top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Лозје


Автор: Блаже Конески

Жанр: раскази

Година на издавање: 1955

Осврт:

Прозната збирка „Лозје“ на македонскиот книжевен великан Блаже Конески претставува негово прво книжевно остварување од областа на современиот расказ.


Насловеното дело се состои од десетина раскази низ кои се провлекува патот на откровението и созревањето на прозното творештво на авторот, за кое Конески во своите „Кажувања“ во редакција на поетот Цане Адреевски ќе истакне:

„ Јас не сум пишувал проза затоа што, можеби, не сум стекнал ни нвик да пишувам проза.. Секогаш сум бил многу зафатен со ред задачи. И практични, секидневни, како наставник, како човек што бил задолжен и во некои форми на општествениот и културниот живот. И, просто, поради немањето на време, јас сум се искажувал, главно, во поетска форма.“


Осврнувајќи се кон современата проза, Конески си споменува за особеностите на расказите на Хемингвеј, споредени со стилот на Гончаров, а најголемото влијание во своето прозно творештво, авторот го препознава во делото на Чехов.


Прозниот израз на авторот се одликува со карактеристична експресивност и мнултидимензоналност, поткрепена со еден извонреден мисловен континутитет и прочистен стил, подобен на мисловниот тек на читателот.


Ваквиот пристап на Конески не е случаен. Во еден наврат, авторот ќе истакне дека при создавањето на еден расказ насушно е да се достигне ефектот на постепено субјективно откривање на дејствието и текот на настаните, со што ќе се положи во природниот мисловен процес на оној кој го восприма.


Интересно е да се забележи дека Блаже Конески своите описи ги гради врз основа сочинета од апстрактни и конкретни аспекти, внимателно градејќи ја претставата за просторното опкружување на ликовите, но воедно без изразити подробности во однос на нивната физичка појава.


Расказите сочинети во збирката „Лозје“ исходат од личните доживувања и согледби на авторот, но во однос на подробноста на нивната субјективна природа, Конески ќе одговори:

„ Во литературата нема недоживеано. Само, може да биде од мене доживеано лично, може да биде раскажано, да сум го чул од друг. Па, можеби тоа што ми го раскажале да направило на мене многу поголем впечаток од тоа што самиот сум го доживеал. А може нешто и да измислам. А може нешто и да сонувам. А може нешто и од литературата да земам. Сето тоа е доживеано. Во секој случај треба да има канали за авторот да ја дознае реалноста. А тие канали треба да комуницираат и со него.“


Тешко е категорично да се одреди стожерниот мотив или нарав на расказите собрани во насловеното дело, бидејќи секој расказ подлежи на индивидуална критика согласно со различната природа на мотивската и содржинска подлога.

Како илустрација, расказот „Прочка“ има автобиографски мотив и наративот се одликува со една хронолошка доследност на настаните.


Заради ваквата мотивска основа, Конески се оградува од субјективноста во нарацијата и се дистанцира од дејствието, водејќи ја истата од аспект на набљудувач оддалечен од главниот лик, неговите емотивни побуди и настаните.

Во своите раскази авторот со филигранска внимателност создава слоевити пејсажи или портрети на просторот и времето доловени во душеподобни димензии, преку една исклучителна интроспекција и емотивен набој со кои се карактеризира прозниот израз на Конески, обрабен со рамка карактеристична за времето својствено на спомените, истовремно со хронолошката подробност и апстрактната нелинеарност, што говори за творечката извонредност на македонскиот великан Блаже Конески.


Цитати:


„Мојата љубов не можеше да се управи спрема секого, па макар колку тој да жедува, таа си бараше предмет достоен за својот занес и тоа беше нејзино свештено право пред кое паѓаше секоја предрасуда“

(Од расказот „Чевли“)


„Детето сега за прв пат дека во душата може да настане една студена празнина од допирот на нешто непознато , страшно и бесмислено и дека треба да му помогнеме на човека да ја преболи својата болка.“

(Од расказот „Прочка“)


„Најпосле, подобро би било самиот тој да не се згодеше овде да ја гледа сета случка. Тогаш ќе беше во ситуација на оние што ги определуваат принципите, но се далеку од тоа да ги засегнат во некаков вид подробностите на нивната примена“

(Од расказот „Изложба“)


„Убавиот лик не го следеше тој со вртење на глава, а го проследуваше, сѐ така загледан в земи, внатре во себе, дури не му се сталожи како неусетна издишка. Но макар тоа понекогаш да го печеше во градите, сето за него беше само созерцателна игра, во која впечатокот се исцрпува целиот сам себеси и не остава видна трага“

(Од расказот „Љубов“)


Белешка за авторот:

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е најзначајната фигура на македонскиот 20 век. Филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ).


Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.


Блаже Конески е роден во село Небрегово, Прилепско, каде живеел до својата осма година. Потоа, целото семејство се преселило во Прилеп и таму Конески учел основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија завршил во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнал во Белград, а ги завршил во Софија 1944 година.


По ослободувањето дошол во Скопје и развил богата културна и научна дејност.

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).


Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.


Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима.


Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

1,413 views
bottom of page