрофа, страдања, надежи “.


Одликуван е со ордените: Братство и единство со златна ѕвезда, Заслуги за народ со златна ѕвезда.


Литературните дела му се објавени во осум томови – на македонски и на српскохрватски јазик. Преведуван е на јазиците на југословенските народи и народности и на странските јазици: англиски, германски, италијански, француски, чешки, украински, унгарски и др.


За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 18 август 1967 година.


Починал 20 јануари 2000 година.


(Биографијата е превземена од официјалната страна на Македонска Академија на Науките и Уметностите МАНУ)

174 views
bottom of page