top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Тревога - Иван Додовски


Автор: Иван Додовски

Жанр: Поезија

Година на издавање: 2020г.

Наслов на оригиналот: „ Тревога“

Осврт:

Збирката поезија „Тревога“ на Иван Додовски го претставува неговото најново поетско издание со кое читателската публика за првпат се запозна во есента на 2020 година. Оваа збирка претставува откритие- преродба на стиховите на поетот пишувани многу порано пред да му бидат претставени на светот. Цитирам „ Овие песни се рожби од крајот на 20- от век кои долго го чекаа моето враќање. Милениумски премин и зазор. Бидете будни, тревогата трае.“

Она што е исклучително во поетскиот израз на Додовски е транспарентноста на мислата од која се раѓаат неговите стихови. Соодветно на тоа, неговите зборови се вниматлно одбрани и промислени, не постои шуплив израз поставен да ја задоволи уметничката помпезност.

Ваквата одлика на поезијата на Иван Додовски се должи на поетовата искреност- пред себе, во своите стихови и пред светот, правејќи ја достапна и разбрана, непретенциозна и незадушена- таква каква што треба да биде поезијата.

Оваа збирка претставува еден глас на исконска тревога, својствена за човекот, а најсилно почувствувана во неговата младост. Тргнувајќи од тоа дека песните се напишани пред повеќе од дваесет години, нивната тревога добива портрет токму тогаш кога е најсилно искусена, а нивниот облик расте и созрева, во куферот на поетот оставен на доволно многу години, да се изостри нивниот лик.

Стиховите на Иван Додовски се стихови на човековото интимно чувствување, верување, бунт, потрага, вик, љубов и воскликнување, пренесени со ислучителна дарба, на човек кој успеал да ја запознае својата древна тревога и да ја олицетвори во зборовите.

Покрај сето веќе споменато, песните на Додовски ја дефинираат и ја објаснуваат поезијата во својата најприродна форма- така како што таа треба да биде разбрана, со што ја доближуваат истата до секој што ќе ја прочита. Поезијата е чувстена уметност која својот зародиш го пронаоѓа во силната чувствителност на поетот, а нејзината појава пред светот е полет за сечие себеоткривање. Точно затоа, во нејзиниот најчист облик не постои простор за уметничката суета или намерна небулозност.

Токму овој прекрасен сплет на професионалната и личната исклучителност на Иван Додовски е родител на збирката „Тревога“ од која се слуша гласот на сечовечкото и севременото, а повторно, подобно на човекот денес и во блиското минато, роден тогаш кога бил најгласен, а покажан во мигот кога созреал доволно да стане интимен глас на секој што ќе ги прочита неговите стихови.


Непријатели


Сите тие мочурливи души

вкотвени под моето чело

- староседелци и добри лишки-

сите тие добиле повеќе простор

одошто кога и да е сонувале,

па сега се бунтуваат

како во своја куќа.


Ако! Сакам да ги спасам, од сомилост!

(Не! Сакам да ги избришам, од лична мака!)

Претаат со малите ножиња

во мене. Почнувам да ги сакам.


Ако и во мене изумрат,

како и кај ќе преживеат другаде?

Сум ги збрал в преграб како вселена.

Од своите гревови

сум ги хранел за да растат.

Пиеле од мојот крвоток,

алчно локале кој колку сака.


Нека ги така! Така и јас

во туѓи мисли постојам зграпчен.

И мене некој

така ме сака.



***


На таа што ќе дојде


Ме лови со босите прсти:

таа- не знам каде која каква.


Таа ѕерка како чекор:

вода тревка цутеж стебло

пета бела понорлива-

прескокнува кон мене во галоп!


Серафима

огнена ем лична

(само за мене чувана)

очи тивки розе дланка

гравче бело меше стапка

мудра веѓа палавка

слуша само

ај ни реч ни леб-

понада:


еве го тоа доближување

со таа чедна става

дух со духот

звук во песна

ребра светли:


таа моја таа роса таа таа

токму тогаш токму таква

Божјо чедо што ќе дојде

само не знам-


кога која каква


Белешка за авторот:

Иван Додовски (1974Г.) е професор по критичка теорија и културологија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Тој е поет, раскажувач, книжевен и театарски критичар, преведувач и научен истражувач.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата.

Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Остварил истражувачки престои и држел предавања на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија, на Универзитетот во Мелбурн, Австралија, на Универзитетот Дарби, Велика Британија, на Универзитетот во Јена, Германија и на универитетот „Костантин Философ“ во Нитра, Словачка.

За својата истражувачка работа на универзитетот во Нотингем ги добил академските награди „Хејман“ и „Гертрут Кропер“.

Иван Додовски објавувал поезија, преводи, книжевни студии, критики и есеи, како и филмски и театарски критики во повеќе македонски периодични списанија и весници.

Објавил четири книги поезија: Седенка со лкот, 1991; Луда луна, 1995; Света Лудост; Тревога, 2020 и една збирка раскази Големиот куфер, 2005 кои се преведени на англиски и на германски јазик.

Негови песни се објавени на англиски, хрватски, бугарски и на романски јазик. Застапен е во неколку антологии на современа македонска поезија и расказ.

Добитник е на „Прва награда за поезија“ на Интернационалниот фестивал на млади европски писатели „Понтес“ одржан во Крк, Хрватска, во 1999 година.

Иван Додовски е автор на теоретската студија Наративни стратегии во психолошкиот роман (2004) и приредувач на зборникот Мултикултурализмот во Македонија: модел на настанување / Multiculturalism in Macedonia: An Emerging Model (2005).

Приредил и десет томови со трудови од областа на европските студии и меѓународните односи. Скорешниот научен интерес на Иван Додовски се однесува на врските меѓу литературата и идентитетските политики, особено во современата драма, за што објавил академски трудови во домашни и меѓународни списанија.

За театролошката книга Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4ти Ноември“.

Иван Додовски е член на Меѓународната асоцијација за копаративна книжевност, Македонското друштво за компаративна книжевност и Друштвото на писателите на Македонија. Претседавач е на Македонскиот комитет на Европската мрежа за драма и превод „ Еуродрам“ со седиште во Луксембург и Париз.


(Биографијата е превземена од збирката поезија „Тревога“ во издаваштво на Слово, Скопје, 2020г.)

205 views
bottom of page